Вечерва, во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи концерт за четирирачно пијано со едни од најистакнатите македонски пијанистки – Марија Ѓошевска и Елена Атанасовска-Ивановска. На програмата се: свитата „Оревокршачка“ од Чајковски/Лангер, „Карневал на животните“ од К. Сен-Санс/Л. Гарбан и Македонска парафраза бр. 2 од македонската композиторка Бете Илин.

Елена Атанасовска-Ивановска и Марија Ѓошевска успешно ја претставуваат и ја афирмираат нашата земја и надвор од нејзините граници. На Факултетот за музичка уметност, во класата на Борис Романов, почнува нивното заедничко дружење преку музиката, каде што постојано им се придружуваат на сите клавирски концерти, кои бараат пијано-придружба. Дуото официјално почнува да концертира на фестивалот „Златна лира“ во 2009 година, а на нивниот репертоар за краток период се најдоа речиси сите капитални дела од светската литература за две пијана.