Конкурс за ученици без учебници?!

Стручното образование се распаѓа чекајќи ремонт. Веќе се објавени и конкурсите, кои навестуваат уште една поразителна учебна година за средното стручно образование – уште една генерација ќе се образова без учебници, уште една година нема да се следат вештините и афинитетите на основците, уште една година само ќе си зборуваме за дуално образование, уште една година ќе си коментираме како не се атрактивни програмите и ќе гледаме како никој не се труди да им го врати угледот на училиштата за кои со децении се смета дека се за двојкаши

Неодамна се објави годинашниот конкурс за упис во средно образование. За над 35 илјади слободни места ќе се пријават над 11 илјади деветтоодделенци. Како и сите изминати уписни години, се очекува уште во првиот уписен рок да се пополнат гимназиите и средното медицинско, а другото стручно образование, најверојатно повторно мака ќе мачи со прием на нови ученици во сите уписни рокови. Уште во првиот рок веројатно ќе бидат „зафатени“ гимназиските столчиња во „Јосип Броз Тито“, во „Раде Јовчевски-Корчагин“, во „Орце Николов“, „Никола Карев“, а по првиот уписен рок, место нема да има ниту во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. И којзнае по кој пат, ова е така затоа што нема идеја на државно ниво за средното стручно образование, со која би се направиле атрактивни тамошните програми за идните средношколци. Ова е уште една година поразителна за средното стручно образование – уште една година без учебници и уште една година без професионална ориентација на основците. Уште една година, ќе си зборуваме и читаме за дуално образование, додека во практика, резултати ќе почекаме.

Македонското средно стручно образование одамна плаче за ремонт. Ем не се атрактивни програмите, ем нема учебници, ем никој не се труди да им го врати угледот на училиштата за кои се смета дека се за двојкаши. Доказ дека ова последново е така, е просечниот успех на учениците што се запишуваат во средното стручно образование, кои од година на година се со сѐ послаби предзнаења. На пример, во училиштето „Михајло Пупин“ во минатото постоеше практика преку која веќе запишаните ученици полагаа ненајавени тестови, кои покажуваа какви им се предзнаењата. Резултатите беа загрижувачки. Иако вакви тестови не се задолжителни на ниво на држава, тие се добра мерка, можат да покажат што научиле децата во претходното деветгодишно образование.

Сепак, во ова училиште постои придвижување изминативе години, односно практиката покажува дека сѐ поактуелни се насоките компјутерска техника и информатика, како и т.н. ЕВН-паралелка, која гарантира вработување по завршувањето на образованието. Токму во таа насока е потребно да работат и другите училишта за средно образование, директорите да се добри менаџери да умеат да се поврзат директно со стопанството и на овој начин да им понудат на младите работа и плата по завршувањето на образованието. Така, во исто време и ќе се зголемува интересот за упис, но и компаниите ќе го добиваат тоа што им е потребно како кадар.

Во меѓувреме и државата и стопанството мака мачат со недостиг од квалитетни кадри, токму среднисти. Но можни ли се воопшто кадри ако нема учебници, ако нема практика, ако со години ништо не се презема…

Но еден од најгорливите проблеми во македонското средно стручно образование е што нема учебници. Цели генерации завршуваат без учебници по најстручните предмети. Точно, практиката е најважна, но ни неа ја нема онолку колку што треба да ја има. На ова прашање „Нова Македонија“ посвети серија написи, но и по тие написи, одговорните во Министерството за образование и наука, ништо значајно не менуваат на подобро. Иако во изминативе 12 години се испечатени учебници за околу 300 предмети, сепак голем е бројот на стручни предмети по кои учениците воопшто немаат учебник, бидејќи воопшто не се напишани. Несериозниот однос кон ова прашање ја наметнува дилемата какви генерации завршуваат и какви знаења усвојуваат, кога целиот процес од четиригодишно образование го поминуваат без книги од кои треба да учат. А едно од решенијата може да бидат прирачници, како случајот во Србија (каде што нема учебници по 900 стручни предмети), кои секако би се правеле со дозвола од Министерството за образование и наука. Бидејќи целиот процес за изработка на учебник е сложен и долготраен, исто така, една од можностите е државата еднократно да им плати за авторските права на професори-автори, кои би изработиле прирачници од кои учениците ќе можат да учат, за наставата да биде покриена со основна литература. Се разбира, при изработката ќе се внимава материјалот да биде во согласност со наставниот план и програма, а прирачниците – одобрени од Националната комисија за учебници и од другите надлежни во Министерството.

Од друга страна, стручното образование не го испорачува тоа што му треба на стопанството. Искуствата и анализите на пазарот на трудот и побарувачката на стручни кадри покажуваат дека постои недостиг токму од стручни занимања за кои е доволна средна стручна подготовка и кои можат веднаш да се вклучат во работниот процес. Пазарот на трудот има потреба и од кадри со завршено средно стручно образование, па затоа, којзнае по кој пат, уште еден апел државата да почне долгорочно да ги планира, димензионира и да ги насочува образованието и уписните квоти во средните училишта во согласност со потребите на стопанството.
Изминува уште една учебна година без насочување на основците. Никој не ги следи афинитетите и вештините на децата, не постои професионална ориентација во училиштата, иако за неа слушавме ветувања дека ќе ја има. Не се знае кој за што го бидува, како што знаат во развиените европски држави, за да може детето полесно да го направи изборот на средното училиште. Но кај нас, оние што не знаат каде, се запишуваат во гимназија. А имаше предвидено воведување професионална ориентација во ланските законски измени, кои сега не важат.

Пред пет години беше промовирана и стратегија за стручно образование и обука, а на хартија стои дека треба да се работи на подобрување и на осовременување на средното стручно образование. Тој документ требаше да го подобри и неформалниот систем на стручно образование, кој предвидуваше од постсредно стручно образование, обуки за вештини и квалификации, како и решение за 40 отсто од населението, кое нема никакви квалификации, што е сериозен проблем за државата.
Решенија за средното стручно образование има, начини има. Потребни се само волја и посветување, но тие отсуствуваат. Затоа и сме овде каде што сме.