Конечно време за будење

Денес ќе пишувам за двајца охриѓани, Македонци, што се во сродство со мене, но и за лажните и невистинити податоци што ги има насекаде околу нас, во книгите и на интернет. Некој ќе рече, тие се дел од нашето секојдневие. Но она што е евидентно е дека тие не само што не се случајни туку се базираат на добро осмислена и агресивна стратегија, за што ќе набележам подетално во текстот. На самиот почеток би сакал да ве потсетам на содржината на филмот „Лажливец, лажливец“, во кој се зборува за адвокат што целата своја кариера ја градел на лажење, па се наоѓа проколнат да ја зборува вистината само еден ден, а подоцна ќе ја истакнам поврзаноста на претходно споменатата стратегија со овој филм.
Првиот Македонец е Анастас Коцарев (Охрид, 1889 – Женева, Швајцарија, 1931), во светската наука познат како Anastas Kotzareff, истакнат македонски творец, научник, ерудит, лекар, човекот чија креативна мисла и луциден научен и лекарски дух оставија трајни белези во светот. Охриѓанецот Атанас Коцарев е еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата. Тој прв во светот направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Негов учител и соработник, со која соработувал на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум, е нобеловката Марија Кири, првата личност добитник на две Нобелови награди, во 1903 година за физика и во 1911 година за хемија. Неговите научни работи дури 100 години по објавувањата сѐ уште се актуелни. Коцарев создаде грандиозно дело, што е сѐ уште присутно во научните кругови: на платформата Гугл научник (Google Scholar) лесно се проверува дека има еден негов труд, којшто, и во 2021 година, е цитиран двапати. Освен на научната работа, Атанас Коцарев го посвети својот животот и за македонската кауза, залагајќи се за „единствена и независна Македонија“. Во времето на Версајската мировна конференција, македонските друштва во Швајцарија формираат Главен одбор на македонските друштва за одбрана на целоста и државната конституција на Македонија. Во 1918 година, Коцарев ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничкото Друштво на Македонците за независна Македонија.

Вториот Македонец е Димитри Митан (Охрид, 1865 – Охрид, 1935), првиот охридски професионален фотограф. За неговиот живот и дело повеќе може да прочитате во магистерскиот труд „Фотографијата како историско сведоштво за градот Охрид во периодот 1913 – 1991 година“ од Никола Митровиќ, сработен на Филозофскиот факултет при УКИМ во 2009 година. Митан живее, учи и работи во повеќе градови: Цариград, Скопје, Букурешт, Крушево, но најмногу во Охрид. Таму, во Охрид, во близината на познатиот охридски чинар, се наоѓало неговото фотографско ателје. Неговите фотографии од Крушево, Призрен и Охрид ги покажуваат убавините на овие градови и се непроценливи обиди минатото да се задржи, зачува вечно. Позната е неговата фотографија наречена „Херојството кај Кадино Село“, на која е прикажано самоубиството на Методиј Патчев и неговите соборци во приземната просторија во една куќа кај Кадино Село. Неговите фотографии претставуваат сведоштво на македонската опстојба, борбата на македонскиот народ за слобода и за сопствена држава. Според кажувањата на неговата внука, Димитри Митан, свесен за значењето на неговите фотографии, на смртната постела оставил аманет „чувајте ги фотографиите, тие се потребни за историјата на Македонија“. Но, за жал, неговиот аманет не бил испочитуван и грижливо чуваните негативи биле фрлени како „непотребни парчиња стакло“.
На самиот почеток укажав на сродството меѓу нив и мене, но сега ќе бидам поконкретен. Првиот, Анастас, е мој далечен роднина (по линијата на дедо ми, од татковата страна), вториот, Димитри, е мој прадедо (по линијата на баба ми, од татковата страна). Инаку, мојот дедо Димитар е крстен од Христо Узунов, кој во писмото до неговата мајка ќе напише: „И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила“. И двајцата, Анастас и Димитри се Македонци, за што можат да посведочат нивните роднини. За Димитри можат да посведочат сите денес живи внуци, девет на број, Љубинка, Ѓорѓи, Елица, Мирјана, Иванчо, Слободанка, Славка, Татјана и Весна, но и јас сум сведок на кажувањата на баба ми Викторија, неговата ќерка. На фотографијата се прикажани баба ми Викторија и дедо ми Димитар.

На фотографијата се прикажани баба ми Викторија и дедо ми Димитар од Охрид, кои иако секогаш имале самоспознание дека се Македонци, Бугарија и денес сака да ги „квалификува“ како Бугари

За бугарските администратори на Википедија, меѓутоа, многу Македонци родени пред 1945 година се Бугари, додека оние родени по 1945 година сѐ почесто стануваат северномакедонци, или, кратко кажано, се води кон тоа да нема повеќе Македонци. Така, и Анастас и Димитри, според бугарската Википедија, се бугарски дејци. Потоа, на пример, за Јасна Котеска на бугарската Википедија ќе прочитате: „Ясна Котеска (на македонска литературна норма: Јасна Котеска) е северномакедонска писателка, литературна теоретичка, философка и университетски професор, авторка на книги за философия, психология, литературна теория и документалистика. Дъщеря е на северномакедонския поет Йован Котески (1932 – 2001)“. Да резимирам, промените на Википедија веќе се почнати. Неодамна, пред една недела, како претседател на МАНУ, добив покана да учествувам на работилница на која, заради подобрување на дискусиите, организаторот обезбедува симултано толкување/преведување на повеќе јазици, вклучувајќи го и северномакедонски јазик. Поради тоа, Претседателството на МАНУ, по моја иницијатива, експресно одговори: „Претседателството го осуди погрешното именување на државниот (службениот) јазик на земјата како северномакедонски, кој во согласност со Уставот на државата (членот 7) и во комуникацијата со меѓународните организации и ОН се именува само како македонски. Истовремено, Академијата потенцира дека и според научните класификации северномакедонски јазик не постои“.
Оттука, Претседателството му укажа на организаторот дека дописот треба соодветно да се коригира и побара, во иднина, да не се повтори ваквото ословување на македонскиот јазик. Предметот на поканата не е тема за дискусија, но пораките што се праќаат во секоја пригода се повеќе од јасни, а за жал, тие пораки ги праќаат и дел од нашите политичари.

А сега да се вратам на филмот и да ја подвлечам најавената негова поврзаност со споменатата стратегија за разнебитување, разорување, распаѓање на државата Македонија. Имено, некои историчари, професори, дејци своите кариери, како и во филмот, ги градат врз изнесување/промовирање невистинити податоци, кои водат кон негирање на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Притоа, тие се најмал проблем и сите мои реакции досега беа насочени кон македонските неуки, сервилни и алчни политичари. Денес мислам дека и тие не се проблем. Дури, не ме интересира дали тие, како и во филмот, барем еден ден ќе бидат проколнати да ја зборуваат вистината. Зошто? Затоа што вистината е независна од сите нив, милиони Македонци се сведоци за тоа и тоа ќе остане запишано за навек.
Триесет години по стекнувањето независност, за жал, патеката по која се движи Македонија може да заврши во бездна, да доведе, ќе повторам уште еднаш, до целосно разнебитување, разорување, распаѓање на државата Македонија. Се надевам дека денешниве македонски политичари нема ни педа да отстапат од програмата на Анастас Коцарев, како и на многу други наши дејци, за единствена и независна Македонија. „Постои време за сè и сезона за секоја активност под небото.“ Денес е време да се зборува, да се биде гласен, време за помирување меѓу Македонците, за општествен и духовен мир без дивеењата што ги гледаме катадневно веќе со години, време за Македонија со повеќевековно минато и долгорочна просперитетна иднина.

„А и ние самите сме виновни што дозволивме да нè мачат секакви измамници и ништожници. Ги гледаме од високо, ни стана сеедно, па тие зедоа замав, заборавија кои се. Но, нека, немаше да се разбудиме доколку беа попаметни“. Крајно време е да се разбудиме сите заедно, оти, „илјадапати се каеме за она што го кажуваме, но многу ретко за она што го премолчуваме“. Јас, во духот на моите предци по мојот татко и по мојата втора мајка Македонија, и пред сѐ МАНУ, подолго време не молчиме и, ви ветувам, ќе продолжиме да го штитиме повеќевековното опстојување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, ќе продолжиме да поттикнуваме, координираме, организираме и вршиме научни истражувања и уметнички остварувања, а особено оние што се од особено значење за Македонија.