Фото: Дарко Андоновски

Една од најголемите банки во земјава најави дека во следниов период во фокусот на работењето ќе биде поддршката на приватниот сектор преку креирање на продукти со поволни, атрактивни и кориснички приспособени услови, по поволните сигнали кои претходно пристигнаа од Народна банка. Дали конечно стопанството ќе дојде до толку потребните поевтини пари како предуслов за подинамичен раст на економијата

Ќе имаме ли раздвижување на понудата кај комерцијалните банки и пад на каматите на кредитите што ги одобруваат за компаниите? Народна банка во изминатава година во неколку наврати ја намали каматата на благајничките записи, со што испрати сигнал до банките да ги намалат каматите, но и дека треба повеќе пари да се пласираат во бизнис-секторот. Иако досега изостануваа конкретни активности кај комерцијалните банки во насока на разлабавување на кредитната политика кон компаниите, од неодамна една од трите најголеми банки во земјава најави намалување на каматите на кредитите што ги одобруваат за компаниите.

– НЛБ воведе нови кредитни продукти за правни лица со намалени каматни стапки и со поповолни услови. Каматните стапки на новоодобрените кредити се намалени во просек до 1,5 процентен поен. Новите кредитни продукти се наменети за мали, средни и големи претпријатија. Намената на овие кредитни продукти е за инвестиции во основен капитал, за обртен капитал и за трајни обртни средства. Исто така, воведени се и нови кредитни продукти за нето-извозниците, кои се акцелератор на економскиот развој во секоја земја – посочуваат од НЛБ.

Од банката додаваат дека новите кредитни продукти заедно со постојниот пакет за нето-извозници формираат една од најцелосните понуди на услуги за овој пазарен сегмент. Исто така посочија дека започнуваат со пласирање на средства од кредитната линија од Македонска банка за поддршка на развојот, со која се дополнува понудата со кредити со фиксна каматна стапка до 12 години. Меѓу другото беше посочено дека во периодот што следува во фокусот на работењето ќе биде поддршката на приватниот сектор преку креирање на продукти со поволни, атрактивни и кориснички приспособени услови. Исто така, најавија дека ќе продолжат со финансирањето на големите проекти и инвестиции приспособени на специфичните потреби и услови на поединечните проекти.

Од Народна банка на Република Северна Македонија појаснуваат дека намалувањето на основната каматна стапка во март, како и намалувањето во три наврати минатата година, се темели на континуираните поволни движења на девизниот пазар, што упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти.

– Тековните движења покажуваат низок и стабилен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци. Дополнителен простор за монетарно олабавување во март создаде и најавата на ЕЦБ за задржување на каматните стапки на тековното ниво подолго од претходно очекуваното, како и за дополнително олабавување преку други монетарни инструменти – истакнуваат од Народна банка. Претставниците на оваа институција додаваат дека врз каматната политика на деловните банки, покрај каматната стапка на благајничките записи, влијаат и низа други фактори, вклучувајќи ги и конкуренцијата, квалитетот на активата, согледувањата за ризиците во економијата и слично. Според нив, досегашното искуство покажува дека деловните банки ги следат сигналите на Народна банка, но не прецизираа дали и во следниов период може да очекуваме ново намалување на каматата на благајничките записи. Од НБРМ појаснија дека поставеноста на монетарната политика зависи од нивните согледувања и оцени за тековните економски и финансиски услови и од очекувањата за идните движења, врз основа на кои ги носат одлуките за висината на основната каматна стапка.

– И во натамошниот период овие одлуки ќе се темелат врз оцените и согледувањата до кои ќе дојдеме при редовното следење на трендовите во економијата и окружувањето, за што јавноста ја известуваме преку соопштенијата. Досега трендовите се поволни, поради што и каматната стапка тековно е позиционирана на историски најниско ниво. Во тек е редовната пролетна ревизија на макроекономските проекции на Народна банка, со која подетално ќе бидат оценети движењата во економијата, очекувањата за натамошниот период, како и ризиците кои ги имаме предвид при носењето на одлуките за висината на основната каматна стапка – додаваат од НБРМ.

Останува да видиме дали во следниве месеци и некои од другите банки ќе го следат примерот и ќе понудат поевтини кредити за корпоративниот сектор. Она што веќе е познато е дека банките при кредитирање на компаниите ги земаат предвид и екстерните фактори како општата политичка и безбедносна состојба во државата, кои директно влијаат на побарувачката на кредити од страна на стопанските субјекти, но и на понудата на кредити од страна на банките. Потоа, исто така важен економски фактор е оцената на кредитоспособноста на компаниите.

Од друга страна, честопати се укажува на тоа дека банките се и многу строги со корисниците на кредити и дека тешко одобруваат кредити за компаниите, особено за малите и средни претпријатија.

– Пристапот до финансии за компаниите сѐ уште е проблем. Иако банкарскиот сектор е многу профитабилен и ликвиден, мислам дека има уште многу проблеми поради кои свежите пари со тешкотии стигнуваат до малите и средни компании. Тие немаат доволно капацитет да подготват квалитетен бизнис-план, а тоа кај банките претставува ризик што ги прави кредитите поскапи за фирмите – вели Јанмат Фрик, раководител на проекти од делегацијата на Европска Унија.

[email protected]