Сценарио од времето на Студената војна прогнозира дека при нуклеарен судир би умреле над 335 милиони луѓе. САД, Русија и Кина и денес се соочени со таков конфликт, а последиците веројатно би биле уште покатастрофални

Кајл Мизоками

Сеопфатен напад на САД врз Советскиот Сојуз, Кина и сателитските земји во 1962 година би убил вкупно 335 милиони луѓе во првите седумдесет и два часа, вели еден извештај од тоа време. Не е претерување да се каже дека за оние кои растеле во времето на Студената војна, глобалната нуклеарна војна беше „најголемиот кошмар“.

Изгледите еден обичен ден да биде прекинат од сирени на воздушни напади, камбани и од пеколната жештина на термонуклеарна експлозија беа многу реална, иако далечна, можност. Телевизиските филмови како „Денот потоа“ прикажуваа нуклеарен напад и постепена дезинтеграција на општеството по него. При севкупен нуклеарен напад, поголем дел од развиениот свет би бил бомбардиран и би се вратил назад во Камено доба, со стотици милиони директни жртви и со можеби над една милијарда други, кои подоцна би умреле од радијација, болести и глад во повоениот период.
За време на поголемиот дел од Студената војна, американскиот план за нуклеарен конфликт беше познат како СИОП или Единствен интегриран оперативен план. Првиот СИОП, воведен во 1962 година, беше познат како СИОП-62, и неговите ефекти врз Советскиот Сојуз, Варшавскиот пакт и Кина беа наведени во документ напишан за Здружениот генералштаб, кој беше обелоденет во 2011 година од националните безбедносни архиви на САД. Документот претпоставуваше нова берлинска криза, слична на таа од 1961 година, која потоа би ескалирала во тотална војна во Западна Европа.

Иако военото сценарио беше измислено, процените по нападот беа многу реални. Според извештајот, изгледите за земјите од комунистичкиот блок, кои би биле цел на директен удар од американската нуклеарен арсенал, се мрачни. Документот ги дели сценаријата за напад на две категории. Во првото сценарио, оперативните нуклеарни сили на САД, односно процентот од вкупниот нуклеарен арсенал на САД што се држи во состојба на постојана подготвеност за напади, би ги погодиле Советскиот Сојуз и неговите сојузници. Во второто сценарио би се искористила севкупната сила на нуклеарниот арсенал на САД.

Според СИОП, во првиот случај би биле погодени околу 1.000 инсталации поврзани со нуклеарниот арсенал на непријателот. Сценариото, кое претпоставувало претходно предупредување за советски напад и превентивен американски напад, би погодило 75 отсто од овие цели и тоа со нуклеарните капацитети што САД ги имаат во состојба на постојана подготвеност. Во таков случај, нуклеарните сили на САД би ги нападнале нуклеарните сили и центрите за команда и контрола на Советите, Кинезите и на Варшавскиот пакт. Во извештајот се наведува дека 83-88 отсто од сите цели би биле уништени со веројатност од 70 отсто.

Според првото сценарио би биле погодени 199 советски градови со население од 50.000 или повеќе жители. Тоа би значело дека 56 отсто од урбаното население и 37 отсто од вкупното население би биле жртви на нападите, повеќето од кои би умреле при дезинтеграција на општеството по нив. Во Кина би биле погодени 49 града, со што 41 отсто од урбаното население би биле жртви, односно десет отсто од вкупното население. Во Источна Европа би биле погодени само воени цели, со проектирани 1,38 милион жртви на нуклеарните напади на САД.

Севкупен напад со целосна употреба на американската нуклеарна моќ би бил многу потрагичен. Напад со сета американска нуклеарна сила би уништил 295 града, оставајќи недопрени само пет града со население од по 50.000 или повеќе жители.

Дури 72 отсто од урбаното население и 54 отсто од вкупното население би биле жртви, или, како што посочуваат националните безбедносни архиви, тоа значи дека веројатно би биле убиени 108 милиони луѓе од вкупно население од 217 милиони жители. Во Кина би биле погодени 78 града, што би погодило 53 отсто од урбаното население и 16 отсто од вкупното население. Жртвите во Источна Европа би надминале четири милиони луѓе. Конечно, севкупен американски напад врз Советскиот Сојуз, Кина и сателитските земји во 1962 година би убил 335 милиони луѓе во првите 72 часа.

Извештајот СИОП-62 не се обидува да ги процени американските жртви при евентуална нуклеарна војна. Сепак, извештајот од 1978 година подготвен за Канцеларијата на Пентагон за технолошки процени (ОТА), насловен како „Ефектите од нуклеарна војна“, нуди мрачни детали за тоа што би се случило ако Советскиот Сојуз го употреби својот нуклеарен арсенал врз САД.

Извештајот на ОТА посочува дека во случај на советски напад против американските нуклеарни сили, други воени цели, економски цели и населението на САД би резултирал со 60-88 милиони убиени Американци. Со доволно рано предупредување, поголемите градови и индустриски региони би можеле да бидат евакуирани, но тоа само ќе го намали бројот на жртвите на 51-47 милиони лица. Во такво сценарио сигурно би имало и напади врз сојузниците на САД, вклучувајќи ги и земјите на НАТО, Јапонија и Јужна Кореја, но тие не се опфатени со посочената студија.

Во друг извештај со наслов „Жртви на експлозии, топлина и радијација од хипотетички нуклеарни напади врз САД“, претпоставува советски напад против 1.215 американски стратегиски нуклеарни цели. Нападот вклучува речиси 3.000 боеви глави со вкупна јачина од околу 1.340 мегатони. Бидејќи нападите се извршени врз утврдени објекти, особено против силоси за интерконтинентални балистички проектили, тие се предвидува да бидат извршени со интерконтинентални балистички ракети „сс-18 сатана“, при што секоја од нив носи по десет боеви глави со јачина од 550-750 килотони. Нападите против САД би биле извршени со интерконтинентални балистички ракети и со балистички ракети истрелани од подморници или од бреговите на непријателот.

Резултатот од овој дури и скромен напад, кој во голема мера би ги поштедил од нуклеарна катастрофа градовите од т.н. среден запад на САД, би биле 13-34 милиони директни жртви или вкупно 25-64 милиони жртви. Сепак, нападнати со 1.215 нуклеарни оружја, САД би изгубиле многу помалку луѓе отколку што би загубил Советскиот Сојуз, според процените на стратегиската воздухопловна команда од 1962 година.

Разликите во бројките веројатно се поради поголемите јачини на американското нуклеарно оружје во 1960-тите наспроти советските нуклеарни оружја во 1980-тите, но исто така и поради тоа што во времето на извештајот на воздухопловната команда на САД, советските нуклеарни сили главно беа ограничени на бомбардерите.

Советскиот Сојуз во 1962 година имаше меѓу 300 и 320 нуклеарни оружја и сите освен 40 од нив зависеа од бомбардери. Базите на бомбардерите веројатно беа поблизу до главните населени места. Главна предност на американското нуклеарно оружје во однос на советските градови исто така беше присуството на локалните аеродроми, кои би функционирале како аеродроми за дисперзирање на нуклеарните бомбардери. Од друга страна, советскиот напад со интерконтинентални балистички ракети главно би погодил региони и бази на бомбардери со мала густина на население во американскиот среден запад, плус мал број подморнички бази на двата брега на САД.
Колку и да се катастрофални ваквите проекции, тие самите признаваат дека не ја кажуваат целата приказна. Иако овие три студии прогнозираат непосредни ефекти од нуклеарен напад, долгорочните последици може да убијат многу повеќе луѓе отколку самиот напад. Уништувањето на градовите ќе им оневозможи основна здравствена заштита на милиони ранети лица, дури и на оние кои инаку би можеле лесно да преживеат. Она што ќе остане од државниот систем во која било од погодените земји тешко ќе може да го одржи редот при недостиг од храна и енергија, контаминирана почва, раширени болести и огромен број раселени лица. За една година, во зависност од сериозноста на нападот, вкупните жртви што произлегуваат од него, би можеле да се удвојат.

Заканата од нуклеарна војна меѓу САД и Советскиот Сојуз заврши, но САД сега се соочуваат со можноста за слична војна со Русија или со Кина. Ефектите од нуклеарна војна во 21 век се еднакво тешки. Чекорите за да се избегне нуклеарна војна, пак, се исти какви што беа и при Студената војна: контрола на оружјето, мерки за градење меѓусебна доверба и деескалација на тензиите.

Авторот е безбедносен експерт и колумнист на
„Форин полиси“