Напаѓачот на Ливерпул, кој во премиерната сезона веќе постигна 31 гол, е прогласен за најдобар фудбалер на сезоната во Англија, во изборот на Асоцијацијата на професионални фудбалери, победувајќи ги Де Брујне, Силва, Сане, Кејн и Де Геа

Египќанецот Мохамед Салах (25), напаѓачот на Ливерпул, е прогласен за најдобар играч на сезоната 2017/2018 во англиската Премиер-лига, во изборот на Асоцијацијата на професионални фудбалери (ПФА). Во конкуренција за играч на сезоната беа уште Кевин де Брујне, Давид Силва, Лирој Сане (Манчестер сити), Хари Кејн (Тотенхем) и Давид де Геа (Манчестер јунајтед).
– Среќен сум и горд, ова е големо признание за мене, посебно поради тоа што доаѓа од колегите фудбалери. Не добив вистинска шанса во Челси, но верував дека еден ден ќе се вратам во Премиер-лигата и ќе покажам што можам и умеам. Мислам дека сега сум сосема поинаква личност и играч од она што бев пред неколку сезони кога заминав од Англија – изјави Салах.

Салах е на добар пат сезонава да ја освои и „златната копачка“ како најдобар стрелец во Премиер-лигата (веќе постигна 31 гол на 33 меча, плус девет асистенции) со што веќе се израмни со Алан Ширер, Кристијано Роналдо и со Луис Суарез. Покрај тоа, за очекување е тој да го добие и признанието за најдобар играч во изборот на Асоцијацијата на фудбалски новинари на Англија (ПФА). Со головите, пак, засега води и во трката за „златната копачка“ на Европа.

Салах е првиот фудбалер на Ливерпул, по Луис Суарез во 2014-та, вкупно седми, што го добива ова признание. Тој сезонава постигна вкупно 41 гол во сите конкуренции и има шанса да го достигне Иан Раш, кој е клупски рекордер со 47 гола во сезоната 1983/84. Салах беше повеќе од импресивен во својата прва сезона во дресот на Ливерпул за што говори и тоа дека е првиот фудбалер во историјата на Премиер-лигата што трипати бил прогласуван за играч на месецот (во ноември, февруари и во март).
Признанието за најдобар млад играч на сезоната му припадна на германскиот интернационалец, Лирој Сане (22) од Манчестер сити чиј удел во освојувањето на шампионската титула беа девет гола и 12 асистенции. 


За 45 години само петмина успеале двапати да бидат најдобри

Наградата за најдобар играч на сезоната во Англија во изборот на фудбалерите, се доделува 45 години едноподруго, од сезоната 1973/74. Прв добитник на ова признание беше Норман Хантер од Лидс, а оттогаш имало 40 лауреати. Само петмина во минатите речиси пет децении по двапати биле прогласувани за играчи на сезоната. Тоа се Марк Хјуз од Манчестер јунајтед (1989 и 1991 година), Алан Ширер, Блекбурн и Њукасл (1995 и 1997), Тиери Анри од Арсенал (2003, 2004), Кристијано Роналдо од Манчестер јунајтед (2007 и 2008) и Герет Бејл од Тотенхем (2011 и 2013-та). Само двајца, Анри и Роналдо, две сезони едноподруго биле најдобри, а Ширер е единствениот што го добил признанието настапувајќи за два тима.