Фергусон и Венгер имаа долгогодишно ривалство

Менаџерите-шампиони на Англија што во нешто биле први се, меѓу другите, Садел, Ремзи, Далглиш, Фергусон, Венгер, Пелегрини…

Манчестер сити ја освои петтата титула фудбалски првак на Англија и тоа со петти различен менаџер на клупата. „Граѓаните“ до титулите беа предводени од Англичаните Вилф Вајлд во 1937 година и Џо Мерсер во 1968-ма, Италијанецот Роберто Манчини во 2012-та, Чилеанецот Мануел Пелегрини во 2014 година и од Шпанецот Пеп Гвардиола годинава. Од другите екипи, на пример градскиот ривал Манчестер јунајтед своите 20 титули ги освои со тројца менаџери и тоа Англичанецот Ернест Мангнал во 1908 и во 1911 година и Шкотланѓаните Мат Безби во 1952, 1956, 1957, 1965 и 1967 година и Алекс Фергусон 13 титули од 1993 до 2013 година.

Ливерпул има 18 трофеи, освоени со седуммина менаџери, од кои се издвојуваат Англичанецот Том Вотсон, кој во 1906 година му донесе титула на клубот со која Ливерпул стана првата екипа што веднаш по влегувањето во најсилната лига во истата сезона ја освои титулата. Меѓу истакнатите е и Шкотланѓанецот Кени Далглиш, кој во 1986 година стана првиот и засега единствен играч-менаџер со титула во Англија. Челси има шест титули со четворица менаџери (од нив три се под палката на Португалецот Жозе Мурињо, а по една освоија Англичанецот Тед Дрејк и Италијанците Карло Анчелоти и Антонио Конте).

Арсенал, пак, има седум менаџери за 13-те титули, од кои најзабележителен е актуелниот, Французинот Арсен Венгер (има три титули), кој е првиот менаџер-шампион на Англија што не е Британец и првиот во модерната ера на Премиер-лигата што една титула ја освоил без пораз. Гвардиола ја стави и Шпанија меѓу земјите од каде што доаѓаат менаџерите-победници во Англија и таа земја е седмата странска од каде што потекнува кормиларот на шампионот на Англија. Досега менаџерите-шампиони во Англија се од осум земји, и тоа 36 од Англија, 10 од Шкотска, четворица од Италија и по еден од Франција, Португалија, Ирска, Чиле и од Шпанија.

Од другите пробивачи на мраз, Англичанецот Вилијам Садел е првиот кормилар со титула во англиските првенства, предводејќи го Престон во првата сезона, во 1889 година. Првиот менаџер-првак што не бил Англичанец бил Шкотланѓанецот Џорџ Ремзи со Астон Вила во 1894 година. Речиси еден век подоцна, во 1998 година, Французинот Арсен Венгер стана првиот менаџер на шампион на Англија што не е Британец, а во 2014 година Чилеанецот Мануел Пелегрини стана првиот кормилар што не е од Европа, а освоил англиска титула. Шкотланѓанецот Алекс Фергусон, покрај тоа што е рекордер со 13 титули (сите со Манчестер јунајтед), тој е првиот што ја освои титулата во Премиер-лигата (1993 година), прв со три титули во низа итн.