Кои биле Бугарите, кои Македонците

БОРБАТА ЗА СОЗДАВАЊЕ МАКЕДОНСКА ДРЖАВНОСТ ВО ПЕРИОДОТ НА ГОЛЕМАТА ИСТОЧНА КРИЗА (1)

Весникот „Нова Македонија“ го објавува во повеќе продолженија трудот на професорот Владо Поповски, насловен „Борбата за создавање македонска државност во периодот на големата источна криза“, кој е составен дел на зборник од трудови посветени на ослободителните борби на Македонија од Источната криза до Балканските војни. Зборникот е составен од трудови од Меѓународната научна конференција посветена на 112-годишнината од Илинденското востание, организирана од Бугарската академија на науките и МАНУ во Битола. Текстот во кој главни теми се Кресненското и Разловечкото востание и идеалите и целите на востаниците е преземен од тој Зборник, кој двојазично е отпечатен во Софија. Насловите и меѓунасловите се редакциски. Читателите што ќе го читаат овој фељтон сигурно ќе пронајдат многу дилеми што траат до денес меѓу македонската и бугарската историја и наука

Д-р Владо Поповски

Борбата за слобода на Македонија и за создавање македонска државност се јави во втората половина на XIX век, во рамките на големата Источна криза. Хронолошки, во случајот со Македонија, кризата се развлече од 1876 до 1881 година. Манифестацијата на борбата за слобода и за македонска државност се пројави преку двете востанија, Разловечкото и Кресненското од 1876 и 1878/79 година, и преку политичките акции на Македонската Лига, на Националното Собрание на Македонија и на Привремената влада на Македонија „Единство“ од 1880 и 1881 година. Тие востанија и политички акции ги крена и придвижи првата македонска револуционерна генерација предводена од познатите македонски војводи и борци Илија Марков Малешевски, Димитар Поп Георгиев Беровски, Ѓорѓија Пулевски, Стефо Николов, Иван Капчев, Костадин Трпков-попот Бувски, Димитар Трифунов, Стојан Карастоилов, Поп Стојан Разловски, и многу други кои како боречки дел на обесправениот и понижен македонски народ застанаа пожртвувано зад неговата општа судбина која секогаш, и тогаш и сега, се нарекува судбина на татковината.

Градењето на македонската народна позиција

Пред тие настани истата таа генерација со нејзините водачи од редот на духовната и просветната интелигенција, како и од раководните органи на македонските општини, се покажа мошне упорна во истакнувањето на посебноста на Македонците како народ и во намерата да ја возобноват идејата за Македонија како посебна политичка единица на Балканот. Тие настани кои, во шеесеттите години на XIX век, придвижија повеќе прашања од идентитетски, просветен, црковен, социјален и економски карактер претставуваат цело едно народно движење кое траеше од шеесеттите години до неговото крваво задушување и истиснување од политичката сцена во осумдесеттите години на истиот тој XIX век.

Сите тие борби и акции од тој период придвижени од страна на истата генерација, претставуваа поврзани моменти и облици на едно и исто национално и државотворно движење на првата македонска револуционерна генерација, ангажирана со македонското прашање; со неговото дефинирање и решавање. Во тој временски распон биле поставени повеќе аспекти на споменатото прашање, чија што актуализација зависела од динамиката на потребите на македонските средини и од условите за нивно решавање. Така, во шеесеттите години на XIX век, во напонот на борбите против грчката духовна и просветна хегемонија, покрај борбата за истерување на грчките митрополити од Македонија, мошне актуелни станале прашањата сврзани со училишното дело, а особено тие за учителите, за учебниците, за јазикот на кој се изведувала наставата и сл. По тој повод диспутот меѓу бугарските и македонските општествени и интелектуални кругови се проширил и на прашања кои засегнале во народниот профил на Бугарите и на Македонците, какви што биле расправите за тоа: кои биле Бугарите, а кои Македонците; кои се бугарските, а кои македонските корења и традиции; каков бил односот на македонското наречје наспроти бугарското, односно како стоел македонскиот народен јазик vis a vis бугарскиот; и т.н.

СЕ ОТТРГНАВМЕ ОД ГРЦИТЕ, ПОД ДРУГИ ЛИ ДА ПАДНЕМЕ?

Во бурните расправи, според Петко Р. Славејков и Стефан К. Салганджиев, главни свидетели на тие настани, Македонците упорствувале на својата посебност како народ, на посебноста на македонското наречје во однос на бугарското и на неприфаќањето на бугарската просветна и духовна доминација. „Се оттргнавме од Грците под други ли да паднеме“, протестирале Македонците против натурањето на Бугарите, како во просветното и училишното дело, така и во другите македонски работи. Македонците инсистирале, училишното дело во Македонија, да се одвива на македонско, народно, наречје а учителите да се од Македонија. Салганджиев потврдува дека учителите од Западна Македонија барале да се забрани наставата на бугарски јазик. Тој укажува оти самите солунски општинари биле носители на расколот; тие носеле учители од Македонија кои инсистирале дека биле „чисти Македонци“ односно дека не биле „ниту Срби, ниту Бугари, ниту Грци“. Резигниран од состојбите и односите на тој план, Салганджиев укажал оти, таму немало бугарштина ниту во срцата, ниту по домовите ниту на улиците…

Петко Рачов Славејков во неговиот опширен напис под наслов „Македонското прашање“ („Македонскый-тъ въпросъ) објавен во весникот „Македонија“(„Македония“) од 18 јануари 1871 година посведочува дека Македонците упорствувале на своето македонско потекло, дека биле наследници на старата и славна македонска држава на Филип II и Александар III, и оти „…тие цели биле Македонци“ при што никој не можел да ги разубеди од тоа „нивно големо откритие“. Македонците инсистирале, нивното (македонско) наречје да биде јазик на литературата на наставата, на учебниците и, општо да стане официјален јазик. Во спорењето за јазикот, тие сметале оти македонското наречје било чисто словенско, „поблиску до словенскиот јазик“ за разлика од бугарското, кое било полно со татаризми. Покусо, не останувале ниту бугарските кругови кои укажувале оти македонското наречје било дел од бугарскиот јазик, но дека било прилично расипано поради многу српски, арнаутски и влашки примеси. На расправиите им немало крај. Тие се пренеле во многу тогашни весници и зафатиле широки кругови од македонските и бугарските градски и интелектуални кругови.

СПОРЕЊЕ ЗА ЈАЗИКОТ

Во основата на спорењето за јазикот, кај Македонците лежела намерата за издвојувањето на двата народи во посебни културни и национални теченија. За тој аспект, на пример, Славејков ќе каже дека целта на тие спорења кои се воделе „под булoто на јазикот“ било раскинувањето на „сѐ уште неустроениот наш народ“. Се разбира, не станувало збор за раскинување на „нашиот“ народ, бидејќи тој народ и тогаш, според стојалиштата на споменатите конфронтирања, не се чувствувал како „еден“ или како „наш“ народ од двете страни. Во суштина станувало збор за процес на формирање на посебно македонско течение кое, усидрено во особеностите на своите народни средини, ги афектирало посебностите на јазикот, на традициите и на имињата и поимите сврзани со името на родината и со нејзината историја, како исказ на Македонците дека интересите и судбината на Македонија ги гледаат одвоено од тие на Бугарија. Од таа своја позиција тогашните македонски опоненти, на бугарските тези за Македонија, гледале како на бугарска претензија кон Македонија, еднакво како што ги разбирале и тезите на другите два соседни народи, на Србите и на Грците. Во тој контекст не помогнало ниту укажувањето на Славејков, оти Македонците, сами, не ќе можеле да се заштитат од посегнувањата кон Македонија, на Србите и на Грците, со што, практично единството на двата народи го сугерирал како спасоносна формула против таа опасност. Подоцна, во 1874 година, кога било разиграно т.н. унијатско движење во Македонија, на Петко Р. Славејков, Македонците ќе му порачаат да не се меша и да не се грижи за македонските работи. Во Велес тоа му било кажано на погруб начин.

Токму, појавата на унијатското движење непосредно пред кревањето на востанијата во Македонија, покажало дека таа иста генерација Македонци од шеесеттите години не се ориентирала кон заедничка иднина на двата народи туку упорно настојувала да ја трасира посебната иднина на својот народ и на својата земја.