Отворено писмо до Прокопис Павлопулос, претседател на Република Грција

Почитуван господине Павлопулос, морам да ви кажам некои работи, па поради тоа и ви пишувам. Веднаш да ви кажам дека поводот за ова мое писмо е една вест што ја прочитав во весникот „Нова Македонија“ од 8.3.2019 год., а се однесува на ваша изјава кажана во Црна Гора, која гласи: „… Другата пречка се поврзува со секое барање на правата на таканаречените Чами-Албанци, кои беа немилосрдни соработници на нацистите, како што потврдува историјата …“.

Јас како човек, можам да прифатам дека некои таму Чами во времето на Втората светска војна направиле некое зло. Ама оттогаш поминаа речиси 80 години. Зар Грците, па и вие како човек, ни за милиметар или грам не сте се промениле, а веќе сме во 21 век?! Зар не видовте дека си простија и Французите и Германците, и Русите и Германците, и сите од Европа, па станаа најдобрите пријатели со Германците?! Зарем вие Грците уште живеете во периодот 1941-1943 година? Значи, фашизмот е вграден во крвта на грчките политичари и еве, 80 години по победата над фашизмот, во Грција официјалната политика е жив фашизам. Потврда: непризнавање малцинства и малцински права! Што значи тоа? Во Грција важи и дејствува само едно правило: или си Грк или си – ништо!

Вие споменувате и се држите до некојаси историја. Добро! Ако е така, тогаш знаете ли дека историјата кажува дека во периодот 1905-1914 год. грчките андарти убија стотици и стотици Власи и Македонци оти не сакаа да бидат Грци. За време на Балканските војни и Првата светска војна илјадници Македонци и Власи беа принудени да се иселат од Грција. Во периодот 1925-1939 година од Грција беа принудени да се иселат стотина илјади Власи, во Кадрилатер. За време на Втората светска војна, веднаш по прогласувањето на Кнежевството Пинд, со согласност на тогашниот премиер Чаушоглу, колку Власи беа притворени, мачени и принудени да се иселат од Грција? По падот на Кнежевството Пинд колку Власи беа принудени да се иселат? За време на Граѓанската војна 1946-1949 година и по неа колку Македонци и Власи беа принудени да се иселат од Грција?

Господине Павлопулос, дали не е фашизам и нацизам во овој 21 век Власите, Македонците, Турците, Албанците, Ромите и другите, ако ги има, во Грција да не бидат признаени за национални малцинства?! Дали е праведност и демократија Власите, Македонците, Турците, Албанците и др. да немаат ниту една секунда емисии на својот мајчин јазик на ЕРТ? Дали е праведност и демократија Власите и другите во Грција да немаат право на образование на својот мајчин јазик? Дали е христијански (не е ама кај вас Грците одамна се иселил Господ!), Власите и другите да немаат право на богослужба на својот мајчин јазик?! Само се прашувам до кога?! Која е таа Европска Унија што ја трпи и ја оправдува денешна Грција да води една систематски и безмилосно осмислена и диригирана јазична и културна асимилација на околу 2,5 милиони Власи и на уште колку стотици илјади Македонци, Турци, Албанци, Роми и др., кои ги дал господ и со илјадници години живеат во места што се под грчка окупација оти така сакаа и решија мангупите фанариоти од Букурешт со Букурешката конференција од 1913 година? Па, надежта не умира толку лесно и треба да се надеваме дека и налудничава Европска Унија еден ден ќе се освести и ќе најде решение за тој јазичен и културен геноцид врз Власите, Македонците, Турците, Албанците, Ромите и др. Тој процес е рамен на етнички холокауст врз истите малцинства. Не е можно учените од Европска Унија да не се согласат дека ваквиот јазичен и културен геноцид е рамен на етнички холокауст што се остварува и во овој 21 век во Грција!

Димо Н. Димчев