Кога сите се правиме на Тошо за јазикот

Шегата настрана, во целата ситуација повторно македонскиот јазик на сметка на некој друг јазик, полека но сигурно се маргинализира. И иако овој пат се работи за ситуација во која бизнис-интересите се ставаат во преден план, за разлика од политичките тенденции за албанскиот јазик проткаени во Законот за употреба на јазиците, сепак ваквата појава заслужува внимание бидејќи влогот на македонските граѓани е сепак преголем. Имено, за ситни бизнис-интереси им се прави штета и на македонскиот јазик и на кирилското писмо, кое токму сега некој го става на тапет. И тоа точно се знае кој. И јужниот сосед многу промислено го прави тоа низ толку популарните преговори за името

Во последно време (зло)употребата на јазиците кај нас стана дежурна тема на која политичарите, а и граѓаните, со право ги „искршија“ јазиците за да им објаснат на гласачите или на граѓаните, колку навистина треба да се води сметка за унапредување на македонскиот јазик, кој е духовно богатство со посебно културно и историско значење и дека заштитата на македонскиот јазик е право и должност на граѓаните на Македонија. Се разбира, сето ова со почитување на јазичните права на малцинските заедници. И додека сѐ уште е неизвесна судбината на законот за употреба на албанскиот јазик, кој не може да стапи во сила поради неговата неуставност и кршењето редица законски одредби поради што и претседателот Иванов не го потпиша указот, во Битола се случува една сосема неочекувана ситуација. Можеби како реакција на Законот за употреба на јазиците, а со него и форсирањето на албанскиот јазик да биде втор службен во Македонија, или можеби како порака дека има и други (малцински) јазици во нашата држава и дека албанскиот не треба да има преференцијален статус над другите, деновиве забележливо е дека во Битола покрај македонскиот на голема врата влегува и грчкиот јазик во секојдневна употреба.

Засега, без никаква дебата или „амандманска расправа“, грчкиот јазик прави простор за негово пробивање. Засега тие што го „промовираат“ грчкиот јазик, а кои се македонски граѓани, немаат намера како албанските политичари во Македонија јазикот на јужниот сосед да го воведат како „службен“ на целата територија во Битола, туку тие настојуваат да биде во употреба само во приградскиот дел на градот, од граничниот премин Меџитлија до приградската населба Кравари, каде што речиси најголемиот број од натписите на супермаркетите, угостителските објекти, мијачниците, амбулантите за заби, бензинските пумпи… се напишани покрај на македонски и на грчки јазик.

Поради ваквата појава многумина битолски мајтапчии велат дека во градот под Пелистер, трговците на голема врата ги воведоа „двојазичноста“ и грчкиот јазик на тој дел на градот. Шегата настрана, во целата ситуација повторно македонскиот јазик на сметка на некој друг јазик, полека но сигурно се маргинализира. И иако овој пат се работи за ситуација во која бизнис-интересите се ставаат во преден план, за разлика од политичките тенденции за албанскиот јазик проткаени во Законот за употреба на јазиците, сепак ваквата појава заслужува внимание бидејќи влогот на македонските граѓани е сепак преголем. Имено, за ситни бизнис-интереси им се прави штета и на македонскиот јазик и на кирилското писмо, кое токму сега некој го става на тапет. И тоа точно се знае кој.

И јужниот сосед многу промислено го прави тоа низ толку популарните преговори за името. Затоа, не пречи да се има ова на ум. Самите да не си ја прифаќаме асимилацијата како тоа да не е ништо. Немаме право на тоа.
А имено, сопствениците на трговските дуќани, забни амбуланти, угостителски објекти… во настојувањето да ги привлечат Грците за свои муштерии своите фирми покрај на македонски ги пишуваат и на грчки јазик. На тој начин тие се обидуваат да го зголемат својот бизнис, бидејќи во последно време граѓаните од соседна Грција сѐ повеќе и почесто ја посетуваат Битола. Некои битолчани, сопственици на деловни објекти дури во настојувањето да ги привлечат грчките муштерии, своите фирми ги пишуваат со големи букви на грчки јазик.

Водени од своите бизнис-интереси тие воопшто не водат сметка за (зло)употребата на македонскиот јазик и кирилското писмо, кога им отстапуваат место на грчкиот јазик и на латиницата. Во законот за употреба на македонскиот јазик, пак, јасно стои дека македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за државата и дека употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на државата. Непридржувањето кон ваквите законски одредби секако подлежи и на соодветна прекршочна или кривична одговорност на сторителите на вакви дела. Во таа насока истакнувањето имиња на фирми на друг јазик и со друго писмо, надвор од законот и заради нечии бизнис-интереси секако е причина за реакција на надлежните органи.

Можеби како реакција на Законот за употреба на јазиците, а со него и форсирањето на албанскиот јазик да биде втор службен во Македонија, или можеби како порака дека има и други (малцински) јазици во нашата држава и дека албанскиот не треба да има преференцијален статус над другите, деновиве забележливо е дека во Битола покрај македонскиот на голема врата влегува и грчкиот јазик во секојдневна употреба

Но (зло)употребата на јазикот и посебно на кирилското писмо во пишувањето фирми е нешто сосема друго. Тука нема простор за импровизации или за паушални толкувања.Покрај масовното пишување на фирмите на грчки јазик во тој дел на Битола, тоа што посебно паѓа в очи е што сопствениците за да заштедат средства фирмите ги пишуваат кој како стигнал, а некои дури и на своја рака.
Во ситуација кога интересот и економијата диктираат многу состојби кај нас, донекаде разбирливо е што во вербалната меѓусебна комуникацијата меѓу граѓаните и трговците на Битола и соседен Лерин, Грција, се користат грчкиот, англискиот или други јазици. Впрочем, познавањето странски јазици е богатство што нема цена. И Грците било тоа да е во Битола или во Лерин многу често зборуваат на македонски јазик.

Повозрасните битолчани добро се сеќаваат дека во блиското минато ниту една фирма во Битола не можеше да се напише доколку за тоа не добиеја согласност од општината. Во прописите што тогаш се применуваа секој што сакаше да ја напише фирмата на својот дуќан или деловен објект мораше да добие согласност од општината, а за некои фирми дури и од Заводот и музеј – Битола.
Во тоа време имаше и неколку познати уметници-фирмаџии што ги пишуваа фирмите, а и ги правеа рекламите. Но без разлика за која фирма се работеше, мораше фирмата да биде напишана на македонски јазик и со кирилски букви. Но во последно време кај нас кирилицата како да ѝ отстапува место на латиницата, а македонскиот јазик речиси се повлекува пред странските изрази.

Тоа што загрижува е што такви појави можат да се забележат дури и на Широк сокак, па и во Старата битолска чаршија, каде што најголемиот број од фирмите не само што се напишани со латинични букви, туку и имињата на фирмите се странски. Тоа не може да биде во полза на заложбите за негување, зачувување и унапредување на употребата на македонскиот јазик, како единствен службен јазик на територијата на целата држава. Во настојувањето да добиеме одговор што се презема за сузбивање на ваквите појави и користењето други јазици и други писма во натписите на фирмите и кој треба да се грижи за тоа се обративме на многу адреси.

Но, за жал, многумина од оние од кои побаравме одговор за ваквата појава се прогласија за ненадлежни да дадат одговор. Некои дури едноставно ни кажаа дека не знаат кој го регулира тоа. Одговор на овие прашања не добивме ни од општинската администрација на Битола, каде што исто така наидовме на ѕид од молчење. Во една таква ситуација она што ви останува е да се потпрете на здравиот разум и секако на законските одредби. Во период кога државата е исправена пред сериозни надворешнополитички предизвици за оспорување на националниот идентитет, името, јазикот, историјата, надвор од умот е да се негира или занемарува употребата на македонски јазик, како доминантен и службен јазик во државата.

Уште Блаже Конески одамна има кажано:
„Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите ’правни’ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина“. Таков аманет и поука ни остави Блаже Конески.
Не смееме да не го почитуваме. Исто како и законските одредби во кои јасно се регулира употребата на македонскиот јазик. И сосема за крај, ниту еден личен или поединечен интерес не може да оди на штета на највисоките интереси на Република Македонија, нејзиниот јазик и писмо, кои се суштина на постоењето на еден народ и обележје на неговата посебност.