Кога не значи не

Не стивнуваат толкувањата што сакала Франција да каже кога рече „не“ за проширувањето на ЕУ, а колку што се сеќавам од миговите по домашна етика (кои беа мошне ефикасни во времето на нашето образовање и не беа потребни часови да се научи значењето на „не“), „не“ можеше да значи само тоа што се слуша – не.
Подоцна животот ја претстави целата алхемија на преобразби од „не“ во „да“ и обратно, со многу „можеби“ помеѓу, некои од нив бесценето ветувачки, а некои разочарувачко бедни. Но и едните и другите еднакво незаборавни искуства. Нејсе.
На таа (дозволете) дама во години – Франција, ѝ се припишува анксиозноста пред идејата за долгорочно зближување со „балканските типови“.

Се прекорува (барем така изгледа) за неволноста и тврдото (недипломатско) „не“ по сите изминати охрабрувања и со неверување се пречекува (не)заслужената шлаканица. Оттаму и реакцијата од типот на метафората: „Госпоѓо, мора да сте грешка?“ – недозволено чудење од некој што требало досега добро да ги научи правилата како се пристапува и настапува на „штиците што живот значат“ за државите. Грешка?
Не верувам во грешките на тие „штици“, ниту дека „дамата“ е уморна од погрешни избори и проширувања. Поверојатно, не ѝ е „интересно“ со нас да се притеснува, а „грешката“ би можела да се разбере само како стратегиска, како што му прилега на еден зрел ентитет (држава или дама, сеедно) – да ги преиспита внимателно своите долгорочни мотиви, да се погледне во огледало и да одговори на прашањето што ќе ви го постават дури и ако барате вработување во една обична приватна компанија: „Каде се гледаш себеси за пет години? А за десет?“ Прашањата стануваат поопсежни во „компанија“ каква што е една нормална (или не) држава.

Така, секое настојување да се разбере француското „не“ како „можеби“ (откако извесно, извиси како „да“), е во дометот на една стара шега, која вели (прашува): која е разликата меѓу дипломат и дама?
Одговорот е циничен: ако дипломатот рече да – мисли можеби, ако рече можеби – мисли не, а ако рече не – тогаш не е дипломат, додека ако дамата рече не – мисли можеби, ако рече можеби – мисли да, а ако рече да – тогаш не е дама.
На ова, феминист(к)ите одговараат недвосмислено, како во мигот на домашната етика: ако дамата рече да – мисли да, ако рече можеби – мисли можеби, а ако рече не – мисли не, во спротивно, настојувањето те прави – силник, а смеењето на шегата – сексист. Така мисли и една моја пријателка поетеса.

И ако со нејзиниот став генерално можам да се согласам, не би можел еднакво да се заземам за дипломатот од шегата. За превртеноста меѓу зборот и мислата во дипломатскиот говор, прифаќам да му верувам на авторот на (првиот) дел од шегата – Шарл Морис де Талеиран, француски дипломат во времето на Луј Шеснаесетти и Наполеон, прочуен како незаменлив во дипломатската вештина.
Иако за дипломатијата како уметност немам соодветно образование, ниту опит, се чини не е нужна вештина да се поврзе (во духот на шегата) јунското „можеби“ на францускиот амбасадор во земјава со октомвриското „не“ (за добивање датум за преговори на самитот на ЕУ). Да се препознае дека Талеиран бил во право кога ја издигнал во правило играта на зборови во својата дипломатска фела.
Се сомневам дека Франција ќе испаднеше поголема дама ако велејќи „можеби“ во јуни мислеше „да“ во октомври, како што велејќи му „не“ на Балканот на есенскиот самит, сигурно не мисли „можеби“ следната пролет.

Како што и бојкотот на македонскиот народ на ланскиот референдум со порака „не“ за Преспанската спогодба, не значеше „можеби“, а сеедно беше преведен како „да“ – што личи на перцепција на силник, кој го испуштил просветлувањето на мигот по домашна етика, па шегата ја разбрал како модел за следење, каде што измешаноста на „не“, „можеби“ и „да“ е таква што и една дама отворена за шега на сопствена сметка, би се засрамила од степенот на превртливоста.
Но „дамата“ не игра во овој шах на интереси. Игра силникот, односно силниците, а на подиумот на силните суверено гравитираат само економските интереси на елитите и моќните корпорации, чија привлечност ги фрла во прегратките на политичкото танго, каде што промената на партнерите или симултаната игра со повеќе партнери се подразбира, но ако случајно побарате дозвола за тоа – ќе ви се оспори.
Сепак, превртливоста на старите танчари со варварска историја, а со деликатно чувство за политичко танго, не е причина за превртувањето што го чувствувам во стомакот. Ниту се должи на вртоглавицата од долгото претпристапно танго, кое ја носи Македонија на некои други штици, во некоја друга чекалница, по вкусот на старите танчари.

Време е да ја напуштам и метафората на тангото, зашто и таа како стилска фигура има смисла доколку е во функција да ги осветли врските меѓу појавите и да ја појасни, а не да ја зароби веќе заробената стварност по многу основи и нас во неа како (не)чинители.
Најпосле, ниту Македонија е во улогата на Марија Шнајдер, ниту Франција во онаа на Марлон Брандо, ниту пак ЕУ е во улога на режисерот Бернардо Бертолучи, а изминатиот самит сигурно не е „Последното танго во Париз“, иако сестрано се подмачкува(ше) идентитетското и правно силување на Македонија. Но „путерот“ беше на масата уште пред Преспанската спогодба и требаше да ни биде јасно дека нема да се мачка на лебот, а најмалку на нашиот.
Ми се превртува во стомакот и душата од нашите сопствени превртувања на „да“ и „не“ и неброени „можеби“ помеѓу.

Ми се превртува од сите изневерени, а многупати ветени пред избори „да“ за вистина и правда, за подобар живот и иднина и од сите испорачани „не“ по избори, пресликани по шалтери и чекалници, по разни ходници на заводи и болници, без сапун, тоалетна хартија и светлина. Ми се превртува од евтини политички сапуници.
Ми се превртува од дупнати цевки и улици, од непокриени дупки и канализации, од дупки без граници на секоја животна станица.
Ми се превртува што немаме вакцина за нашата беда, а имаме толку многу имиња за неа.

Ми се превртува од сите наброени и не(на)броени „мали“ домашни шлаканици, а не од „големата“ шлаканица на европската бирократија – беше очекувана.
Има едно правило што еднакво важи пред дамите и пред силните, но еднакво не обезбедува гаранција за успех ниту кај едните, ниту кај другите, но сигурно го добивате нивното внимание и почитување – самопочитувањето и личното достоинство.
Не знам дали Франција ја турка ЕУ во стратегиска катастрофа, ама Македонија е турната во катастрофа без стратегија за излез (без мантрата за ЕУ и за НАТО). Сами сме кореографи на своето последно танго, а путерот е потрошен. Можеби ги броиме последните можности како држава да ги преиспитаме своите долгорочни мотиви, да се погледнеме во огледало и да одговориме на прашањето: „Каде се гледаме себеси напролет? А за триесет години?“
Меѓу сите превртувања во стомакот и душата уште некаква сила ми дава она превртување од женскиот бакнеж и кога таа вели не, а мисли да – кога знае дека знам дека е тоа единствената дозволена алхемија во играта за која постои само едно име – Љубов.

Авторот е магистер по мир и развој и поет