Обично се вели дека децата најбрзо ги усвојуваат странските јазици и дека затоа треба што порано да се почне со учење. Сепак, експертите посочуваат оти совладувањето странски јазици подоцна во животот има свои предности

Во шпанската градинка наесен секогаш има метеж наутро. Станува збор за билингвална градинка во северен Лондон. Родителите им помагаат на децата да ги соблечат јакните и да ги извадат шлемовите за велосипеди. Наставничките весело ги поздравуваат децата со „Буенос дијас!“. На игралиштето едно девојче сака косата да биде собрана во „колета“ („кики“ на шпански), па зема топка ја фрла и вели „фаќај“ на англиски јазик.

– На оваа возраст децата не учат јазик, тие само го впиваат – вели директорката на училиштето Кармен Рамперсад.

Ова ја опишува неверојатната леснотија со која зборуваат малите полиглоти околу неа. На повеќето од децата шпанскиот им е трет или четврти јазик, а мајчин им е хрватскиот, еврејскиот, корејскиот или холандскиот. Споредете го ова со маката на просечниот возрасен човек кога учи странски јазик и лесно ќе заклучите дека најдобро е да се почне од најмали нозе. Но науката има посложен поглед за тоа како вашиот однос кон јазиците се менува низ годините и има зошто треба да се охрабрат повозрасните почетници.

Општо земено, различните животни фази овозможуваат различни предности за учење странски јазик. Како бебиња имаме подобар слух за различни звуци. Како деца можеме да научиме странски акценти со неверојатна брзина. Како возрасни имаме поголемо внимание и развиени вештини, како писменоста, што ни овозможува постојано да го прошируваме нашиот речник, па дури и на мајчиниот јазик. Покрај возраста играат улога и многу други фактори, како што се општествената ситуација, наставните методи, па дури и љубовта и пријателството, кои можат да влијаат колку јазици течно зборуваме.

– Со годините, не ја губите способноста – вели Антонела Сорас, професорка по развојна лингвистика и директорка на Центарот за важност на билингвализмот на Универзитетот во Единбург.

Таа дава пример за она што се нарекува „експлицитно учење“, односно учењето на еден јазик во училница со наставник што ги објаснува правилата.

– Децата не се толку добри во експлицитното учење, затоа што немаат когнитивна контрола и немаат толкава способност за внимание и памтење. Возрасните се многу подобри во тој поглед, тоа е нешто што се подобрува со возраста – додава Сорас.
На пример, една студија на истражувачи во Израел покажа дека возрасните подобро ги усвојуваат правилата на странскиот јазик и ги користат со нови зборови во лабораториски услови. Научниците направија споредба на три посебни групи на осумгодишни и дванаесетгодишни деца, како и возрасни. Возрасните постигнале најдобри резултати од трите групи, а 12-годишните исто така се покажале подобро од помалите.

Ова се совпадна со резултатите на една долгогодишна студија со речиси 2.000 каталонско-шпански билингвални ученици по англиски јазик. Возрасните почетници побрзо го совладале новиот јазик од децата. Истражувачите во Израел покажаа дека нивните најстари учесници добро ги искористиле вештините што се стекнуваат со годините, како што се стратегиите за решавање на посложените проблеми и притоа имаат поголемо јазично искуство. Поинаку кажано, повозрасните ученици веќе доста добро се познаваат, како и светот околу нив, и го користат тоа знаење за да процесираат нови информации.

Децата се истакнуваат во имплицитното учење на јазикот, односно преку слушање на родените говорители и имитирањето на зборовите. Но за ваквиот начин на учење е потребно повеќе време да поминуваат со роден говорител. Во 2016 година, Центарот за важност на билингвализмот подготви внатрешен извештај за часови по мандарински во основните училишта за шкотската влада. Тие открија дека еден час неделно не прави значајна разлика за петгодишните деца. Но само со додавање дополнителен половина час и присуство на роден говорител, децата усвојуваат елементи од мандаринскиот јазик што се потешки за возрасните, како што е изговорот.

Сите почнуваме како природни лингвисти. Како бебиња можеме да ги слушнеме сите 600 согласки и 200 самогласки што се присутни во сите светски јазици. Во првата година, нашите мозоци почнуваат да се приспособуваат на звуците што најчесто ги слушаме. Бебињата веќе брборат на нивниот мајчин јазик. Дури и новороденчињата плачат на посебен акцент, имитирајќи го говорот што го слушале додека уште биле во стомакот на мајката. Ваквото приспособување исто така значи отфрлање на вештините што не се потребни. Јапонските бебиња лесно прават разлика меѓу гласовите „л“ и „р“. За возрасните Јапонци ова е многу потешко.

Сорас вели дека е неоспорно тоа што најраната возраст е клучна за усвојување на сопствениот јазик. Истражувањата на напуштени или изолирани деца покажаа дека ако не го научиме човечкиот говор на рана возраст, тогаш подоцна наидуваме на тешкотии за негово усвојување. Но изненадување е тоа што ова не важи за изучувањето странски јазици.

– Важно е да разбереме дека возраста варира заедно со многу други нешта – вели Даниела Тренкиќ, психолингвистка од Универзитетот во Јорк.

Животот на децата е целосно различен од оној на возрасните. Кога ги споредуваме јазичните вештини на децата и на возрасните, Тренкиќ вели дека „не споредуваме сличности“. Таа дава пример за едно семејство што се сели во друга држава. Обично децата многу побрзо го учат тамошниот јазик од родителите. Но тоа е затоа што постојано го слушаат на училиште, додека нивните родители најверојатно работат сами. Децата исто така сметаат дека многу е важно побрзо да го усвојат новиот јазик заради нивниот општествен опстанок, поточно склопувањето пријателства, прифаќањето и вклопувањето во средината. Од друга страна, нивните родители почесто се социјализираат со луѓето со кои се разбираат, односно со доселениците од нивната земја.

– Создавањето емоционална поврзаност е она поради што подобро учите јазик, барем според мене – вели Тренкиќ.

Возрасните исто така можат да создадат емоционална поврзаност, не само преку љубовта или пријателствата со родените говорители. Една студија од 2013 година, во која беа вклучени британски возрасни лица во почетен курс по италијански јазик, откри дека оние што го завршиле курсот всушност се зближиле со другите ученици и со наставникот.

– Ако запознаете луѓе слични на вас, тогаш многу се поголеми шансите дека нема да се откажете од учењето на јазикот. Токму ова е клучот, затоа што се потребни повеќе години за добро да го научите. Освен кога има некоја општествена мотивација, тогаш многу е полесно да се откажете – вели Тренкиќ.

На почетокот од оваа година, една студија на МИТ базирана на еден квиз на Интернет вклучи речиси 670.000 лица и откри дека за да се научи англиската граматика на исто ниво како роден говорител, најдобро е да се почне со изучување на 10 години, затоа што потоа способноста се намалува. Сепак, студијата исто така покажа дека со текот на времето можеме ги подобриме вештините за изучување на јазикот, вклучувајќи го и мајчиниот. На пример, целосно ја совладуваме граматиката на нашиот мајчин јазик на околу 30 години. Ова е поврзано со друга, посебна студија на Интернет, која покажува дека дури и родените говорители учат најмалку еден нов збор секојдневно на својот мајчин јазик до средната доба.

Тренкиќ истакнува дека студијата на МИТ анализирала нешто екстремно специфично, односно способноста да се стане роден говорител во однос на граматичка точност. За просечниот ученик на јазик тоа можеби и не е толку релевантно.

– Луѓето понекогаш прашуваат која е најголемата предност за учење странски јазик. Дали ќе заработам повеќе пари? Дали ќе бидам попаметен? Дали ќе бидам поздрав? Но, всушност, најголемата предност од учење странски јазици е комуникацијата со што повеќе луѓе – вели таа.

Тренкиќ потекнува од Србија. Таа течно го научила англискиот јазик во дваесеттите години, откако се преселила во Британија. Таа вели дека сè уште прави граматички грешки, особено кога е уморна или под стрес.

– Покрај сето тоа, можам да правам неверојатни нешта со англискиот јазик, а тоа е всушност најважно. Можам да ги читам најдобрите книжевни дела и да пишувам значајни и кохерентни текстови што се доволно добри за да се објават – вели Тренкиќ, која квизот на МИТ ја стави во групата на роден говорител на англиски јазик.

Во шпанската градинка наставничките пеат „среќен роденден“ на шпански. Директорката вели дека доцна почнала да учи јазици. Кармен Рамперсад пораснала во Романија и го научила англискиот јазик дури кога се преселила во странство во дваесеттите. Нејзините деца го научиле шпанскиот јазик во градинка. Но можеби најголемиот јазичен авантурист е нејзиниот сопруг, кој потекнува од Тринидад. Тој научил романски од нејзиното семејство, кое живее близу границата со Молдавија. Таа вели дека тој одлично зборува романски, и тоа со молдавски акцент, што е многу интересно.