Во свечениот амфитеатар на МИТ-универзитет Скопје беше промовирана книгата „Македонија и Балканот: либерален поглед на национализмот и идентитетите“ од Благој Цонев, доцент по политички науки и меѓународни односи. Промотори на книгата беа Тони Дескоски и Нано Ружин, а книгата е во издание на издавачката куќа „Арс ламина“.

– Книгата се појавува во еден многу значаен општествен момент за Македонија, кога навидум се прекршува две и полдеценискиот спор за името на нашата земја со соседна Грција, спор што сериозно го обременува нашето битисување и станува сериозна пречка за напредокот на нашата земја – рече Дескоски на промоцијата и најтопло ѝ ја препорача не само на научната јавност туку и на пошироката читателска публика.
Според Ружин, секој што ќе ја прочита книгата ќе испрати грст комплименти за умешноста, научниот пристап и квалитетно изработениот труд, под менторство на најдобриот познавач на меѓународните односи кај нас Денко Малески. Тој во своето излагање се осврна и на феноменот на иконографиите во контекст на национализмот и националниот идентитет, додавајќи дека создавањето нови иконографии со националистичка конотација треба да престане.

Авторот Благој Цонев рече дека се надева дека модерната либерална идеја ќе продолжи понатаму да надвладува, особено за младите генерации и дека тие ќе го спроведат либерализмот за кој се залага.
– Македонија нема да ги живее последните денови како Република Македонија, туку како феникс ќе воскресне и ќе биде една модерна и либерална нација и држава во која е пријатно да се живее – рече авторот.
Книгата има цел на читателот да му овозможи нов поглед врз перцепцијата на македонскиот идентитет, отворајќи нови видувања за тоа дека идентитетот на нацијата не е (нужно) поврзан со државата и со државноста, односно дека тој не смее да ја измести државата како основен субјект на меѓународното право.