Под насловот „Тајното братство на носталгичарите“, деновиве излезе од печат уште една збирка раскази на Томислав Османли. Станува збор за богат избор од кратки и долги прози на писателот познат како автор и на скопски теми. Еден од тие раскази во кои се открива авторскиот носталгичен пристап, ѝ го позајми насловот на целата книга, која вклучува триесет и еден расказ.

Во преговорот „Нестивната носталгија“ писателот и издавач Глигор Стојковски, бележи: „Не можат многу македонски писатели да се пофалат со повеќе изданија на своите книги. И не се многу книгите од македонски писатели, за жал, за кои читателите покажуваат (по)долго, несмалено интересирање. Расказите на Османли, но и романите, се изборија за овој привилегиран статус. Со прекрасниот книжевен јазик, се разбира, со изборот на темите, со модерното раскажување“.

Книгата „Тајното братство на носталгичарите“ е објавена во библиотеката „Збор по збор“ на книгоиздателството „ВиГ Зеница“. Таа содржи прози со лирични и драматични чувствувања на луѓето и на ликот на предземјотресно Скопје, кратки или поопсежни прозни посвети на едно исчезнато време и сосема изменет простор, раскази исполнети со ведрата колоритност, со надежите, љубовите и разочарувањата, главно на малите луѓе од некогашниот град, а во продолжение, и теми од холокаустот над скопските Евреи, како и прозната фантазијата „Корто Малтезе во скопската чаршија“, најновата проза на Османли. Тоа е еден од двата расказа, посветени на популарниот стрип-јунак и вградени во по една во двете најнови прозни збирки на Османли.