проф. д-р Кирил Темков

Има еден другар што никогаш не го изневерува оној што се потпира на него. Си стои тивко на страна, молчи додека не го прашуваат, секогаш е доверлив и нуди најдобри решенија. Тој пријател од соништата е – книгата.
Таа е измислена да биде сокровиште на знаењата. Луѓето не можеле се да запаметат и посакале да си најдат ковчеже во кое ќе го сместат знаењето. Исто така, си помислиле дека е убаво тоа знаење да го разменат со други луѓе, со кои тие не можат лично да се сретнат или, пак, со оние што ќе дојдат многу години по нив. Токму затоа книгата го задоволува интересот по сознанијата и поврзува генерации.

Со книгите сите сме заеднички сопственици на сите човечки достигнувања. Притоа тие се најсилно средство не само на човекувањето, туку и на човештината. Книгите се човеково откритие што не прави зло, туку само добро. Доколку сакате да го запознаете богатството на човековите судбини и да ги најдете одговорите и на најтешките прашања, сето тоа ќе го најдете читајќи ги книгите.
Тие нудат искуства, доживелици, пренесуваат пораки, убави зборови и прекрасни чувства.
Книгите нѐ учат и што е зло, какви форми има тоа и како да го избегнуваме. Всушност тие се алатка за одбрана од злото, најсилното средство за споделување на добрините и на најважните морални сознанија и поуки. Незаменливо средство за обука и учење, вистински учители по етика за сите луѓе на светот, особено за најмладите.

Етичка мисла: Книгите се подобри пријатели од луѓето.
Тие само даваат, а не бараат ништо.
Фрајхер фон Минхаузен, германски писател