Ал Аин eлиминира три континентални прваци

Во финалето на клупското СП во Абу Даби (денеска, 17.30 часот) ќе играат актуелниот европски и светски првак, Реал Мадрид и домаќинот, дебитант во финалето и најпријатно изненадување, Ал Аин

Европскиот фудбалски првак Реал Мадрид и домаќинот на завршниот турнир на Светското клупско првенство, Ал Аин, ќе играат во денешното финале во Абу Даби (17.30 часот), во Обединетите Арапски Емирати (ОАР). Овој меч ќе биде и дуел помеѓу двајца Хрвати, најдобриот светски фудбалер за 2018-та, Лука Модриќ од Реал и тренерот на Ал Аин, Зоран Мамиќ.

Пласманот на Ал Аин во финалето на клупското СП, што е најголемиот спортски успех за таа земја, е централна тема во медиумите. Фудбалерите станаа вистински ѕвезди и ги има на насловите страници на повеќето весници.

Реал, кој ќе игра за третата титула во низа, во полуфиналето беше подобар од првакот на Азија, јапонската Кашима со 3-1, благодарение најмногу на Велшанецот Герет Бејл, стрелецот на трите гола. Бејл е и третиот што постигнува хет-трик во историјата на турнирот, по Кристијано Роналдо (за Реал во 2016-та) и по Луис Суарез (за Барселона во 2015 година). Тој постигнува гол на три турнири (претходно и во 2014 и во 2017-та) што претходно им успеало само на Роналдо (2008, 2016 и 2017) и на Лионел Меси (2009, 2011 и 2015-та).

Ал Аин, пак, во првото полуфинале приреди големо изненадување елиминирајќи го првакот на Јужна Америка, аргентинскиот Ривер плата, на пенали, со 5-4.

Првиот турнир за клупското СП во ваков формат се играше во 2000 година, а дотогаш се играше т.н. Интерконтинентален куп, од 1960 година, со учество само на прваците на Европа и на Јужна Америка. Од 2005 година се игра секоја година во декември, а на турнирот настапуваат прваците на шесте конфедерации на Светската фудбала федерација (ФИФА). Досега најуспешни, со по три титули, се шпанските клубови, Реал и Барселона. Двапати триумфирал бразилскиот Коринтијанс, а по еднаш Сао Паоло, Интернационал, Милан, Манчестер јунајтед, Интер и Баерн.

Од Светската фудбалска федерација има најави за нова промена на форматот на светското клупско првенство, со учество на 24 тима, а првенството, од 2021 година, би се играло секои четири години. 


Рафаел Варан е пред третиот голем трофеј годинава

Од фудбалерите што треба да настапат во финалето на Светското клупско првенство Рафаел Варан има шанса за хет-трик титули годинава, откако прво со Реал Мадрид во мај стана европски клупски првак, а потоа со репрезентацијата на Франција и светски шампион на Мундијалот што се играше во Русија во јуни и во јули.
Победникот на клупското СП ќе добие пет милиони евра (поразениот четири), а, колку за споредба, победа во натпревар од групната фаза во европската Лига на шампионите (ЛШ) се наградува со по 2,7 милиони евра.