Шеесет и пет години рокенрол и 50 години Вудсток

Дали се сеќаваме на легендарната и бизарна, да не речам морбидна, реченица на Џон Дерек од филмот „Нок он ени дор“ (1949): „Живеј брзо, умри млад, биди убав труп“. Таа најдобро го отсликува духот на младите во светот на пороците. ненадејната и шокантна смрт на брилијантната и надежна Ејми Вајнхаус, позната по својот порочен и со скандали исполнет живот, повторно ги оживеа приказните за култниот рокенрол-феномен „Клуб 27“, кој Ејми ја поврзува со Џим Морисон, Џенис Џоплин, Џими Хендрикс, Брајан Џонс, Курт Кобејн и многу други млади, славни, порочни и прерано заминати на оној свет. Инаку, приказната започнува со блуз-гитаристот Роберт Џонсон и легендата што вели дека си ја продал душата на ѓаволот на една раскрсница во Мисисипи. Неговата смрт во 27-та година од животот е проследена со мистерија иако се претпоставува дека е отруен. Оттогаш бројот 27 во рокенролот добива статус на култ. Некои велат дека е тоа клетва. Многу музичари беа опседнати со таа 27. година, а еден од нив беше и Курт Кобејн, лидерот на групата „Нирвана“. Се сеќаваме, на 27-годишна возраст, на 5 април 1994, со пушка си го одзеде животот. Најголемата фама за постоењето на „Клубот 27“ се подигна кога Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и Џим Морисон, по тој редослед, починаа во период од 3 јули 1969 година до 3 јули 1971 година. Сите има по 27 години!

Хендрикс и Џоплин починаа во период 26 дена, а Морисон и Џонс го делат истиот датум на смртта во период од две години. Причините за нивната смрт главно беа резултат на консумирање алкохол и наркотици. Џенис Џоплин почина поради преголема доза хероин, комбинирано со вино и вотка, за Хендрикс беше кобна комбинацијата на пилули и вино, а Морисон беше пронајден мртов во када, но бидејќи не беше направена аутопсија, официјално сѐ уште не ја знаеме неговата причина за смртта. Можеби најмистериозна е смртта на дотогашниот лидер на „Ролинг стонси“, Брајан Џонс, чие безживотно тело беше пронајдено во базен. Аутопсијата покажа оштетување на срцето и дробот како последица на консумирање алкохол и дрога. Сите тие ја платија превисоката цена на славата. На 26 јули 2011 година на клубот 27 му се придружи и Ејми Вајнхаус, која исто така прерано го напушти овој свет поради дрога, алкохол и средства за спиење.

По сѐ, може да кажеме, црно петно на рок-музиката е „Клубот 27“ – клуб на млади рок-уметници што умираат на 27-годишна возраст и голем број други, нешто повозрасни, рок-уметници што го напуштија овој свет, најчесто поради употреба на наркотици, алкохолизирање или трагични сообраќајни и авионски несреќи.

Со носталгија и жалење се потсетуваме на голем број од нив: Џенис Џоплин, Џими Хендрикс, Џим Морисон, Елвис Присли, Сид Барет, Бон Скот, Лес Харви, Сид Вишоуз, Отис Ридинг, Мама Кас Елиот, Сем Кук, Рони Ван Зент, Еди Кохрејн, Кејт Мун, Марк Болан, Џон Ленон, Џон Бонам, Боб Марли, Бил Халеј, Боб Хит, Џим Винсент, Колин Вулф, Кејт Рилф, Алекс Харви, Брајан Епштајн, Пол Кософ, Томи Болин, Фреди Кинг, Брајан Џонс, Сони Бој Вилијамсон, Хенк Вилијамс, Ал Вилсон, Бади Холи, Мајкл Хатчинс, Фреди Меркјури, Курт Кобејн, Принс, Мајкл Џексон, Ејми Вајнхаус, Витни Хјустон и др. Најголем број од горе наведените ѕвезди останаа вечно млади и славни. Музиката што ја создадоа и ни ја оставија, ги направи бесмртни.

Денес некој збор повеќе за Сид Барет – неприкосновен лидер на групата „Пинк флојд“. Во раната фаза од музичката кариера на групата тој компонираше безмалку сѐ, пееше, свиреше гитара и совршено изгледаше и, што е најбитно, успеваше да вообличи една европска рок-музика на начин на кој поодамна тоа го направија Џанго Рејнард и Стефан Грапели со џез-музиката. Сид Барет го спои наследството на британската фолк-музика со вилите и самовилите и со фантастиката, на начин што ја отвори вратата за психоделијата во музиката, вратата за идниот Дејвид Боуви и за сѐ експериментално што носи наметка на рок-музика, па до построкот. По успехот со првите синглови и првиот ЛП-албум на „Пинк флојд“, се чинеше дека неговиот музички развој не може ништо да го запре. Не било така. На сцена стапи неговото славно лудило, поради кое тој се повлече на врвот од славата од групата „Пинк флојд“ и отиде во легендите на рок-музиката. Беше многукратно талентиран и начитан млад човек, кој од мирниот Кембриџ дојде во зовриениот Лондон и прекуноќ стана вистинска ѕвезда – икона на рок-музиката. Беше нежна и лабилна личност, која се замори од напорната и динамична 1967 година на групата „Пинк флојд“, година кога ја допреа светската слава. Кога го гледаме и слушаме неговото свирење гитара, јасно е дека е тоа оригинално, екстремно, и вистински релаксирачко – наменски употребено во контекст на рок-песните. Тој е меѓу првите што употребуваа ехо, фидбек, дисторзија, лизгање зипо-запалка по жици, со желба да добие несекојдневен но впечатлив звук. Сид Барет беше еден вид Алиса од земјата на музичките чуда. Алиса што остана од онаа страна на огледалото. А оттаму Сид гледаше повеќе од другите и одлучи дека му е доста. И во тоа е суштината на митот за него. Можеше да биде сѐ, а не беше ништо. За еден момент сѐ беше јасно, или можеше да биде јасно. А тој момент и понатаму сјае со силината на „лудиот дијамант“, кој е испеан во негова слава. Митот за паднатиот ангел е вграден во историјата на рокенролот уште пред таа да биде создадена.

Сотир Костов