Во однос на фудбалот, јас сум тој што сум поради моите фудбалери, но како личност, јас сум тој што сум поради моето семејство, вели тренерот на европскиот првак Ливерпул, кој ја доби наградата „најдобар“ на ФИФА

Во однос на фудбалот, јас сум тој што сум поради моите фудбалери, но како личност, јас сум тој што сум поради моето семејство и многу сум им благодарен. Тие се сѐ за мене, изјави Германецот Јирген Клоп за официјалната интернет-страница на Светската фудбалска федерација (ФИФА), по добивањето на годинашната награда „најдобар“ на ФИФА, во конкуренција на тренери на машки екипи.

Предводникот на европскиот првак Ливерпул во трка за наградата победи двајца колеги од клубови од Англија, Аргентинецот Маурисио Почетино од европскиот вицешампион Тотенхем и Шпанецот Пеп Гвардиола од англискиот првак Манчестер сити.

– Многу ги почитувам. Тоа што го стори Почетино во минатата сезона беше исклучително. Многупати кога не освојувате титула луѓето не ве паметат, но тој беше исклучително импресивен. Тој го градеше својот тим чекор по чекор, одржувајќи го заедно. Гвардиола… што можам да кажам? Тој освои толку многу титули на начинот на кој играат неговите тимови. Тој е толку исклучителен, најдобриот менаџер против кого сум водел тим. Чест ми беше да бидам номиниран покрај нив – вели Клоп.

Во интервјуто за ФИФА, Клоп зборува и за една анегдота, која вели дека еден ден откако ја освоил титулата во германската Бундес-лига со Борусија Дортмунд, се разбудил сам во автобусот што ги возел на парадата низ градот.

– Таа анегдота е вистинита. Тоа беше по парадата. Но тоа утро кога се разбудив и не знаев што се случило, решив такво нешто да не се повтори. Овој пат бев целосно трезен, па се сеќавам на секоја секунда од парадата. Мислам дека ќе можам да препознаам луѓе во градот што ги видов од автобусот ако ги видам повторно. Тоа беше толку интензивно, едноставно неверојатно – изјави Клоп.


„Лигата на шампионите ја освоивме на мечот со Барселона“

Јирген Клоп, менаџерот на европскиот првак Ливерпул, во интервјуто за Светската фудбалска федерација (ФИФА) вели дека неговиот омилен момент од минатата сезона е победата против Барселона во полуфиналето на Лигата на шампионите, кога Ливерпул дома славеше со 4-0, по поразот во првиот натпревар на гости со 0-3.
– Тоа беше исклучителен момент. Многу експерти, веројатно и јас, немаше да се обложат на нас. Не верувавме дека ќе победиме, само знаевме дека имаме шанса и верувавме во таа шанса. Сега можеме да кажеме дека Лигата на шампионите ја освоивме на тој натпревар – вели Клоп.