Кит Харингтон (32), еден од главните глумци на серијалот „Игри на престолот“, доброволно отишол во клиника за ментално здравје, каде што се лекува од стрес, но и проблеми поврзани со консумирање алкохол. Неговиот претставник за односи со јавноста потврди дека британскиот глумец е во клиника во Конектикат.

– Кит одлучи да му се посвети на решавањето на сопствените проблеми и ја чекаше паузата во распоредот на снимањето за да може да престојува во соодветна установа – соопшти тој.

Постапката на Џон Снежниот, ликот што го игра Кит Харингтон во серијата, беше еден од најголемите шокови во последната епизода на „Игри на престолот“, а глумецот и порано зборуваше за тоа дека е „преплашен од фактот дека очите на целиот свет се вперени во него поради оваа серија“.

Порталот „Пејџ сикс“ пренесе дека Кит се наоѓа на лекување веќе неколку недели, односно во клиниката за рехабилитација заминал непосредно пред емитувањето на финалето на најпопуларната серија на светот.