Американскиот филмски институт објави список на легенди од златното време на Холивуд. Во списокот со 50 најславни имиња, живи се само три актерски легенди: Софија Лорен (84), Сидни Поатје (91) и Кирк Даглас, кој неодамна наполни 102 години.

Најстар глумец

– Има толку многу нетрпеливост денес. Би сакал луѓето да бидат пољубезни и да покажуваат поголемо почитување – тоа беше роденденската желба на Кирк Даглас.
Тој го прослави роденденот со семјството и со пријателите, меѓу кои беа: Стивен Спилберг, Џефри Кацберг и Рон Мајер.
Кирк Даглас е најпознат по улогите во „Спартак“ (1960) и во „20.000 милји под морето“ (1954). Досега трипати освоил „оскар“, а добил и почесна златна статуетка за животно дело во 1996 година. Роден е како Исур Данилович во 1916 година во Њујорк. Неговите родители биле еврејски емигранти од денешна Белорусија. Во 1941-та ѝ се приклучил на американската морнарица, каде што останал до завршувањето на Втората светска војна. Подоцна го сменил името во Кирк Даглас.

Софија Лорен откриена на избор за мис

Родена како Софија Вилани Чиколоне во 1934 година во Рим, Софија Лорен е една од најпопуларните глумици од италијанско потекло што го освоила Холивуд. Таа е првата глумица што добила „оскар“ за филм од странско говорно подрачје во 1962 година. Станува збор за „Чочара“ на Виторио де Сика.

Нејзиниот талент е откриен кога како тинејџерка учествувала на избор за мис. Глумела заедно со Кери Грант, Марлон Брандо, Чарли Чаплин, Питер О’Тул и многу други славни имиња што ја обликуваа филмската историја на 20 век. Настапила во стотина филма и освоила 65 награди – 5 „златни глобуси“ и два „оскара“, едниот за животно дело во 1991 година. Била мажена за продуцентот Карло Понти, со кого била во брак 41 година, сѐ до неговата смрт.
Софија беше една од најсексапилните дами на Холивуд.

Прв црнец што освоил „оскар“

Оскаровецот Сидни Поатје е роден во Мајами 1927 година. Најпознат е по филмовите „Џунгла на школска табла“, „Во жештината на ноќта“ и „Бегство во синџири“. Освоил „оскар“ во 1964 г. за филмот „Полски лилјани“. Почесната награда на академијата ја добил во 2001 година. Ќе остане запаметен и како првиот црнец во историјата што добил „оскар“ во категоријата најдобар глумец.