Кина нема репрезентација на СП, но, како што објавија медиумите од оваа земја, во Русија има околу 60.000 нивни љубители на фудбалот, меѓу кои повеќе од половината се со купени влезници

Светското првенство (СП) во фудбал е во полн ек, но одредени карактеристични групи навивачи веќе оставија голем белег на турнирот. Перуанците беа во огромен број (околу 80.000), Сенегалците беа препознатливи по традиционалните танци на својата земја, а вредните Јапонци по натпреварите ги чистеа трибините.
Навивачите на Англија се понезабележливи отколку што се очекуваше. Дилемата е дали е тоа поради лошата атмосфера што се создаде по наводното труење на Сергеј Скрипал или, пак, е поради заканата од руските хулигани, но факт е оти во Англија биле продадени малку над 32.000 билети за СП. На врвот на листата купувачи на билети за СП, разбирливо се Русите со над 800.000, потоа САД со 90.825, Бразил 72.512, Колумбија 65.234, Германија 62.541, Мексико 60.302, Аргентина 54.031, Перу 43.583, Кина 40.251, Австралија 36.359 и Англија со 32.362 купени влезници.
Кина нема репрезентација на СП, но, како што објавија медиумите од оваа земја, во Русија има околу 60.000 нивни љубители на фудбалот, меѓу кои повеќе од половината се со купени влезници. Бројката на кинески навивачи во Русија е многу поголема од онаа на СП 2014 во Бразил (7.400) или на СП 2010 во Јужна Африка, кога имаше само 3.300. На првото и засега единствено учество на СП 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија, Кинезите беа бодрени од 50.000 навивачи. Натпреварите од тоа СП, на ТВ во Кина ги проследиле над седум милијарди гледачи.

Љубителите на фудбалот од Кина во Русија заминуваат организирано, главно преку туристички агенции. Тие плаќаат околу 5.800 долари за два меча или по 6.600 долари за посета на четири натпревари. Меѓу најголемите потрошувачи туристичките агенции ја посочуваат групата средношколци што платиле 18.800 долари за пакетот, кој, меѓу другото, вклучувал првокласен авионски превоз, луксузен хотелски престој и билет за финалниот меч на СП. Најголемата индивидуална резервација ја направил клиент во Ксиамен, од југоисточната кинеска провинција Фуџијан, кој потрошил над 100.000 долари.
Кинеските навивачи главно навиваат за Бразил и за Шпанија, повеќе за Бразил, бидејќи минатите неколку години неколку Бразилци настапуваа во кинеската Суперлига. Другите се позаинтересирани за гледање врвни ѕвезди, наместо за поддршка на која било селекција. Аргентинецот Лионел Меси и Португалецот Кристијано Роналдо се многу популарни во Кина, особено кај младите што комуницираат преку социјалните медиуми. Роналдо има 1,8 милион следбеници на кинескиот еквивалент на Твитер, Веибо.
Во Кина се случува и вистински „потрошувачки бум“ кај средната класа, која обично консумира предмети за лични потреби, спортска облека и за забава. Сѐ побогатото население на Кина сака да учествува и да биде дел од најголемиот фудбалски турнир во светот, да навива и да се забавува. Речиси е неверојатно да видите кинески навивачи да пијат пиво на некој пазар или плоштад во Русија, или да слушнете дека се степале со локалните навивачи. Како што тече турнирот, поверојатно е дека Кинезите ќе ги видите по продавници и во ресторани каде што купуваат брендирани производи или јадат вкусна храна.