Покрај сите мани, повоениот светски поредок успешно го претвори светот во едно попросперитетно и побезбедно место генерално посветено на либералните демократски вредности, вродените квалитети и автономијата на поединецот. Политичките приоритети на Кина и во иднина ќе се спротивставуваат на овој концепт за отворено владеење

Неодамнешната закана на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини за вкупниот годишен кинески извоз вреден 505 милијарди долари е најновиот развој на настаните во тековната американско-кинеска трговска војна. Иако Трамп и неговиот тим се подготвуваат за економски натпревар чија цел генерално ќе бидат царините, политичарите мораат да се подготват за натпревар на повеќе полиња, вкоренет во кинеските политички ставови, домашната пропаганда и економските притисоци врз американските фирми во Кина.

Ваквите неконвенционални предизвици ќе бараат сеопфатен американски одговор.
Многу Американци се согласуваат дека од клучно значење е да се решат влошените економски односи меѓу САД и Кина. Но одговорот не е само во трговијата. Коренот на овој е проблем не е дефицитот, туку силно вкоренетото верување на Кина дека нема да ги почитува истите правила како другите нации.

Во трговската војна, американските алатки и натаму се ограничени во споредба со тоа што може да направи кинеската државна економија. Трамп останува политички ограничен од страна на Конгресот, кој, разбирливо, сака да ги повлече царините за американските сојузници, а тој се бори со негодувањето на приватниот сектор, кој сака да ги заштити своите инвестиции во Кина по секоја цена. За разлика од тоа, кинескиот претседател Си Џинпинг е на врвот на авторитарниот систем, кој му овозможува да спроведува политики што практично никој не ги проверува. Широкиот досег на системот на Кинеската комунистичка партија (ККП) може да се искористи да поддржи чекори што се надвор од регулативите на Светската трговска организација (СТО), како што се мерки за бојкот, неосновани царински рестрикции и забрани за извоз на патот кон победата.

До денес, Кина одговори рамноправно на американските царини. Новата рунда на дополнителни царини од 200 милијарди долари ќе биде предизвик за Кина да го достигне, со оглед на трговскиот дисбаланс. Кинеските претставници отворено изјавија дека имаат намера да воведат „квалитативни“ мерки како одговор на американските царини. Ако овие мерки личат на претходните чекори на Кина во однос на јужнокорејските супермаркети „Лоте март“, јапонските ретки минерални и норвешкиот лосос, тогаш треба да очекуваме огромен притисок од државната економија врз американскиот приватен сектор што има деловни интереси во Кина.

Пекинг и натаму тврди дека треба да му се овозможи статус на пазарна економија во СТО, покрај неговото одбивање да ги спроведе важните стандарди за понатамошните економски реформи

Кинеските возвратни царини кон САД исто така потекнуваат од истите техники за општествени поделби што Русија ги употреби пред американските претседателски избори од 2016 година. Кога беше направено мапирање на индустриите што најмногу биле погодени од првата транша на кинески царини, кои ги вклучуваа автомобилите, јастозите и другите земјоделски производи, Американците со ниски приходи од неопределените држави ќе изгубат најмногу. Ова не е случајност. Кинеските политичари знаат дека денешните САД се поделени и знаат дека ако ги свртат Американците едни против други, тоа ќе биде победничка стратегија за Пекинг.

Сепак, мотивациите на Кина за инвестирање во новата генерација „национални шампиони“ и други индустрии поддржани од индустриската политика „направено во Кина“ ја надминуваат економијата. Една од главните цели на Си е да ја развие Кина во „современа социјалистичка држава“ до 2035 година и да ја трансформира државата во помоќна нација до 2050 година. Кинеските официјални документи јавно потврдуваат дека државата нема да може да ги постигне овие развојни цели ако престане со евтиното производство. Ова е разбирлива аспирација. Секоја нација сака да развие своја економија. Сепак, некооперативниот став на Пекинг за технолошкиот развој најверојатно ќе ги спречи другите што сакаат да се искачат на истото скалило. Кина не само што сака да ги промени правилата туку сака самата да ги постави.

Ваквиот фокус на обезбедување економски пораст е прашање од егзистенцијална важност за Си и неговите другари. ККП е свесна дека мора да го исполни ветувањето за повисок квалитет на живот за кинеските граѓани за да ја задржи народната поддршка или ќе треба да ги засили репресивните мерки за внатрешното незадоволство. Си лично ги изрази своите хипернационалистички позиции и ја замолкна опозицијата со својот авторитет, со тоа што ја засили својата лична одговорност за загубите во трговската војна.

Всушност се раширија гласишта за Си дека би можел да се соочи со домашни проблеми во изминатите неколку недели, со што се отвори прашањата за цената од отфрлањето на моделот за колективно лидерство. Кинеското лидерство знае дека справувањето со американско-кинескиот трговски дисбаланс е личен приоритет за Трамп и го подготвува својот народ за долга и тешка борба. Неодамнешните статии во главните кинески државни весници ги убедуваат кинеските граѓани дека можат „да си ја дозволат цената на трговската војна“, „можат да ги одредат главните виновници … за да ја предизвикаат најголемата штета“ и „да им се спротивстават“ на САД во „секоја битка“. Министерството за трговија на Кина јавно соопшти дека приходите од царините врз американските артикли ќе бидат насочени во фондови за компензација на кинеските бизниси што претрпеле негативни последици од трговската војна.

Покрај американскиот притисок, Кина останува посветена на својата економска агенда затоа што верува дека постигнувањето технолошка надмоќност денес ќе ѝ овозможи во иднина таа да ги воведе правилата. Честите напади на Пекинг врз меѓународниот поредок базиран на законите отворено го покажуваат презирот на Кина кон статус квото. Во периодот по Втората светска војна, САД со своето богатство, воена моќ и единството го предводеа развојот на повоениот меѓународен поредок. Кинеското лидерство верува дека неговите интереси не беа застапени во клучните моменти за време на развојот на овој систем делумно поради сопственото самоопределено назадување и постоењето на „непријателска“ американска политика, поради што Народна Република Кина беше исклучена од ООН од 1949 до 1971 година.

Кина презеде слични чекори за да ги наруши стандардите во меѓународните економски институции, пред сè СТО. Пекинг и натаму тврди дека треба да му се овозможи статус на пазарна економија во СТО, покрај неговото одбивање да ги спроведе важните стандарди за понатамошните економски реформи, првично наведени во извештаите на третиот и четвртиот пленум на 18-от партиски конгрес. Покрај сите мани, повоениот светски поредок успешно го претвори светот во едно попросперитетно и побезбедно место, генерално посветено на либералните демократски вредности, вродените квалитети и автономијата на поединецот. Политичките приоритети на Кина и во иднина ќе му се спротивставуваат на овој концепт за отворено владеење.