Куќата на славните сега има 258 члена од 20 земји, На е прва од Кина, Кафелников втор од Русија, а Пирс 12-та од Франција

Тениските великани Евгениј Кафелников од Русија, Ли На од Кина и Мери Пирс од Франција се нови членови на Куќата на славните. На е првата тенисерка од Кина со вакво признание, Пирс е 12-та од Франција, а Кафелников втор од Русија.

Кафелников е поранешен светски рекет број еден, двократен победник на гранслем-турнири (Ролан Гарос и Австралија опен во 1999 година), олимписки шампион од Летните олимписки игри во Сиднеј во 2000 година и има 27 титули. На влезе во тениската историја кога стана првата тенисерка од Кина и од Азија со титула на гран-слем, со триумфот на Ролан Гарос во 2011 година, а три години подоцна го освои и Австралискиот опен. Таа, исто така, се пласира на второто место во светската ранг-листа. Пирс во кариерата се искачи до третото место на ранг-листата, од гранслемите, славеше во Австралија и во Франција во 2000 година, а ги освои и турнирите во двојки на Ролан Гарос и во мешани двојки на Вимблдон во 2005 година.

Куќата на славните сега има 258 члена од 20 земји, а во неа, меѓу другите, се и Андре Агаси, Борис Бекер, Бјорн Борг, Ким Клајстерс, Мајкл Ченг, Џими Конорс, Стефан Едберг, Џон Мекинро, Габриела Сабатини, Жастин Анен, Густаво Куертен, Мартина Навратилова, Иван Лендл, Штефи Граф, Марат Сафин, Матс Виландер, Мартина Хигинс, Џенифер Капријати, Моника Селеш, Амели Морезмо, Јаник Ноа, Сузан Леглен, Филип Шатрие, Рене Лакост…

По посетата на Националната куќа на славните во бејзбол во почетокот на 50-тите години од минатиот век, Џими ван Ален, тогашен претседател на Њупорт казино (САД), и неговата сопруга Кенди, одлучиле дека на тенисот му е потребно место за да се почитуваат неговите величини. Казиното во Њупорт беше во опасност од уривање, а со својата богата тениска историја тоа беше совршено место за да се воспостави Куќата на славните. Ван Ален успешно лобирал да се формира Националната тениска куќа на славните во Њупорт. Препознатливото казино „Њупорт“ стана Куќа на славните и музеј, која беше официјално признаена од Меѓународната тениска федерација во 1986 година, пишува на официјалната интернет-страница на Куќата на славните, која првите членови ги прими во 1955 година.