Катастрофи (2): Поплава

– Симни се! Вардар го сруши дрвеното мовчеее! – се слуша оддолу, од улицата. Есента 62’ во Скопје се случува поплава и тој со другарите Оцко, Моте и Воне секој час трча кон кејот за да види со свои очи колку надошол Вардар во меѓувреме. А реката постојано расте – ги искачува насипите, го урнува мовчето, потоа со дебели водни прсти се шири по околните улици, меѓу кои и по неговата.
Вардар, односно неговите растркалани води лесно стигаа до првите згради – уште претпладнето, тој со здружени сили со тројцата другари, довлечка вреќа песок на кејот, а сега влажниот јазик веќе ги оближува влезовите на зградите. Седнати по страна од влезните скали, за да не им пречат на возбудените станари што безглаво истрчуваат, па се враќаат оставајќи траги, Оцко, Моте и Воне (една самогласка во имињата ја заменуваа со „о“) и тој си ги качуваат задниците по едно скалило погоре на секои петнаесет минути, додека зелената матна вода напредува, се шири и натаму и натаму…, ноќта, од балконот на четвртиот кат ги гледа војниците како во гумени чамци доаѓаат до најниските катови на соседните згради (значи водата е длабока најмалку 2 м) и оттаму, преку прозорците, ги извлекуваат преплашените станари со понекој куфер или парче мебел – масичка, креденец, радио, закачалка…

За среќа на жителите на погорните катови, тоа е највисокото ниво на поплавата. Утредента, преку радио јавуваат дека водната стихија се повлекува. Подрумите остануваат потопени уште подолго време, ќумурот, дрвата за огрев, велосипедите и истрошените отомани се дават во кал, станарите, дури и татко му што секогаш, барем на зборови, покажува агилност во „дадените ситуации“, сега некако се двоумат да се симнат долу, па молчешкум или со „ццц…“, меткајќи се по ходниците, го коментираат калливиот хаос.
Неговите решаваат да се преселат неколку дена на другата страна на Вардар, во куќата на дедо му, додека не се расчистат последиците од поплавата. Со брз чекор и растрчани раце се провева меѓу алеите со густо насадени домати, во бавчата на пајкомаалската куќа. Насекаде околу се намножиле полузрели плодови, зеленикаво-розе топки, одгоре небото се спуштило најниско што може, а тој трчка ли трчка, по сета онаа притаеност во станот на четвртиот кат, сега најслободно ја чувствува радоста на движењето, како пробудено ждребе што уште посилно посакува да се впушти во галоп. И тогаш, ненадејно, пред него се појавува дебелиот црн Мики, и самиот збунет од директната средба. Иако го познава, иако сака да се гали и преде во неговиот скут, сега се наежува како црн вештер и почнува да бега. Се затрчува по него, а мачорот, неверојатно снаодлив за својата тежина, се мушнува меѓу доматите. Го следи без да внимава на длабнатинката меѓу патеката и алејата, ногата му запнува и тој паѓа, удира со главата во зашилениот врв на еден од сините стапови за потпора на доматните стебленца, се прпелка, со носот во почвата, а низ лицето му се слева леплива, блуткава течност. Крвави! (многу подоцна дознава дека како припадник на крвната група 0 има „ретка“ крв што послабо се згрутчува). Беспомошен, измачкан од почвата и крвта, наскоро и од солените солзи, иако сѐ уште несвесен за болката што ќе ја трпи, кога неговите (мајка му, и таа плачејќи, татко му, изнервиран поради толкавата несмасност на „шмокљанчево“) итно ќе го однесат во болница на шиење и преврска.
Вечерта, меѓу другарите од маалото се појавува со завој околу главата. Злате, најкрупниот меѓу нив, му се потсмева: – Дали си… дали си тоа ти? – Да, јас сум. Сабајлево си ја скршив главата. – Да, бе, ти си. Чалмосан!
И кога ќе му го извадат завојот, и долго потоа, низ целото основно, Злате го вика „чалмосан“, „смотан“, а тој мора да го поднесува таквото тормозење зашто, едноставно, му се плаши.