Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен победи двајца елитни шахисти што никогаш порано не успеал да ги победи во класичен шах, па по победата над Русинот Јан Непомнијашчи во седмото, тој славеше и во осмото коло против Кинезот Лирен Динг, на гран-турнирот во Загреб. Со тоа тој изби сам во водство со шест поени. До крајот на турнирот има уште три кола и ако победи во Загреб, тоа за него ќе биде осми турнирски триумф во низа годинава. Највисокиот рејтинг на Карлсен од 2.882 поени е од мај 2014 година.

Неговиот највисок рејтинг во живо, пак, е од април таа година, 2.889,2 поени. Според пресметките на стручњаците, ако Карлсен освои 1,5 поен, ќе го зголеми постојниот рејтинг (2.876,7), а ако освои два поена, тогаш ќе го потврди својот најдобар рејтинг во кариерата, кој, патем, е највисок во историјата на шахот (2.882). Со 2,5 поени од три можни, Карлсен ќе постави нов највисок рекорд, кој ќе изнесува 2.886,7 поени, а ќе биде меродавен од августовската ранг-листа.