Жарко Арсовски (десно) на СП во Белград 2010 освои бронза

Боите на Македонија во Шпанија ќе ги бранат вкупно 13 репрезентативци, од кои 11 во борби и двајца во кати, предводени од селекторите Сашко Арсовски (борби) и Стојан Андриевски (кати)

Македонската сениорска карате-репрезентација утре заминува за Мадрид (Шпанија), каде што од 6 до 11 ноември ќе се одржи 24-то Светско првенство (СП) за сениори. Боите на Македонија ќе ги бранат вкупно 13 репрезентативци, од кои 11 во борби и двајца во кати, предводени од селекторите Сашко Арсовски (борби) и Стојан Андриевски (кати).

– Завршните подготовки со каратистите беа успешни и сите се подготвени за победа. Сметам дека ќе ја воодушевиме Македонија со нов голем успех од СП. Од сите каратисти во борби очекувам голем резултат – оптимист е селекторот во борби Сашко Арсовски.

Првиот и засега единствен медал на СП го освои штипјанецот Жарко Арсовски (над 84 кг), пред осум години во Белград (Србија), на 20-то СП (1.260 каратисти од 88 држави), кога се закити со бронза, победувајќи го убедливо со 4-0 Русинот Камит Тебуев, а репрезентацијата ја предводеа селекторот Бошко Заборски и неговиот помошник Мирче Јанушевски. Претходно, пак, најдобар пласман на СП имаше токму сегашниот селектор Сашко Арсовски, кој во Мексико во 2004 година беше петти.
Од тој состав во Белград 2010, сега во Мадрид ќе настапат: Пулексенија Јованоска, Наташа и Моника Стефановска, Емил Павлов, Мартин Несторовски и „бронзениот“ Жарко Арсовски. Најголеми македонски адути за нов медал сега пак, иако конкуренцијата ќе биде исклучително квалитетна, се актуелниот европски првак Павлов, Јакупи, Несторовски, Азиз Исмаил.

Настапот во Мадрид е мошне значаен оти претставува најголема можност за освојување на што повеќе поени на ВКФ-рангирањето, а со тоа и да се биде многу поблиску до настап на Олимписките игри (ОИ) во Токио во 2020 година, каде што каратето првпат ќе биде дел од олимпиското спортско семејство.


СП низ бројки

На татамите во Мадрид ќе настапат 1.117 каратисти од 140 држави, кои ќе се борат во осум тежински категории (борби шест и кати две) во машка и женска конкуренција. Максимален број на пријавени каратисти од една држава е 16. Такви има вкупно 11 (Алжир, Бразил, Колумбија, Хрватска, Индија, Иран, Јапонија, Русија, Србија, Шпанија, Турција), додека со по еден каратист се вкупно 15. Првите борби на татамите се во вторник, додека финалните се на 10 и 11 ноември.


Македонија – состав

БОРБИ: Емил Павлов (до 60 кг), Давид Петков (до 67 кг), Азиз Исмаил (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Мартин Несторовски (над 84 кг), Сара Радичевска (до 50 кг), Јована Георгиева (до 55 кг), Наташа Стефановска (до 61 кг), Моника Стефановска (до 68 кг), Жарко Арсовски (екипно), Петар Заборски (екипно).
КАТИ: Фери Исиќ, Пулексенија Јованоска.