Весели освои бронза на Летните младински олимписки игри во Буенос Аирес. Ова е историско постигнување за македонскиот спорт, оти е прв медал освоен на вакви игри, но е продолжување на успесите на каратето на меѓународната сцена

Македонскиот каратист, член на КК Олимпик, Фаик Весели (категорија до 61 кг), се закити со бронзен медал на третите Младински летни олимписки игри (МЛОИ), кои вчера завршија во Буенос Аирес, Аргентина (во 33 спорта со 3.997 учесници). Ова претставува историско постигнување за македонскиот спорт, оти е прв медал освоено на вакви игри. На МЛОИ во Аргентина настапија 206 репрезентации, а 93 освоија медали.

Весели годинава освои бронза и на Карате 1, Младинската лига во Софија што, пак, имаше квалификациски карактер токму за настапот во Аргентина. Весели е носител и на сребрен медал од Европското првенство (ЕП) во карате за кадети, јуниори и јуниори (до 21 година) во рускиот град Сочи, во февруари годинава.

Со овој последен успех, Весели всушност го продолжи континуитетот на успеси на македонското карате на меѓународната сцена. А тоа, пак, почнувајќи од сениорско карате од 2007 година, па до денес има постојан континуитет на освојување медали на меѓународна сцена (исклучок е само 2012 година). Со медали можат да се пофалат и македонските каратисти во кадетска и во јуниорска конкуренција.

Македонија од осамостојувањето има само еден олимписки медал (натурализираниот Македонец, борачот Могамед Ибрагимов), но откако ИОК го смести каратето во олимпиското семејство, бројот на медали за Македонија може многу да се зголеми. Имајќи предвид дека каратето е најтрофеен македонски спорт, тогаш Македонија е многу блиску до нов, се разбира, ако претходно се обезбеди потребната норма за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Исполнувањето на нормите почнува од Светското првенство во ноември во Мадрид.

Македонските каратисти имаат и квалитет и знаење да стигнат до ЛОИ во Земјата на Изгрејсонцето… Г.И