Што е карактеристично за 1960-тите години? Како прво, кога ќе се помисли на шеесеттите се отвора низа од слики што покриваат голем и широк спектар на феномени, настани, и личности во еден од најзначајните периоди на 20 век. Понатаму, за 1960-тите вообичаено се мисли и пишува како за нешто недофатливо, но истовремено и сосема реално. Нешто неописливо, а сепак толку познато. Нешто далеку, а сепак блиску. И дефинитивно, шеесеттите предизвикуваат емоции кај оние што ги одживеаја. Истото важи за оние што тогаш и сѐ уште не биле родени, а богами и за тие што како во магла се сеќаваат на нив. За едни овој период е златен период, а за други тоа е период на самрак на авторитетите, дисциплината и моралот. Низ доцните 1950-ти и раните 1960-ти години, како на бескрајна филмска лента се раѓаат икони како Џон и Жаклина Кенеди, Че Гевара, Марлон Брандо, Џејмс Дин, Мерлин Монро. Во нив се појавуваат планетарните феномени Елвис Присли, „Битлси“ и „Ролингстоунси“. Од тоа време се и хероите Јуриј Гагарин и Нил Армстронг. Тогаш ја започнаа својата кариера режисерите: Жан Лик Годар, Микеланџело Антониони, Фредерико Фелини, Акиро Куросава, Стенли Кјубрик и Франсоа Трифо. Филозофите и антрополозите како Маршал Меклаун, Роланд Барт, Херберт Маркузе, Мишел Фуко ги испишаа своите стручни експертизи, кои беа задолжително четиво за тоа време.

Набљудувани и анализирани од различни перспективи, 1960-тите беа време на различни доминации. Имаше политички кризи, блоковска поделеност и студена војна (кризата во Заливот на Свињите, подигнувањето на Берлинскиот ѕид, кубанската ракетна криза, смената на Хрушчов, детонацијата на првата кинеска атомска бомба, Виетнамската војна, интервенцијата во Чехословачка од СССР, убиството на Патрис Лумумбе, на Џон и Роберт Кенеди, на Мартин Лутер Кинг, Малком Икс, Че Гевара…).

Се јавија нови феномени и движења, како новата левица, движењето за граѓански права, антивоено движење, студентското движење, феминистичкото движење, движењето за права на хомосексуалците, еколошки движења и други. На сцена стапи популарната култура и културата на младите (рокенрол, хипи-движењето, поп-арт, контракултурата, стрип-културата, порнографски списанија, сексуална револуција, летото на љубовта, „Вудсток“, експериментирање со опојни дроги, зен-будизам, „Битлси“, обземеност со Блискиот, а особено со Далечниот Исток, таоизам, тантризам, камасутра, јога, медитација, андерграунд-култура, уметнички перформанси, концептуализам, боди-арт, апстрактно сликарство, минимализам). Се постигнаа врвни технолошки достигнувања (првиот човек во вселената, првата жена во вселената, првиот човек на Месечината, првата трансплантација на срце, првата компјутерска игра, првите контрацептивни средства, првата ТВ-програма во боја, првата сателитска програма и слично. Можеби најсилен печат на 1960-тите години даде беби-бум генерацијата, која стигна во светот што живееше во страв од атомска војна, а во кој се водеа војни од таканаречен низок интензитет. Напалм-бомбите убиваа виетнамски, но и американски војници, што доведуваше до протести и будење на силен антивоен сентимент. Така американските студенти се бореа за граѓанска еднаквост и против војната во Виетнам, француските против деголистичкиот режим, германските го преиспитуваа минатото на своите родители и нивната улога во нацистичка Германија, а шпанските се бореа против диктатурата на Франко. Се тресеа камповите во Милано, Торино, Берлин, Париз. Имаше и бунтување на „Беркли“, „Сорбона“, во Сиудад Мексико. Тоа е период на протестни песни против војните, како и против диктаторските режими, затоа и не е случајно што во годините на студентските демонстрации низ светот 1968 г. „Битлси“ ја пееја својата „Revolutiuon“.

Расветлувањето на настаните од мај 1968 г. претставува едно од клучните места во втората книга на „Духот на времето“ од Едгар Морен што, всушност, е еден вид потврда на неговата теза за реафирмација на тогашните случувања како вид култура. Овој автор го воочува лудиот аспект на тие случувања, при што мај 1968 година е еден вид ненадејна ерупција во граѓанското општество, која предизвика тектонски нарушувања на истото тоа. Но од друга страна, тој го уочува и двојното значење на овој настан, кој е огромен потрес, така што може да се зборува за револуција, која сепак во крајниот ефект се покажа како безмалку ништо или едно тешко породување на реформа на универзитетот.

Рок-музиката е продукт првенствено на контроверзноста на духовното искуство на генерацијата бели тинејџери од почетокот на 1950-тите. Така во „Социологија на рокот“ авторот Сајмон Фрид, забележува дека кога се користи зборот тинејџер важно е да се има предвид дека е тоа концепт што опишува еден стил на однесување. Во овој контекст, Марк Ејбрамс во својата студија за тинејџерите од 1959 година нив ги дефинира како млади луѓе во период од напуштањето на школото до времето кога стапуваат во брак или наполнуваат 25 години. Фрид, пак, под поимот тинејџер подразбира сосема нешто друго, толкувајќи го како негативна последица на негативните социолошки состојби. Во тој контекст најчесто се посочувани тинејџерите деликвенти од тедибојс, модсите и рокерите, преку скинхедсите, па до панкерите. Токму ова идентификување на тинејџерите и деликвентите доведе до поголем број социолошки предрасуди и стереотипи за нив и за музиката што ја создаваа и слушаа.

Рокенролот навистина беше субверзивен, но не поради тоа што во своето прво ниво заговараше слободен секс, консумирање опијати и евтини задоволства, туку и поради тоа што им се обраќаше на авторитетите, се спротивставуваше на државниот естаблишмент и, секако, на крајот затоа што охрабруваше на размислување надвор од идеолошките и религиските доктрини. Од рок-музиката зрачеа повеќе видови бунтовништва: на младите против старите, на модерните против конзервативните, на сиромашните против богатите, на Aфроамериканците против расните дискриминации, на пацифистите против војната во Виетнам и многу други. Дури и во земјите зад т.н. Железна завеса рок-музиката претставуваше побуна против комунизмот и идеологијата на исклучивост и едноумие.

Сотир Костов