Канаваро, Касилјас и Лам

Вкупно, осум капитени на светските прваци кога го кренале вредниот трофеј играле за клубови во Италија, четворица во Германија, тројца во Бразил, двајца во Уругвај, а по еден во Англија, Аргентина и во Шпанија

Членови на Јувентус се најмногубројни меѓу капитените на светските фудбалски прваци на минатите 20 мундијали. Четворица носители на капитенската лента од две репрезентации, на Италија и на Франција, кога го кренале вредниот пехар за светскиот првак биле фудбалери на Јувентус, и тоа Џампјеро Комби од Италија на Светското првенство (СП) во 1934 година, Дино Ѕоф од Италија на СП 1982, Дидие Дешам од Франција на СП 1998 и Фабио Канаваро од Италија на СП 2006.
По двајца капитени дале бразилскиот Сантос (Мауро Рамос на СП 1962 и Карлос Алберто на СП 1970, двајцата од Бразил), италијанскиот Интер (Џузепе Меаца од Италија на СП 1938 и Лотар Матеус од Германија на СП 1990) и од германскиот Баерн (Франц Бекенбауер на СП 1974 и Филип Лам на СП 2014, двајцата од Германија).

Капитени на светските прваци биле и членови на уругвајските Бела виста Монтевидео (Хозе Насаци од Уругвај на СП 1930) и Пењарол (Обдулио Варела од Уругвај на СП 1950), потоа на германските Кајзерслаутерн (Фриц Валтер од Германија на СП 1954) и Штутгарт (Дунга од Бразил на СП 1994), Рома (Кафу од Бразил на СП 2002), како и на бразилскиот Васко да Гама (Хидерладо Белини од Бразил на СП 1958), англискиот Вест хем (Боби Мур од Англија на СП 1966), аргентинскиот Ривер плата (Даниел Пасарела од Аргентина на СП 1978), италијанскиот Наполи (Диего Марадона од Аргентина на СП 1986), и на шпанскиот Реал Мадрид (Икер Касилјас од Шпанија на СП 2010). Вкупно, осум капитени на светските прваци играле во Италија, четворица во Германија, тројца во Бразил, двајца во Уругвај, а по еден во Англија, Аргентина и во Шпанија.