Во изливот на национализмот од страна на Каракачанов, кој е насочен кон Македонија, му помага и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. А овој „десант“ над Македонија делумно ги врати Борисов и Каракачанов во игра, бидејќи беа политички отпишани, се наведува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана, Словенија

Анализа на ИФИМЕС

На парламентарните избори во Бугарија ќе се соочат политичките опции на премиерот Бојко Борисов и на претседателот на државата Румен Радев, кои се претставени преку политичките партии на владејачката конзервативна ГЕРБ и опозициската Бугарска социјалистичка партија. ГЕРБ се обидува да ја зачува постојната коалиција со ВМРО и ДПС, која главно ги собира етничките Турци. Поради тоа партијата на Борисов, пред изборите што се закажани за 4 април, ги потпомага националистичката реторика на ВМРО и нејзиниот контроверзен лидер Красимир Каракачанов, кој се бори за пречекорување на изборниот праг од четири отсто. Во изливот на национализмот од страна на Каракачанов, кој е изразен кон Македонија, му помага и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева. А овој „десант“ над Македонија делумно ги врати Борисов и Каракачанов во игра, бидејќи беа политички отпишани, се наведува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија.
На досегашните избори во Бугарија биле утврдени сериозни знаци за манипулација со изборниот список, изборни измами, масовно купување гласови, нерегистрирани гласачки ливчиња, принудување на гласање на вработените во јавните претпријатија, прогласување важечки ливчиња за неважечки. На претстојните избори, покрај традиционалните ривали Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Бугарската социјалистичка партија и Движењето за право и слобода (ДПС), меѓу фаворитите се новите политички актери: Демократска Бугарија на Христо Иванов, популарниот музичар Слави Трифунов, кој првпат се појавува на избори со партијата ИТН (Има таков народ), Маја Манолова со политичкото движење СтендАп.БГ.

Иако не е недвосмислено прифатен во ЕУ, Борисов и натаму ужива потпора од важни фактори во Европската народна партија (ЕПП), а ја користи и премолчената поддршка на германската канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ). Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека „мафијата ја контролира владата на Борисов“ и посочува на политизираното правосудство во земјата. Поради тоа земјата е лесен плен за руските интереси. Аналитичарите сметаат дека е незамисливо тоа што Бугарија има поддршка од еден дел на ЕУ, но и од Германија. Бугарија многу повеќе средства прима од ЕУ отколку што уплаќа во заедничкиот европски буџет. Но сѐ уште се посилни емотивните врски на Бугарите кон Русија отколку кон ЕУ, вклучувајќи и кон Германија, се наведува во анализата на ИФИМЕС.
Бугарија и Бугарите не можат да се гордеат со својата историја за време на Втората светка војна, бидејќи биле сојузници со тогашната нацистичка Германија. Бугарија никогаш не била казнета поради овој „историски грев“ за време на Втората светска војна, што пушти и длабоки фрустрации во бугарското општество, посочуваат аналитичарите.
Македонците во Бугарија, иако ги има помалку од 10 отсто, се „заробен“ народ во ЕУ. Бугарските власти, наспроти многубројните пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур одбиваат да ја регистрираат ОМО „Илинден“ Пирин, политичка партија што го претставува македонското малцинство во Бугарија, која во 2000 година ја забрани бугарскиот уставен суд. Оваа забрана и натаму е во сила, наспроти пресудата на Европскиот суд за човекови права од 2005 година со која е утврдено дека е незаконска. Од 2001 до 2008 година, бугарските судови одбија четири обиди за регистрација на ОМО „Илинден“ Пирин, а организацијата и натаму е забранета. Бугарските судови, исто така, одбија одвоени пријави за регистрација на неколку културни здруженија, кои ги промовираат македонската култура, македонскиот јазик итн. Бугарските судови го негираат постоењето на македонската етничка заедница во Бугарија, наспроти фактот од резултатите на бугарскиот попис, кои докажуваат постоење на луѓе со етнички македонски идентитет. Всушност, Бугарија намерно го исклучува македонското малцинство од примената на Конвенцијата за заштита на националното малцинство, се посочува во анализата на ИФИМЕС.

Додека граѓаните на Бугарија со доаѓањето на ГЕРБ на власт се надеваа на поголема еднаквост и просперитет, добија многу поголема нееднаквост во поглед на социјалниот статус и користењето на уставно загарантираните права, како што се бесплатното образование, здравствена заштита и пензиско осигурување. Во такви околности, актуелните бугарски власти се одлучуваат своите многубројни внатрешнополитички проблеми да ги извезуваат во соседна Македонија, а како причина ги наведуваат историските причини и идентитетски прашања.
Аналитичарите сметаат дека последните години се случиле низа инциденти за употреба на говор на омраза против малцинствата, меѓу нив и од министрите во Владата на Бугарија, а парламентарниот имунитет системски се (зло)употребува за да можат членовите на бугарското народно собрание да се повикаат на одговорност поради употреба на говорот на омраза. За разлика во Европската Унија, која ги негува различностите на етничките малцинства, Бугарија го негира постоењето на етничките Македонци. Поради тоа е потребно да се работи на афирмација и на политичко претставување на етничките Македонци, кои живеат во Бугарија, бидејќи тоа ќе отвори нови европски перспективи меѓу Бугарите и Македонците и другите етнички заедници што живеат во овие две земји, пишува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана, насловена „Избори во Бугарија 2021: Бугарски ’десант‘ на Северна Македонија“.