Како работи ИОК на еволуција на олимписките игри за следната генерација спортисти и гледачи? Олимпискиот спорт денес изгледа многу поинаку отколку кога модерните олимписки игри беа измислени од Пјер де Кубертен на крајот од 19 век

Олимпискиот спорт денес изгледа многу поинаку отколку кога модерните олимписки игри беа измислени од Пјер де Кубертен на крајот од 19 век. Натпреварувачите се поподготвени и посилни. Опремата и спортските терени се технолошки понапредни. Ги нема игрите како влечење со јаже и подводно пливање, кои се заменети со модерни, младешки дисциплини, како БМХ и баскет 3х3. Спортистите, како во почетоците, и сега се стремат кон медалите, но сега нивните настапи ги гледаат милијарди луѓе во светот, на мноштво уреди.

– Темпото на промени продолжува да се забрзува и во спортот и во општеството, а олимписката програма продолжува да наоѓа баланс помеѓу традиционалните форми на спорт и оние понови спортови, кои се сѐ популарни – објаснува Франко Караро, претседател на Комисијата за олимписки програми, за интернет-страницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).

Најновите промени во програмата за Олимписките игри беа објавени во јули, со додавање иновативни и возбудливи нови настани за ЗОИ во Пекинг во 2022 година, вклучувајќи монобоб и нова дисциплина во слободен стил скијање.

– Промениве се одраз на она што се покажа како популарно и практикувано во целиот свет. Многу од новите спортови ги одразуваат менувачката природа на општеството, променливата природа на технологијата и променливата улога на спортот во поширокото општество. Олимписката програма уште е фокусирана на најголемите светски спортисти што настапуваат на најголемата светска спортска сцена, во најпопуларните спортови. Но, очигледно составот на тие спортови се менува последниве 120 години – вели Караро.

Можеби еден од најзначајните трендови е појавата на урбани спортови и адаптирани формати, како што се БMX-фристајл парк, скејтбордингот и баскетот 3×3, сите подготвени за деби на ЛОИ во Токио во 2020 година.

– Промените во програмата на ЛОИ 2020 ја одразуваат менувачката природа на спортот и на менувачките структури на спортот. Гледаме сѐ повеќе урбан спорт и сѐ повеќе адаптирани или скратени формати. Тие ги одразуваат промените во општеството, вкупната глобална урбанизација и, според тоа, промените во начинот на кој тие можат да пристапат до спортски објекти и да гледаат спортски настани – вели тој.

Многу од овие нови спортови и формати се нови за ЛОИ, но тие веќе беа на претходните изданија на Младинските олимписки игри (МОИ).

– МОИ ги одразуваат пошироките трендови во спортот, како што се форми на тимски спортови фокусирани на младите. Сега имаме 13 олимписки спорта дојдени од МОИ, благодарение на зголемената флексибилност што ја имаме околу олимписката програма. МОИ ни обезбедува терен за тестирање, а тоа не е важно само за олимписката програма, туку и за самите спортови, преку обезбедување можност и место за овие нови формати на спортови – вели Караро.

МОИ, исто така, го трасираа патот и за иновативни дисциплини со родово мешани тимови, кои сега стануваат вообичаени на ЛОИ и на ЗОИ. Во Токио, на пример, ќе има 18 мешани настани, двојно повеќе од ЛОИ 2016 во Рио, а на ЗОИ 2022 во Пекинг ќе бидат прикажани нови мешани спортски дисциплини во брзо лизгање на кратки патеки, скијачки скокови и во сноуборд-крос. Сето тоа е значаен чекор кон постигнување рамнотежа помеѓу половите на ЛОИ и на ЗОИ, што е јасна цел на олимписката агенда 2020, велат од ИОК. Според Караро, постојаното зголемување на учеството на жените на Игрите е едно од најзначајните случувања во текот на изминатите 50 години. Промените на олимписката програма ќе доведат до рекордно учество на жените во Токио (48,8 отсто) и во Пекинг (45,4), но МОИ повторно го предводат патот со целосна родова еднаквост, видена во Буенос Аирес лани и ќе се види на зимските МОИ во Лозана во 2020 година, велат од ИОК.

МОИ им нудат и шанса на гледачите први да ја видат следната генерација спортски таленти. Но, како ќе изгледаат Игрите на иднината кога тие ќе настапат на ЛОИ или на ЗОИ? Според Џон Коутс, претседател на Извршниот управен комитет за програмата „Нова норма“ (118-те реформи) и на Координативната комисија за ЛОИ 2020, меѓу најзначајните промени ќе биде зголемената флексибилност за градовите-домаќини, поголема помош од ИОК и од поширокото олимписко движење, како и вкупното намалување на трошоците и комплексноста на организацијата на Игрите.

– Од гледна точка на организаторите, Игрите на иднината дефинитивно ќе биде полесно да се организираат. Ќе има силна соработка со Олимпиското движење и ќе има помал притисок во првите три години од организацијата. Мерките од „Новата норма“, се фокусираат на заштеда при организирање Игри и покрива сѐ, од намалување на големината на објектите, преиспитување на опциите за транспорт, до оптимизирање на постојната инфраструктура и повторна употреба на спортските терени за разни спортови – објаснува Коутс.


Мораме постојано да импресионираме

Но, и покрај сите мерки за заштеда, спортистите можат да бидат сигурни дека Игрите на иднината ќе останат на врвот на спортските настани.
– Вие не би очекувале Игрите да бидат ништо друго, освен нешто најдобро во секоја област, па мора да бидете одлични од гледна точка на управување, мора да бидете совршени од гледна точка на животната средина, мора да го имате најдоброто од спортот, мора да имате фактор за врвна забава, гостопримството треба да биде одлично. Не може да имате какви било грешки кога станува збор за технологијата. Ова е притисокот под кој работиме – очекувањето од организаторите и од нас е совршеност и ништо друго. Мораме постојано да импресионираме – вели Коутс.


Спортските арени ќе станат повеќе од само спортски места

– Еден аспект што ќе продолжи да се развива се спортските арени. Тие ќе станат повеќе од само спортски места и ќе нудат многу пошироко искуство за гледачите преку интегрирање на сѐ повеќе услуги и сѐ повеќе напредок во гостопримството и на технологијата. Игрите на иднината ќе понудат многу повеќе импресивно искуство. Ова е важно бидејќи мора постојано да се стремиме да го направиме искуството на Игрите уникатно за сите. Ќе има повеќе дигитални интеграции, па не само што ќе можете да гледате што се случува во живо, туку ќе имате пристап до сите анализи – вели Џон Коутс, претседател на Извршниот управен комитет за програмата „Нова норма“ и на Координативната комисија за ЛОИ 2020.
Игрите на иднината може да изгледаат многу поинаку од оние од времето на Пјер де Кубертен на крајот на 19 век, но, според Коутс, тие секогаш ќе ги задржат основните принципи што Кубертен ги почитувал – место за промовирање на вредностите на спортот, вредностите на олимпизмот и целите на олимпиското движење.