Во Законот за основно образование во членот 85 пишува:
(1) Наставник, стручен соработник или воспитувач што првпат се вработува во основно училиште е наставник-приправник, стручен соработник-приправник, односно воспитувач-приправник.
(2) Приправничкиот стаж трае една година.
(6) За време на приправничкиот стаж приправникот го следи ментор.
(7) Ментор на приправникот го определува директорот на училиштето од редот на [наставниците, односно стручните соработници или воспитувачи], кои вршат работа за која се оспособува приправникот и имаат звање наставник-ментор или наставник-советник.
(9) Исто лице не може да им биде ментор во исто време на повеќе од два приправника.
(10) За вршење работа на ментор, училиштето на менторот му исплаќа надоместок во висина од 10% од платата што ќе ја прима приправникот по завршувањето на приправничкиот стаж.

Што се случува во основните и средните училишта во Република Македонија со распределувањето на платените менторства?
На еден ист наставник, стручен соработник или воспитувач му се даваат платени менторства за најразлични стручни профили. Така, наставник по англиски јазик е ментор на приправник по ликовно образование! Има многу примери. Дали може така? Погледнете го и споредете го ова со ставот 7 од членот 85! Очигледно дека не може. Ментор треба да ја врши работата за која се оспособува приправникот. Приправникот треба да има ментор со ист стручен профил каков што има и тој.

На еден ист наставник, стручен соработник или воспитувач што работи во основно училиште му се даваат платени менторства на приправник во средно училиште, а, веројатно, има случаи и обратно! А во средните училишта веќе има таков кадар, на пример стручен соработник! Или има такви стручни соработници и во другите основни училишта, но менторства ќе добие само едно исто лице што фатило некаква врска!!!
Теоретски, но и во практика, може на еден ист наставник, стручен соработник или воспитувач секоја година да му се даваат по две платени менторства од училиштето во кое работи или дури и од сите други основни и средни училишта во општината или дури и од друга општина! И тоа е по закон затоа што менторот нема повеќе од две менторства истовремено! Веќе има случаи каде што еден ист вработен има добиено 5 (пет) платени менторства во основното училиште во кое работи и сега добива 6-то (шесто) платено менторство во средно училиште, и сето тоа за време на мал број години, по сите горенаведени случаи!!!

Треба да се истражи како се делени платените менторства во училиштата во Република Македонија и по колку менторства добивало едно исто вработено лице. Има голема разлика од училиште до училиште.
Значи, дури и ако во едно училиште има соодветен стручен кадар за ментор, директорот на училиштето може да назначи (побара) кадар од друго училиште (основно или средно), и тоа пак ќе биде по закон, затоа што само и само ова е важно: тој ментор да нема повеќе од две менторства во исто време!

Менторствата се делат без никаков критериум и ништо не е важно, само се важни врски, преку некаква блискост со директорот, пријателство, куќно пријателство, ментор ќе стане оној што претходно бил директор и со своето искуство може да му помага на новиот назначен неискусен директор, и којзнае како уште!
Менторствата се делат и ги добива еден ист вработен и во претходната власт, а и во сегашната власт. На директорите на училиштата им е дадено царско овластување!
Платените менторства финансиски многу значат за нашите услови. Може да се добијат поприлично финансиски средства. Пресметајте!

Значи, не е важно што таквото доделување на платените менторства ги дискриминира и понижува другите вработени (еден ќе добива 6 (шест) менторства, а другите ниту едно) и овие другите треба добро да си ја вршат работата, да бидат задоволни и да не се спротивставуваат на ова. Овде сигурно постои мобинг. Како не се гледа дека овде има еден тренд, една појава што е неправедна, неетичка, неколегијална и, ако сакате, во суштина ненормална?! А најлошо од сето тоа е што нема извесност дека оваа појава ќе престане, па, така, истиот вработен што има врски, може да добива и понатаму платени менторства: 7, 10, 15 или повеќе платени менторства, а многумина ниту едно, и ништо нема да биде против законот и никој нема да реагира за да го спречи тоа и да промени нешто.

Милован Србиноски, психолог од Охрид