Убаво уредена камена патека може да му даде посебен шарм на вашиот двор, а наедно е и најевтино решение за едноставен, модерен и функционален приод до куќата или некој од објектите во дворот или во градината.

Камења обично се поставува така што растојанието помеѓу два соседни камења треба да одговара на должината на еден чекор, а во меѓупросторот на камењата можете да посеете трева или да ги бетонирате. За да си направите една ваква патека, потребни ви се следните материјали: камен, кој убаво изгледа и е практичен за пешачење, гребло, лопата, гумен чекан, мистрија, ситен песок, дрвена летва и мека четка.

Прв чекор: обележете ја патеката
Прво што треба да направите е со гребло да го расчистите просторот каде што ќе ја поставувате патеката од ситните камења и од корењата од тревки и растенија. Потоа обележете ги местата каде што планирате да ги поставите камењата, за да го одредите растојанието меѓу нив пред да почнете со подготовка на подлогата за поставување на камењата.

Втор чекор: подгответе ја подлогата
Откако ќе ја обележите патеката, ископајте дупки што ќе бидат 2 см подлабоки од висината на секој од камењата што ќе ги поставувате. Потоа во секоја од дупките ставете слој од 1,5 см ситен песок.

Трет чекор: поставете ги камењата
Доколку планирате да правите бетонска патека со камењата, тие треба да бидат малку повисоко од нивото на подлогата, а доколку сакате да посеете трева во меѓупросторот меѓу камењата, тие треба да бидат околу 1 см под нивото на земјиштето, за да можете без проблем да ја косите тревата околу камењата. За поставување на камењата користете гумен чекан, со кој слободно можете да удирате по каменот (без да го оштетите и искршете) додека не налегне добро во предвидениот простор.

Четврти чекор: проверете го нивото на камењата
Откако ќе ги наместите камењата на предвидениот простор, следното што треба да го направите е да проверите дали на иста висина сте ги поставиле камењата. Тоа најлесно ќе го направите со дрвена летва, која ќе ја поставите преку патеката и така ќе видите дали сите камења се поставени на иста висина.

Петти чекор: подгответе ја патеката за бетонирање или за трева
Доколку сакате камената патека да биде бетонирана, подгответе ја бетонската смеса и почнете со нејзино нанесување околу камењата, но во текот на бетонирањето внимавајте на нивелирањето во однос на камењата. Бетонската рамка и камењата треба да бидат на иста висина. Но доколку сакате да засадите трева во просторот меѓу камењата, во оваа фаза треба да распоредите тенок слој ситна земја, која убаво ќе ја натапкате така што ќе нема празен простор околу рабовите од камењата.

Шести чекор: посејте ја тревата
Во една кофа измешајте хумусна земја со семето од тревата и почнете со нанесување во просторот меѓу камењата, а со мека четка добро натапкајте ја земјата со семето. Патеката редовно полевајте ја додека не израсне тревата. За една седмица ќе имате прекрасна тревна патека.