Како новинарска патка стана лажна вест

Изразот „лажни вести“ стана неизбежен дел од секоја јавна комуникација, објаснување за повеќето неразјаснети состојби, проблематични и скриени податоци… одбрана од сите „прашања што не заслужуваат одговор“. Уште поголем проблем е што, повеќе или помалку свесно, како под некаков заеднички именител, под лажни вести се подведуваат не само намерно создадените лажни информации и дезинформации туку и шпекулации, разни видови пропаганда, непрецизни, нерелевантни, избрзани и задоцнети вести и слично, па дури и сатирата на пример. А некои од наброените се сосема легитимни форми на новинарско изразување

Амбиентот на забрзаниот животен и работен ритам, сѐ позбиените настани, лажните слободи и демократија, теророт на толеранцијата, контаминираниот јавен простор, вредносната и информативната конфузија…, веќе извесно време резултираат со хиперпродукција на ситуации, а пред сѐ на информации што неретко, повеќе или помалку заслужено, се етикетираат како лажни. Па, така, и изразот „лажни вести“ стана неизбежен дел од секоја јавна комуникација, објаснување за повеќето неразјаснети состојби, проблематични и скриени податоци… одбрана од сите „прашања што не заслужуваат одговор“.

Фразата беше лансирана во орбитата во текот на жестоката пропагандна војна за време на кампањата пред последните претседателски избори во САД и со тоа доби глобални димензии. Но деловите од нејзиниот радиоактивен материјал се распространија низ атмосферата и сега константно, во помала или поголема концентрација, се спуштаат на Земјината површина загадувајќи го јавниот простор во зависност од неговата отпорност. А Македонија и нејзиното опкружување се покажаа мошне неотпорни на оваа појава. Тоа лесно може да се констатира веќе и со сосема површен преглед на секојдневните информативни содржини, а беше утврдено и во неодамна објавеното истражување за Индексот на медиумска писменост составен од Институтот отворено општество (ОСИ) во Софија, според кој балканските медиуми се најранливи во Европа на „лажните вести“ и на феноменот на поствистина.

Нешто слично заклучиле деновиве и претставниците на ОБСЕ/ОДИХР во извештајот за предреферендумско изјаснување изразувајќи, меѓу другото, и загриженост дека, поради недостигот од регулатива и надзор на Интернет, поинтензивно ќе се шират лажни вести и ќе се заостри реториката во текот на кампањата.

Она што, секако, може да помогне многу повеќе од јаловите дебати за некаков надзор и регулатива е отвореноста на носителите на јавни функции, институциите и на сите општествени чинители, како и овозможувањето брз, ефикасен и неселективен пристап до информации од јавен карактер, кој, за жал, барем кај нас сѐ уше е во доменот на обидите за манипулации, купување време и криенки низ канцелариите за информирање и односи со јавност дури и кога станува збор за чисто технички и процедурални содржини

Но дали загриженоста е оправдана и дали причините за неа би биле елиминирани доколку се воспостави надзор и се донесе регулатива? Тешко е да се поверува. Прво поради тоа што лажните вести не се создаваат само во медиумите и на социјалните мрежи. Тие неретко само ги пренесуваат, а нивните автори најчесто се поблиску до оние што треба да го вршат споменатиот надзор и да ги дефинираат споменатите правила, отколку до медиумите. Вториот проблем е што, повеќе или помалку свесно, како под некаков заеднички именител, под лажни вести се подведуваат не само намерно создадените лажни информации и дезинформации туку и шпекулации, разни видови пропаганда, непрецизни, нерелевантни, избрзани и задоцнети вести и слично, па дури и сатирата на пример. А некои од наброените се сосема легитимни форми на новинарско изразување. Разликата, со поголеми или помали тешкотии, сепак може да се утврди. Доколку се сака и доколку се знае. Освен тоа, треба да се знае дека лажните вести, онакви какви што генерално се претставуваат, се само нов назив за она што постоело откога постои јавното информирање.

Само што такви и слични содржини, во времето додека постоеше џентлменско новинарство беа проследувани со назнаките: непотврдено, непроверено, неофицијално… Легендата вели дека во едни такви времиња еден германски уредник, диктирајќи ја најновата вест директно во печатницата, на мајсторот му ја издиктирал и кратенката n.t. (лат. non testatum – непотврдено). Тој, пак, ја напишал онака како што ја слушнал: en te (герм. ente – патка), по што на крајот од веста се нашол зборот патка. Подоцна се покажало дека веста била навистина неточна, така што како синоним за неточните вести во жаргон почнал да се користи изразот „новинарска патка“.

Е, тука сега доаѓа разграничувањето дали некоја неточна вест е резултат на немарност и нестручност или намерно е лажна? Дали произлегува од потпишаниот автор или му е подметната?
Исто како што патките во текот на еволуцијата се адаптирале за пливање, пловење на површината на водата и, во некои случаи, за нуркање и се огласуваат со разни звуци, како квакање, грачење, гровтање, трубење, така и вестите се адаптираат на новонастанатите ситуации. Тоа е незапирлив процес и она што сега е потребно е само да се уочи разликата.

Она што, секако, може да помогне многу повеќе од јаловите дебати за некаков надзор и регулатива е отвореноста на носителите на јавни функции, институциите и на сите општествени чинители, како и овозможување брз, ефикасен и неселективен пристап до информации од јавен карактер, кој, за жал, барем кај нас сѐ уше е во доменот на обидите за манипулации, купување време и криенки низ канцелариите за информирање и односи со јавност дури и кога станува збор за чисто технички и процедурални содржини.