Тим студенти на Кралскиот колеџ за уметност и на Кралскиот колеџ во Лондон развија серија машини што можат да помогнат за намалување на пластиката за еднократна употреба. Работејќи под името „Шелворкс“, тимот е составен од студенти од магистерски студии што собирале школки од јастог, ги обработувале, а подоцна ги претворале во жардиниери, паричници и биоразградливи пластични ќеси. Идејата на „Шелворкс“ е да се земат разни непознати биоматеријали, кои преку нивната функционална употреба ќе станат попознати. Најновиот проект на кој работат е создавање биопластика од оклопот на јастогот.

Тимот е составен од архитекти, механички инженери и продукт-дизајнерски инженери. Сите од тимот на „Шелворкс“ имаат фасцинација од отпадот од храна, особено со отпадот од морски животни како раковите. Отпадот од ракови и риби најчесто се занемарува од страна на дизајнерите и инженерите, нивните видици и аспекти вообичаено не го вклучуваат користење на овие материјали. Но тимот најде начин за нивна примена, се насочи на преработката на остатоците од ракови и рециклирање на овие материјали.

При јадење ракови, откако ќе се изедат меките делови останува нивната школка. Школката од раковите или јастогот вообичаено завршуваат во ѓубре, а нејзината крајна дестинација е депонијата. Токму таму при процесот на распаѓање тие емитираат метан. Според Обединетите нации за организација на храна и земјоделство, во светот отпадот од храна предизвикува осум проценти од вкупните глобални емисии на гасови. Од тие причини, тимот се запрашал дали постои начин да се валоризира тој проток на отпад. Околу 250.000 тони отпад од рак се продуцираат секоја година само во Европската Унија. Тежината на овој отпад е еднаква на 1.600 сини китови. Но што има толку вредно во овој отпад?

– Ние најдовме биополимер во школката на раковите хитин. Овој материјал е дел од оклопот на раковите. Хитинот може да се третира на одреден начин, при што може да се извлече од школката на раковите и всушност од него да се направи биопластика. Почнавме да експериментираме со јастози, затоа што се навистина интересен извор на отпад. По тежина хитинот изнесува околу 30 проценти од оклопот на јастогот. А исто така јастогот се сервира во рестораните наспроти школките и малите ракчиња, кои најчесто се индустриски обработени и без школка. Овие школки од јастози завршуваат на отпад – вели Ендру Едвардс од „Шелворкс“..

Хитинот е вториот најзастапен органски материјал во светот. Се наоѓа во инсекти, фунги и ракови. Преку хемиски процес хитинот може да се претвори во хитосан. Но за да се овозможи ова, потребно е да се екстрахира хитинот. Првата етапа е мелење на оклопот на јастогот. Школката од јастог се става во блендер, при што се меле сѐ додека не се добие прав. Подоцна во правот се додава вински оцет и се создава лигава течност. Таа течност се става во различни машина за обликување. Една машина создава листови, кои подоцна можат еден со друг да се залепат со лигавата биотечност и да се направи биоразградлива кеса. Друга машина работи со вакуум и создава биопластика што е потенка од вообичаената. Таа може да се користи за обвивање одредени производи во кои ќе постои вакуум. Трета машина се користи за создавање подебела биопластика со разни модли. Од модлите на оваа машина тимот најчесто прави предмети со 3Д-форми, како вазни за цвеќиња или чашки за чување разни работи.

– Овие производи се изградени од 100 проценти хитосан, кој лесно се рециклира. Нашиот проект прикажува дека овој материјал може да има различни секојдневни примени. Нашата цел е овој материјал да стане примамлива замена за пластиката за еднократна употреба. Поради таа причина создадовме саксии за садење што се биоразградливи. Ако сакате, можете да ги користите дома, ако сакате можете да ги засадите заедно со растението во почвата, при што при нивното разградување тие ќе ја оплодуваат почвата. Оваа биопластика што ја создадовме е растворлива во вода.

Тоа е позитивно, но и негативно. Лесно може да се разгради или рециклира, но и ја ограничува нејзината примена. Затоа се обидуваме да најдеме начини како да ја направиме отпорна на вода, моментално пробуваме премачкување на различни природни слоеви восок – вели Ед Џонс од „Шелворкс“.

[email protected]