Како интернетот го менува нашиот мозок

Интернетот претставува најшироко распространета и најбрзо прифатена технологија во историјата на човештвото. Во период од само една деценија, интернетот целосно го смени начинот на кој бараме и добиваме некаква информација, ги прелистуваме медиумите и рекламите, како и начинот на кој ги менаџираме сопствените социјални односи. Со пронајдокот на паметните телефони (смартфоните), интернетот стана мобилен, пренослив и присутен насекаде, со што популацијата и развиениот свет се стави на онлајн-врска во секое време и со сите.

Сепак, влијанието на овој нов канал за поврзување, информација, комуникација и време поминато пред екранот има несомнено влијание врз когнитивната функција на нашиот мозок, феномен што сѐ уште не е многу разјаснет. Пред ерата на интернетот, огромен број истражувања потврдија дека мозокот е податлив на околинските влијанија и стимулуси, што особено се однесува на процесот на учење, што се поврзуваше со неговата способност за невропластичност. Така, се покажа дека учењето нов јазик, стекнувањето нови моторни вештини или дури и формалното образование ја менуваат невралната архитектура во човечкиот мозок. Откако се воведе широката употреба на интернетот, се смали неопходноста од учење нови вештини и начини на интеракција со општеството, што придонесе до нови неврални промени. Така, на пример, со користење на паметните телефони на допир се покажа дека долгорочните промени во смисла на неврокогнитивни растројства, а како последица на неврални промени во кортикалните региони, се здружени со промени на сензорни и моторни процесирања на раката и палците. Интернетот, освен тоа, презентира нова платформа на скоро бескраен процес на учење нови информации и комплексни процеси релевантни за светот било да се онлајн или пошироко. Со помош на интернетот смалени се процесите на стареење и деменција, што е многу корисно кај постарата популација.

Заедно со невропластичните механизми, други околински и биолошки фактори можат да придонесат за промени во мозочната структура и функција, што резултира со смалувањето на когнитивната моќ и постепена појава на атрофија. Прифаќањето на помалку ангажирачки животен стил доведува до намалување на когнитивните способности, помала „когнитивна резерва“ (т.е. способност на мозокот да ја надмине повредата, патологијата или промените што се резултат на возраста). Виртуелните светови што создаваат еден вид бегство од реалниот свет предизвикуваат значајно смалување на сивата маса во орбитофронталниот кортекс, мозочен регион што е битен за контрола на импулсите и за донесување одлуки. Ова особено се однесува на мозокот на децата и адолесцентите, кој е сѐ уште во развој и за кој е неопходна стимулација од околината.
Најновите невронаучни истражувања можат да се групираат во три домени: а) влијание на интернетот врз вниманието (т.е. како постојаниот проток на онлајн-информации влијае врз нашето внимание фокусирано на одредени задачи); б) влијание врз помнењето и знаењето воопшто; ц) социјална когниција (какво е влијанието на вмрежените социјални комуникации, интеракции и статус во севкупниот онлајн-свет).

Едно мое претходно истражување ги поткрепува податоците добиени неодамна од САД, дека 95 отсто од младите имаат паметен телефон, а 45 проценти се приклучени онлајн скоро постојано. За ваквата експанзија на користење на интернетот низ светот придонесуваат неколку фактори. Интернетот е навлезен во едукацијата, патувањата, социјализацијата, комерцијата и во најголемиот број работни места. Освен прагматичната употреба, интернетот нуди бескрајни можности за рекреација и реклама.

И покрај големата полза, во едукативните установи веќе се забележани разурнувачките последици од овие дигитални технологии врз капацитетот за вниманието, така што над 85 отсто од децата се проценети како лесно дистрактибилни. Имено, преокупирани со мноштво на информации, кои им се презентираат, децата не се способни да го пренасочат вниманието од ова шаренолико поле на информации на одредена конкретна задача. Подеталните невроимиџинг-испитувања потврдиле дека кај овие деца е смалена сивата маса во префронталните региони. Ваквите промени резултираат со смалено ангажирање во академските и социјални активности, како и нарушување на сонот. Можеби тоа е причината за огромниот пораст на инциденца на проблемот наречен АДХД кај децата. Исто така, интернетот ги намалува вербалните капацитети кај децата. Ставени пред ТВ или компјутер, малите деца доцнат со говорот, мајчиниот јазик скоро да не го познаваат, немаат богатство на зборови, и многу често, најпрвин научуваат изрази на англиски јазик.

Вториот негативен ефект на интернетот е тој врз меморијата. На прашањето како интернетот го промени вашиот живот, најголем број од одговорите се поврзани со: наоѓање нови пријатели, возобновување стари пријателства, студирање онлајн, наоѓање романтични врски, можности за напредок во кариерата, купување или патување. Но другата страна на сево ова е смалување на семантичната меморија (меморирање факти), која е независна од другите форми на помнење. Интернетот овозможува многу факти да се стават на одредено место во алатката, а не вистински да се запомнат. Кога ќе го изгубиме мобилниот телефон, имаме огромна тешкотија да ги репродуцираме броевите што биле сторирани, зашто никој од нас не ги памети како факти, туку само ги запишува во телефонот.
Интернетот ја менува и надворешната, или таканаречена „трансактивна меморија“. Таа е интегративен дел на хуманите општества со милениуми наназад и се однесува на процеси преку кои луѓето имаат информации за други луѓе, нивните семејства, заедници итн., при што имаат можност да го запомнат изворот на знаењето, а не самите информации како такви. Со интернетот, оваа трансактивна меморија се заобиколува. Имено, сега не е важно од каде е информацијата (од книга, од пријатели, од социјални извори), туку информацијата се прима како таква, а изворот е небитен. Од друга страна, интернет-употребата ја смалува активноста на делови во мозокот одговорни за долгорочно сторирање на информациите, како и синхронизација на овие региони со други, неопходни за контрола на однесувањето и импулсите. Користење интернет ја смалува и спацијалната способност (снаоѓање во простор) што е потврдено кај возачи на такси, кои користат ГПС-модалитети.
Социјалниот онлајн-свет (кој се случува паралелно со когнитивните процеси во реалниот свет) станува помешан со надворешната социјалност, воведувајќи можност за специјални особености на влијание на социјалните медиуми врз реалниот живот на непредвидливи начини. Иако бројот на следбеници или пријатели преку социјалните мрежи е голем, многу е мал бројот на вистинските пријатели и лични комуникации. Пријателството се сведува на размена на информации, но нема длабоки емоции, нема ангажирање на амигдалата (центарот за емоциите) ниту на лимбичниот систем.

Или, генерално, овие фази на навлегување на интернетот во нашето општество се многу битни за да се започне ригорозно и екстензивно истражување на тоа како користењето на оваа технолошка алатка интерреагира со хуманата когниција, со намера да се овозможи максимизирање на позитивните можности, а да се смалат негативните. Ова особено е битно за децата и младите што се во процес на развој на мозочните функции.