Како да се премости трансатлантскиот јаз

Континенталните плочи на Земјата се поделија и првпат почнаа да се поместуваат пред стотици милиони години. Но на секој оној што ги посетува европските престолнини или ги следи настаните во Вашингтон поврзани со американскиот претседател Доналд Трамп, може да му се прости ако помисли дека е сведок на уште едно големо тектонско поместување.

Се разбира, трансатлантската недоверба не е нова. Пред почетокот на војната во Ирак во 2003 година, тогашниот американски секретар за одбрана, Доналд Рамсфелд, предизвика контроверзии, повлекувајќи граница меѓу „старата Европа“ и „новата Европа“, која ги вклучуваше поранешните комунистички држави што со поголем ентузијазам сакаа да ги следат САД во војна. Во очите на многу Европејци, целта на Рамсфелд беше да ја подели Европа.

Денес, Европа мора да се справува со уште еден тежок Американец по име Доналд. Администрацијата на Трамп води уште поагресивен пристап кон Европа, сметајќи ја Европската Унија за стратегиски конкурент и зголемувајќи ги сомнежите за долгорочната посветеност на САД кон европската безбедност. Во согласност со ставовите на Трамп, САД сега во Европа гледаат некој што само сака да ги користи благодатите од американската дарежливост.

Покажувајќи недоволно разбирање за американските интереси, Трамп се чини дека има намера да ги ослабне силите на европската интеграција. Тој, исто така, се обидува да предизвика поделби меѓу Европејците, и тоа не само меѓу „старите“ и „новите“ (меѓу кои има и голем број поддржувачи). На пример, Трамп не ги крие симпатиите кон брегзитерите, дури и кога тие продолжуваат да се дискредитираат во очите на повеќето Европејци, а можеби и на мнозинството Британци.

Светогледот на Трамп што се води од мотото „Америка на прво место“ не остава простор за партнерство меѓу САД и Европа, или кој било друг сојузник што нема автоматски да ги поддржи политиките на САД. Американскиот потпретседател Мајк Пенс многу јасно го кажа тоа на Минхенската безбедносна конференција во февруари, кога ги искара Европејците дека ги поткопуваат американските санкции против Иран и кога повеќе личеше на професор што чита список на задоцнети задачи.

Американскиот патернализам кон Европа веројатно нема да заврши со Трамп. Како што видовме досега, тој е одраз на долгогодишниот став на американскиот естаблишмент за национална безбедност, вклучувајќи го и оној на неоконзервативците, од кои многумина отворено одбија да работат за Трамп. За прашањата поврзани со Балканот или со руската закана против Украина, американскиот став е дека Европејците се слаби. Како што се вели во една популарна книга од областа на надворешната политика од 2003 година, Американците се од Марс, а Европејците се од Венера.

Како и да е, Европа, исто така, има удел во вината за трансатлантските тензии. Кога ЕУ го почна процесот на проширување пред околу 20 години, Полска и другите кандидатки за членство им се пожалија на американските дипломати дека европските претставници им рекле да изберат меѓу Америка и ЕУ, како да има две различни групи вредности и интереси. Наводно понапредните гледишта на Европејците за климатските промени, смртната казна, употребата на мека моќ и за многу други прашања биле насочени кон поддршка на единствен европски идентитет, со интереси различни од тие на САД.

Се разбира, оттогаш се променија многу работи, а некои Европејци сфатија дека мора да сторат повеќе за зајакнување на трансатлантските односи и тоа не само со зголемување на одбранбените трошоци, рационализирање на процесите за носење одлуки во ЕУ и решавање на економските спорови (голем противник на сево ова е Германија, чиј воен буџет како дел од бруто-домашниот производ е далеку под границата од два отсто поставена од НАТО.)

Но за Европа уште пофундаментален предизвик претставуваат нејзините внатрешни проблеми. Европските лидери треба подобро да им објаснат на своите гласачи што навистина претставува европскиот проект, во однос на разни прашања. За претходните генерации, одговорот беше очигледен: европската интеграција е неопходна за да се спречи уште една светска војна. Тоа беше точно пред 70 години, но сега е јасно дека треба да се обноват причините за проектот за да се одговори на актуелните проблеми на гласачите.

Европејците првично мислеа дека се здружуваат во еден цивилизациски потфат. Но, по продлабочувањето на структурната интеграција на блокот и самото вклучување на обединета Германија, многу Европејци почнаа да се чувствуваат како да биле принудени да се зачленат во најсложената бирократска машинерија во светот. Во момент кога се зголемуваат социјалните и економските притисоци од имиграцијата, повеќето Европејци почнуваат да чувствуваат како да го губат националниот идентитет. Тие сигурно нема да го променат мислењето со предавања за морална одговорност и за потребите на несреќните имигранти.

Оттука, некои земји-членки на ЕУ, меѓу кои има и такви што имаат огромна корист од членството во Унијата, инстинктивно ги затвораат вратите и се оградуваат со бодликава жица. Но како што знае секој сериозен европски лидер, мигрантските и бегалските кризи, и имиграциската политика воопшто, мора сеопфатно да се решаваат на ниво на ЕУ, а тоа вклучува и робусна надворешна политика фокусирана на откривање на основните причини за проблемите.

Додека Европејците се справуваат со суштинските прашања за идентитетот, бирократијата и за суверенитетот, креаторите на политиките во САД, без оглед на нивната политичка припадност, треба да длабоко да размислат за причините за сегашниот трансатлантски јаз. Поточно, тие треба да размислат дали цврстиот патернализам навистина претставува најдобар начин да му се пријде на еден континент со кој се делат толку заеднички вредности и интереси.

Иако ризикуваме да го кажеме очигледното, сѐ поголемите закани кон демократијата, па дури и кон самата цивилизација, бараат од САД и од Европа да покажат поголемо меѓусебно почитување и соработка. Нема причина да се очекува нешто да се промени во сегашната американска администрација, но сите треба да сториме сѐ што можеме за да обезбедиме подобра иднина за трансатлантските односи. Време е да ги приближиме континенталните плочи.

Хил е поранешен амбасадор на САД во Македонија