Во висококатниците и заедничките згради, балконите и терасите се единствено место каде што може да се одгледува цвеќе на отворен простор.
Балконите и прозорците со цвеќето претставуваат исклучителен украс и за дворовите и за улиците. Таа мала градина може да стане гордост и радост на станарите, а исто така и убава слика за сите минувачи и соседи.

Растенијата на терасите, прозорците или на оградите имаат отежнати услови на раст. Тие постојано се изложени на ветер и сонце, чие, пак, дејство е засилено од близината на ѕидовите и прозорските стакла. Затоа треба да се изберат соодветни видови цвеќиња, кои нема да бидат многу чувствителни на временските влијанија.

Многу е важно да се води сметка на која страна на светот се завртени прозорците и балконите. Некои видови не поднесуваат силна сенка, па, така, во сенка или воопшто не цутат или, пак, цутат многу слабо. На други, пак, им пречи силното сонце. Затоа, при садењето и негата на овие растенија треба да им се посвети посебно внимание.
Доколку прозорците и терасите се наоѓаат на приземје или на првиот кат и се блиску до улицата, може да се одберат цвеќиња со нежни бои и поситни цветови и листови.

Доколку, пак, сакате да ги украсите прозорците или балконите на третиот, четвртиот или на петтиот кат од зградата, кои се мошне оддалечени од улицата, треба да се одберат растенија со поживи бои, со покрупни цветови и листови, како и растенија чии стебла не стојат исправено, туку паѓаат. На тој начин, цвеќето ќе постигне најдобар ефектот кај минувачите, кои набљудуваат од поголема далечина.

Убави ефекти се постигнуваат и со засадување еден вид или, пак, со разни комбинации. На пример, портокаловите мињон георгини, петуниите, тегересот, аспарагус спренгер и други, цутат приближно во исто време и многу добро се дополнуваат со својата боја и раст.