Убав, зелен и кадифен, тревникот е неизоставен дел од секој убаво уреден двор. Тревата најдобро е да ја садите во пролет или наесен. Важна информација пред садењето на тревата е да не користете производи за контрола на пиреј, таквите средства употребувајте ги откако најмалку трипати ќе го искосите тревникот. Во продолжение ќе ви презентираме пет чекори за успешно засадување и одгледување тревник во вашиот двор.
Прво, изберете квалитетно семе за трева. Прекрасен, кадифен тревник може да имате само доколку имате квалитетно семе и добро подготвено земјиште.
За засадување нов тревник, при прекопувањето на теренот отстранете 5 см од површинскиот слој на земјата. Исчистете го теренот од камчиња, стапчиња и др., искршете ги поголемите грутки земја, така што ќе добиете рамна и чиста површина подготвена за садење.

Распоредете го семето рамномерно по целата површина, а потоа наѓубрете го земјиштето со почетно ѓубриво. Не користете пестициди против плевел ни пред ни по садењето на тревата. Доколку, пак, сакате да освежите делови од постојниот тревник, прво што треба да направите е да ја искосите тревата најниско што можете. Потоа отстранете 2 см од земјата на деловите што сакате да ги освежите, така што ќе ја отстраните сувата трева и ќе го израмните теренот. Користете ја постојната земја, новата земја може да содржи семе од плевел. Наѓубрете го местото откако ќе ја посеете тревата.

Тревата сејте ја со рака и трудете се еднакво да ја распоредите. Избегнувајте да ставате премногу семе бидејќи доаѓа до борба за место и за хранливи материи. На местата каде што има премногу семе тревата ќе биде слаба и тенка.
Откако ќе ја посеете, со гребло нежно и лесно изгребете ја земјата така што 2 см земја ќе го прекрива семето. Одржувајте ја површината влажна така што секојдневно умерено ќе ја полевате додека тревата изникне и нарасне некој сантиметар. Со редовното и со умерено залевање на тревата коренот ќе биде здрав и силен.
Првото косење на тревата треба да се направи кога таа ќе достигне висина од околу 8 см. На првото косење пожелно е тревата да ја скратите на околу 5-6 см, а за да ѝ го одржувате коренот здрав и јак, тревата треба да ја косите што почесто, но никогаш пониско од една третина од нејзината должина. Идеална должина на искосен тревник е 3 см.

Според агрономите, идеално време за наводнување на тревникот е помеѓу 3 и 6 часот наутро. Вечерното полевање предизвикува појава на болести кај тревата, додека, пак, ако тревата се залева преку ден големо количество вода испарува. Најдобар и најрамномерен начин на полевање на тревата е со вградени прскалки.