Едно од најважните парчиња мебел при опремувањето на трпезаријата е трпезариската маса. Кога ја избирате масата, треба да водите сметка за нејзината големина (во зависност од бројот на членови во семејството), нејзиниот облик, за материјалот од кој е направена, но и за големината на трпезаријата во која треба да ја сместите.

Изборот на маса не е само естетско решение. Обликот на масата треба да биде приспособен на големината и изгледот на просторијата. Исто така изборот на масата треба да одговара со вашиот начин на живот.
Кога размислувате за купување маса нејзиниот облик е најважниот елемент на кој треба да обрнете внимание бидејќи тој влијае на целосниот изглед на просторот. Секој облик има свои предности и недостатоци, па затоа треба да се избере онаа маса што има најмногу позитивности за одредениот простор.

Ако се одлучите за квадратна маса, нејзина предност е тоа што е одлична за опуштено и романтично јадење на две или четири лица. Штеди простор во мали простории и лесно се преместува. Лоша страна и е тоа што не е погодна за седење на повеќе лица.
За опслужување поголем број луѓе одличен избор е правоаголната маса, која може да се користи и како шведска маса. Кога не се користи може да се припои кон ѕидот. Лоша страна и е тоа што зазема голем простор во квадратните простории.
Тркалезната маса е убава бидејќи секој се гледа со секого и може убаво да се комуницира. Погодна е за необични и неупотребливи агли во просторот, но сепак мана ѝ е тоа што го окупира просторот и тешко се складира.

Овалната маса е исто така добар избор за пријатни седенки со повеќе луѓе. Нејзините заоблени делови изгледаат елегантно во голема и долга просторија и токму затоа не одговара за мали и квадратни простории. Непогодна е за сместување во аголни простории.

Покрај обликот, важна улога има и големината на масата. Масите што се на развлекување одлично одговараат за домови што имаат помалку луѓе, но често имаат гости. Затоа е добро да изберете маса на развлекување бидејќи ќе можете да ја користите и за секојдневни потреби и за поголеми забави, прослави и сл.
При изборот на маса важен елемент е и ширината. На масата треба да има доволно простор да се стават чиниите, приборот за јадење и послужување, па затоа пожелно е да има широчина од еден метар, особено ако сакате да консумирате повеќе видови храна истовремено.

Стандардната висина на масата е 75 см, а висината на седиштата на столчињата е 45 см. За секое лице што седи на масата се потребни минимум 60 см простор во ширина. Исто така, минималната раздалеченост на масата од ѕидот треба да биде 60 см, за да се има комфор при седнувањето и станувањето. Ако трпезариската маса ви е во кујната, а просторот за движење е зад столчињата, тогаш раздалеченоста меѓу масата и тој простор би требало да биде минимум 120 см за да може истовремено да се седи и да се работи низ кујната.

При изборот на маса важна улога има и материјалот од кој е изработена. Различни материјали имаат различни позитивни и негативни карактеристики.
Старите добри дрвени маси се издржливи и долготрајни. Неполираното дрво има антибактериски својства, а наедно постои широк избор за негова завршна обработка. Мана му се тежината и масивноста при преместување и транспорт, но и високата цена на чинење.

Пластичните маси се поевтини, трајни и лесни за одржување. Постои голем избор на бои и дезени. Лоша страна се чувствителноста на топлина и на сончева светлина и видливите гребаници, кои тешко се поправаат.
Провидноста на стаклените маси дава чувство за пространост, изгледаат модерно и софистицирано. Лесни се за одржување. Лоша страна им се острите рабови, кои можат да бидат опасни и тоа што привлекуваат прашина.

Масите од облагородена иверица изгледаат како да се од дрво, а имаат пониска цена. Отпорни се на вода и дамки, а постои голем избор на бои и дезени. Сепак помалку се трајни во споредба со дрвените и лесно им се оштетуваат рабовите.

Изборот на маса секогаш е придружен и со избор на столчиња. Кога избирате столчиња за трпезариска маса најдобро е тие да бидат без потпирачи за рацете или потпирачите да се ниски за да може столчето да влезе под масата. Трпезариските столчиња треба да се вовлекуваат под масата макар за половина од своето седиште. Треба да бидат удобни и во согласност со материјалот, формата и големината на масата.