Понекогаш не е лесно веднаш по станувањето од постела да одите на трчање, но чувството што го имате по џогингот, тешко може да се спореди со кое било друго

Трчањето е една од активностите на кои голем број луѓе се одлучуваат за да го подобрат своето физичко здравје, но во исто време од него има и многу други придобивки.

Ако одлучите рекреативното трчање да стане ваша секојдневна навика, летото е совршено време за тоа, но, секако, во утринските часови, кога времето е посвежо. Всушност, утринското трчање многу придонесува за подобрување на нашето психофизичко здравје.

1. Почист воздух и пониски температури
Покрај тоа што температурите во текот на летото се многу пониски наутро, отколку во попладневните часови, не е занемарлив и фактот дека воздухот е почист, што е особено важно ако трчате низ градските улици. Имено, бидејќи наутро сè уште нема метеж во сообраќајот, од автомобилот се испуштаат многу помалку штетни гасови.
Сето ова придонесува за полесно дишење при трчањето, што е исклучително важно, особено ако сте почетник што сè уште се бори да научи правилно да дише за време на оваа активност.

2. Се гради здрава навика
Станувањето рано наутро има многу предности, како и здравствени придобивки, од намалување на ризикот од карцином на дојка до намалување на крвниот притисок. Но она што не е занемарливо е и тоа што на тој начин се создава здрава навика, на која е полесно да ѝ се посветите во овој период, отколку во попладневните или вечерните часови.

Наутро не сте оптоварени со настаните што се пред вас, сè уште не сте добиле некои лоши вести, па затоа ќе бидете многу поподготвени да излезете и да направите нешто за себе, отколку што би правеле кога ќе се вратите дома по напорната работа.

3. Исполнува со енергија и добро расположение
И покрај тоа што сте донеле одлука да трчате наутро, понекогаш не е лесно веднаш по станувањето од кревет да се одите на трчање, но чувството што го имате по џогингот, тешко може да се спореди со кое било друго.Енергијата, напливот на адреналин и ендорфин, со текот на времето, полека ќе ве привлечат во светот на трчањето. Чувството што ќе биде присутно наутро, ќе го постави тонот за добро расположение во текот на целиот ден, што е исклучително важно да продолжите со исто темпо во извршување на работните обврски.

4. Го подобрува спиењето
Иако можеби звучи контрадикторно, станувањето рано за да се излезе надвор на трчање, всушност го подобрува спиењето. Според едно истражување, објавено во списанието „Васкуларно здравје и управување со ризик“, се покажало дека утринското вежбање, вклучувајќи го и трчањето, придонесува за полесно реализирање на фазата на спиење РЕМ, отколку кога трчате доцна попладне или навечер.
Утринското трчање е особено ефикасно за оние што страдаат од несоница или некое друго нарушување на сонот.

5. Ја зголемува самодовербата
Како што ќе напредувате секогаш кога ќе истрчате неколку километри повеќе, така ќе станете и посвесни за сето она што можете да го постигнете. Откако првпат ќе ја истрчате својата утринска маршрута без пауза или откако ќе го надминете мислењето дека воопшто не сте спортски човек, ќе се чувствувате посилно и многу погордо на себе.

Не е занемарлива и можноста дека трчањето е добро и за губење на вишокот килограми, како и за обликување на вашето тело. Исто така, луѓето околу вас ќе ја забележат вашата секојдневна посветеност на трчањето, тие ќе ве гледаат како поорганизирана личност, која знае што сака и која се грижи за своето здравје. Комплиментите што ќе ги добиете сигурно ќе ја зголемат вашата самодоверба.