Како да бидам подобар татко од Џеф Безос?

И затоа, наместо Џеф да се фали, како последна алапача во паланка дека со новиот „голф“ таа и нејзин Стојко стигнале на море за четири саати, а порано со „фиќото“ патувале девет саати, поарно тие 11 минути да ги искористел да си зачне со некого дете. Па да види Џеф што е цела вселена во едно суштество и што е вистински татко-астронаут: оној што ја истражува таа вселена и ја подига. Ама, не знам дали тие
луѓе како Безос сакаат деца

Ипонатаму си стојам на тезата дека целиот свет (не само Македонија) се претвори во семиотички ступидариум: бесмислиците ги означуваме како врвни мудрости и обратно – врвните мудрости ги прогласуваме за бесмислици, па дури и за лудило. Човекот веќе не е animal simbolicum (животно што означува), туку бесловесно животно што произведува депонии бесмисла: ѓубришта празни знаци.
Еве една таква бесмислица, поради која цел месец плачам. Најпрвин од среќа, а потоа од тага. Од среќа плачев затоа што еден сосема обичен човек како што сум јас (рака на срце, малку поинаков од мене, зашто е најбогатиот човек на светот), а не професионален космонаут, стигна до границата од која почнува вселената и безбедно се врати на Земјава, и тоа за само 11 минути, со што сакаше да каже дека СЕКОЈ човек може да го стори истото тоа. И неговото име е обично, се вика Џеф Безос: на Запад секој трет се вика Џеф, како кај нас Трајче. Ама, завидливците од НАСА, кои не дозволуваат обичните луѓе да се закитат со космичка слава, додека Џеф летал кон работ од кој почнува вселената, замислете, малициозно свикуваат итен состанок и за тие 11 минути го менуваат параграфот од правилникот што дефинира што е астронаут. Со новата дефиниција астронаут не е оној што зачекорил милиметар преку границата од која почнува вселената (таканаречената Карманова линија со која завршува атмосферата), туку и поминал некое време преку границата. Завидливци! Само да поништат рекорд!
И само што му го одзедоа астронаутскиот медал на човекот, прочитав дека Безос веќе не е најбогатиот човек на светот! И повторно се расплакав. Со треперливи раце го држев телефонот и читав што јавуваат електронските медиуми: „По пријавувањето на деловните резултати во вториот квартал, акциите на ’Амазон’ паднаа за 7,6 проценти, па Џеф Безос, како најголем акционер – загуби најмногу – 13,9 милијарди долари“. За таква пара, и ништо крвно да не ти е човекот, жолчката да ти излезе од плачење. Ама, како што читав натаму, сфатив дека сега најбогат на светот е францускиот тајкун Бернар Арно, кој загубил помалку, околу 2,9 милијарди долари. Утехата беше дека и едниот и другиот не загубиле од она што веќе го имаат, туку од она што ТРЕБАЛО (и било планирано) допрва да го стекнат како чиста добивка.

Така што, може да се каже – имале ЗАГУБА НА ДОБИВКАТА, а не на фиксното богатство на сметката. Целиот пак мој живот е чиста спротивност: ДОБИВАЊЕ ЗАГУБА на фиксното „богатство“. Сепак, ми остана нејасно: како е можно да губиш и кога добиваш, како што е овој случај? Еве што пишуваше: „Иако акциите на ’Амазон’ загубија вредност, компанијата не забележа лоши резултати. Само не толку добро колку што се надеваа акционерите. Американскиот гигант пријави 113 милијарди приходи, што претставува зголемување од 27 проценти во однос на истиот период минатата година“. Значи, осиромашил со тоа што се збогатил 27 отсто во однос на минатата година? Идиот сум, не разбирам.
И се обидувам да си преведам во за мене сфатливи величини: величините на мојот паричник. Тоа е како јас да имам баснословно богатство од 1.000 евра на мојата сметка, од уплатен авторски хонорар за роман (толку плаќа за роман нашето Министерство). Ама, сум планирал во Македонија да заработам уште милион евра од продажба на тиражот (да замислиме дека сум отпечатил милион примероци), зашто обично по едно евро од продаден примерок оди за авторот. Но сум продал само 100, па сум заработил 100 наместо милион евра, што значи дека сум загубил деветстотини деведесет и девет илјади и деветстотини евра. Да замислиме дека другар ми Блаже Миневски, кој исто така имал 1.000 евра безбедно романсиерско богатство на сметката, продал 200 примероци од својот роман (наместо, исто така планираните милион), што значи – загубил деветстотини деведесет и девет илјади и осумстотини евра, а тоа е загуба 100 евра помала од мојата. И така – јас веќе не сум најбогат романсиер во Македонија. Медиумите јавуваат: сега најбогат е Блаже Миневски. Мртва трка меѓу две романсиерски „богатства“: едното 1.100, другото 1.200 евра!
Е доста е, навистина! Зошто мислат дека сме ТОЛКУ глупави?! Зошто мислат дека е важно да ја прочитаме оваа морбидно дебилна вест, еклатантен пример за семиотички ступидариум? Зар треба сите дома да плачеме над црната судбина што сурово и бездушно на Џеф му ОДЗЕЛА, кога кутриот, вредно спечалил 27 отсто повеќе од лани? Има ли мера лакомоста? И ми паѓа на памет дека имаше една реклама за банка, која се сведуваше на истата „филозофија“.

Слоганот беше: „Земи кредитна картичка кај нас, и – ИМАШ И КОГА НЕМАШ“. А всушност, никој не сакаше да сфати дека е токму обратното (како во секој семиотички ступидариум): НЕМАШ И КОГА ИМАШ, зашто само ТИ СЕ ЧИНИ ДЕКА ИМАШ. И Безос нѐ добива на слична финта: оплакувајте ме луѓе, зашто јас НЕМАМ и кога ИМАМ!
Не сакав да пишувам за Безос. Такви гниди што можат (затоа што устата им е веќе зафатена со гнетење) да го проголтаат целиот космос и низ анусот, наспроти сите физички закони на перисталтиката, не ми се омилена тема. Немаше да пишувам, ако еден пријател не ми се пожали со порака, дента кога Безос одлета „до вселената“: „Венко, братче, и ќерка ми и син ми ми велат дека сум неуспешен татко. Да сум бил успешен, ќе сум бил во ракетата со Безос“. Му одговорив итно да им го преполови месечниот буџет, па нека одат кај Безос да побараат џепарлак, тој нека им биде татко. Па да видат дали Безос ќе им даде еден пезос. Кога од него ќе добијат ПРОЦЕНТУАЛНО толку колку што мојот пријател им дава месечно (а им дава половина плата), нека ми пишат! Би требало, за да бидат на исто, на тате Безос да му побараат по 20 милијарди долари месечно секому, и тоа во кварталот кога „страшно осиромашил“ и веќе не е најбогатиот човек на светот.

А што се однесува до оние 11 минути за кои стигнал до работ на вселената и се вратил дома, му симнувам капа. Иако, знам дека може да се биде голем човек и без да се оди во вселената: велат дека Кант ниеднаш не го напуштил родниот Кенигсберг. Јас за 11 минути можам само да сварам јајце: ми требаат пет минути да зоврие водата и шест минути варење. Ништо друго не сум кадарен да направам за 11 минути. За бричење ми требаат 15 минути, за туширање 20, за да стигнам на работа низ утринскиот шпиц – 30 минути. И да, можеби би можел (ако ми тргне) за 11 минути да напишам страничка текст, со која ќе дојдам, преку фантазијата, и до КРАЈОТ на вселената, а не само до нејзиниот почеток. Но за тоа никој нема да знае на брејкинг њуз. И не треба: подвигот е твој ако друг не знае дека си се надминал. И затоа, наместо Џеф да се фали, како последна алапача во паланка дека со новиот „голф“ таа и нејзин Стојко стигнале на море за четири саати, а порано со „фиќото“ патувале девет саати, поарно тие 11 минути да ги искористел да си зачне со некого дете.

Па да види Џеф што е цела вселена во едно суштество и што е вистински татко-астронаут: оној што ја истражува таа вселена и ја подига. Ама, не знам дали тие луѓе како Безос сакаат деца. Неговиот колега во космичките турист-тури, Илон Маск, на својот син му даде име X Æ A-12 (она Æ е знак за вештачка интелигенција). Матичната служба одби да го запише тоа име во изводот на родените, под образложение дека според законите на САД, во личните имиња не смее да има редни броеви.
Ама за таа тема, името, па уште со редни броеви, имам пишувано, па овде би сопрел… поарно.