Тоа што за Македонија стана редовна практика и за прашања од помал „национален“ интерес, во другите земји од Западен Балкан одржувањето „лидерски средби“ се прави во исклучителни случаи и во време на големи политички кризи или длабоки внатрешнополитички превирања

Зоран Заев и Христијан Мицковски за помалку од еден час им ставија крај на повеќемесечно надмудрување и јаловите дискусии меѓу власта и опозицијата за (не)одржувањето на пописот. Одлуката за одложување на статистичката операција во септември беше донесена на т.н. лидерска средба, која се чини станува препознатлив македонски политички бренд за комуникацијата меѓу владејачките и опозициските партии за спорните прашања, кои наместо во парламентот, се решаваат меѓу двајца или евентуално четворица претставници од главните политички опции во земјата! Тоа што за Македонија стана редовна практика и за прашања од помал „национален“ интерес, во другите земји од Западен Балкан одржувањето „лидерски средби“ се прави во исклучителни случаи и во време на големи политички кризи или длабоки внатрешнополитички превирања.
Во сите земји од поблиското опкружување има различни политички ставови за одредени прашања, а кои во моментот се дополнија и со влошената епидемиолошка состојба поради коронавирусот. Но во ниедна од нив отворените прашања не се решаваат на средби на претставници на две политички партии. Пример за тоа е Бугарија, која во изминатата година поминува низ политичка криза, но водечките лидери не се одлучија да се договараат „вонинституционално“. Во Србија односите меѓу власта и опозицијата се уште посложени. По убедливата победа на последните парламентарни избори на Српската напредна партија, меѓународната заедница се обидува да организира меѓупартиски дијалог за постигнување договор за измена на изборните правила. Сите досегашни обиди за ваква средба завршија неуспешно, поради големите разлики меѓу власта и опозицијата за форматот на политичкиот дијалог. На ова се дополнува раситнетоста во опозицискиот блок, околу изборот на свои претставници во евентуалниот дијалог со власта.

Во Хрватска неколку години на власт е ХДЗ, а во услови на анемична опозиција, главната улога на критичар на состојбите во државата ја презема новоизбраниот претседател Зоран Милановиќ.
По договорот на претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, наредните денови во Собранието треба да помине расправата за законските измени за одложување на пописот и на локалните избори. Но тоа веднаш предизвика реакции од албанските партии. Скендер Реџепи од коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците рече дека не ги прифаќаат „заклучоците од средбата помеѓу Заев и Мицкоски“. Во наредниот период се очекува продолжување на политичките тензии во македонскиот парламент, кој досега работеше на работ на кворумот, со долги блокади од поднесување голем број амандмани за некои предлози и закони.
Посредникот од Европскиот парламент во дијалогот за унапредување на изборните услови во Србија, Владимир Билчик, најави продолжување на разговорот меѓу власта и опозицијата по Велигден.
– Верувам дека политичарите во Србија сериозно го сфаќаат дијалогот. Тие што се на власт имаат одговорност за подобрување на состојбата за политичко натпреварување – изјави Билчик.

Српскиот претседател и лидер на Српската напредна партија, Александар Вучиќ, најверојатно ќе учествува во разговорите меѓу власта и опозицијата, кои ќе бидат во рамките на меѓупартискиот дијалог за подобрување на изборните услови. Кај политичките партии од опозицијата не постои единство за тоа кој ќе ги претставува, но и за присуството на дијалогот, на кој медијатор би бил претседателот на државата, објави „Политика“.
– Во Србија не постои нормален политички живот, а со тоа нема основа ни за некаков меѓупартиски дијалог. Единствено има смисла да се организираат преговори меѓу претставници на обединетата власт и претставници на обединетата опозиција за условите за слободни и чесни избори. Не треба да се дозволи мешање на надворешен фактор во нашите внатрешни и суверени прашања – вели Бошко Обрадовиќ, лидер на Двери, во разговор за „Данас“.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, повторно се наметна како предводник на опозицијата, а неговата партија, која десет години ја водеше, е во негова сенка, пишува во коментарот на „Јутарњи лист“. Во изминатиот месец Милановиќ имаше спор со премиерот Андреј Пленковиќ за изборот на претседател на Врховниот суд. Со реакции на речникот на Милановиќ се огласи и претседателот на опозициската СДП, Пеѓа Грбин, кој изјави дека „помалку му пречи претседателскиот безобразлук од кражбите на ХДЗ“. Досега партијата на социјалдемократите беше доста воздржана околу коментирање на состојбата со епидемијата во Хрватска, но деновиве Грбин се осврна и на пропустите на актуелната власт за ненавремената вакцинација на населението против коронавирусот.