Индициите за злоупотребата на штедните влогови во поштата во Злетово им го сменија животот на злетовци, кои идиличниот и на моменти досаден селски живот го заменија со шетање по шалтерите и канцелариите во поштите во Пробиштип и во Штип, чии врати тешко се отвораат поради „молкот“ на поштенските работници

Неизвесност, страв и исчекување деновиве се гледаат на лицата на жителите на малото рударско место Злетово во источниот дел на Македонија. Луѓето, претежно стари лица, тешко се движат на пеколното јулско сонце. Брзаат некаде и без желба да разговараат со своите соселани. На лицата им се гледаат загриженост и тага. Владее некоја чудна атмосфера во селото, а над околните ридови се напластиле некоја чудна сила и енергија, која секој час се очекува да експлодира. Како да надвиснале црни облаци, кои носат поројни дождови и се закануваат да однесат сѐ пред себе. Злетовци навикнале на оваа клима и научиле да се справуваат со временските неприлики. Но ако поразговарате со нив, ќе дознаете дека тие на своите плеќи носат друг товар, многу потежок од сиромашниот живот на кој веќе се навикнале.

Во нивните разговори повеќе не се вообичаените теми за тоа каде се и како живеат нивните деца, за тоа дали лозјето годинава го зафатила пламеницата. На секоја нивна средба неизбежно се разговара за поштенскиот работник во локалната пошта во Злетово што изминатиот викенд си го одзеде животот со бесење, откако се разоткри измамата со неовластеното одземање на штедните влогови на повеќе жители на селото. Од нив, најголем дел се пензионери, кои својата тешко спечалена заштеда од долгогодишната работа во рударските јами со полна доверба и срце му ја доверувале на „најдобриот поштар“, кој, ете, знаел најдобро да се „грижи“ за нивните пари.
Овој настан им го смени животот на злетовци, кои идиличниот и на моменти досаден селски живот го заменија со шетање по шалтерите и канцелариите во поштите во Пробиштип и во Штип, чии врати тешко се отвораат поради „молкот“ на поштенските работници. Кај нив постои малку надеж дека ќе успеат да си ги вратат заштедите, кои, според сегашната реакција и слободна процена на локалното население, збирно се високи и шестцифрени, изразени во евра.

Измамата со поштенските денарски книшки на граѓаните, во која главен актер е поранешниот и надежен фудбалер на тогашниот локален клуб, за што беше и вработен во поштата во Злетово, во која непрекинато е речиси четири децении, почна да се одмотува случајно. Пред две-три недели еден од пензионерите бил примен во болницата во Штип. Бидејќи му биле потребни пари за лекување, синот се обидел да извади пари од штедната книшка во една од штипските пошти. Но таму го добил најнеочекуваниот одговор, дека на книшката нема ни денар. Синот бил посоветуван да си ги побара парите во локалната пошта во Злетово. Тоа и го сторил, но од поштарот добил нов удар.


„Сега немам пари, почекај“, бил одговорот на поштарот.
По ова синот на пензионерот го пријавил случајот во полицијата, која веднаш отворила предмет за злоупотреба на штедните влогови. По натамошната истрага било потврдено дека недостигаат пет илјади евра, а осомниченото лице ја признало злоупотребата. Подоцна, со меѓусебна спогодба, оштетениот пензионер бил обесштетен, а полицијата го затворила овој случај.
Приказната за злоупотребите во поштата во Злетово бргу се проширила кај другите штедачи, кои поитале да си ги проверат своите заштеди. Набргу се дознало дека бројот на оштетените е голем. Весникот „Нова Македонија“, поради сплет на околности и новинарски истражувања токму во тој дел на Македонија, беше и директен сведок на голготата на еден осумдесетгодишен старец, со нарушено здравје и со висок притисок, кој по топлото и спарно време се обидуваше да дојде до својата заштеда, чувана за тешки денови. Неговото патешествие почна во понеделникот утрото, кога во поштата во Пробиштип побара информации за состојбата на денарската книшка и со барање да си ги подигне сите пари.

„Нова Македонија“ во наредните денови ќе продолжи со истражувањето и ќе се обиде да даде одговор за тоа дали е во прашање финансиска афера. Ако е, тогаш колку тежи таа, колкав е бројот на оштетените граѓани, дали стојат и други лица или институции во заднината?

Вработената во поштата, која во понатамошниот разговор се утврди дека е и раководителката на оваа пошта, почна да пребарува по компјутерот. По една минута се забележа како го менува изразот на лицето. Продолжи нервозно да пребарува по електронската архива и по десетина секунди го повика колегата, покажувајќи му со едната рака на екранот, што беше јасно дека на сметката нема ништо. Откако старецот ѝ посочи дека треба да има над 200 илјади денари, таа скокна од местото и со трчање влезе во просторијата зад шалтерите. Ја немаше петнаесетина минути, а потоа ги повика старецот и неговиот придружник. Веќе беше јасно дека штедната сметка е празна, но следуваше уште пошокантен одговор од нејзина страна,
– Знаете, вие сега ќе одите во поштата во Штип и ќе поднесете пријава со фотокопија од личната карта и од сите страни на кои се заведувани штедните влогови – беше нејзиниот краток одговор.

На дополнителната реакција на странките дека ја бараат основната информација за тоа дали има пари на сметката и на забелешката дека штедачите имаат право да знаат со колку средства располагаат, таа повторно се повика на процедурата. Тоа значеше дека пријавата што ќе се поднесе со Штип ќе биде препратена на овластена банка во Скопје, со која „Македонска пошта“ има склучено соработка во делот на собирање штедни влогови. По ова следуваше одговор од оштетениот дека ќе замине во полиција и ќе поднесе пријава за злоупотреба на штедните влогови и за закинување на правото на информација за висината на заштедата.
Одговорните лица во полициската станица во Пробиштип веднаш отворија постапка по новата пријава. Во меѓувреме во полициската станица пристигна раководителката од поштата и во холот почна да го разубедува старецот да се откаже од поднесување пријава. Притоа објаснуваше дека таа немала овластувања да дава информации затоа што се чекало на „инструкции од Скопје“. Но ни го потврди тоа што веќе беше јасно, дека на штедната книшка нема средства. Додека траеше постапката, бевме сведоци како на мобилните телефони на оштетените лица во низа имаше неколку повици со „пријателски“ совети „да не се брза со кривичната пријава, затоа што работата ќе се средела“. Дури во последното јавување беше порачано дека „штедачот може да се соочи со пријава за лажно сведочење“. По разговорот со инспекторот, кој коректно и професионално си ја изврши својата обврска, беше составена пријава против одговорната институција, односно поштата за злоупотреба на штедни влогови.

Сликата во поштата во Штип, исто така, беше непријатна за гледање. Директорката се обидуваше да ја „разводни“ комуникацијата со формални прашања, како „зошто сте дојдени“, иако претходно беше информирана за случајот во злетовската пошта. Таа особено нагласи дека е надлежна само да соопшти дали има средства на книшката. По проверката се врати со сериозен израз на лицето и го одбегна одговорот колку пари останале. Наместо тоа, почна да го распрашува старецот што оддаваше впечаток дека се „сомнева“ во тоа што е внесено во штедната книшка. Откако ѝ беше посочено дека треба да престане „со истрагата“, која силно го вознемири старецот, тој се расплака и кратко одговори дека целиот живот чесно си ги заработувал сите пари и дека се предавани во поштата во Злетово.
Но со ова не престануваат маките на оштетените штедачи, кои сега ќе мораат да бараат одговори на прашањата, како што велат, во седиштето на Еуростандард банка во Скопје. Во врска со пријавата што беше поднесена во поштата во Штип, одговорот на правното лице во банката беше дека тој не им е доставен и дека не ни очекуваат да им биде испратен.

Од начинот на кој се однесуваат инволвираните страни во врска со најновата финансиска афера во Македонија се јавуваат многу сомнежи и прашања како е можно толку долго да остане незабележано ваквото работење во поштата во Злетово. „Нова Македонија“ во наредните денови ќе продолжи со истражувањето и ќе се обиде да даде одговор за тоа дали е во прашање финансиска афера. Ако е, тогаш колку тежи таа, колкав е бројот на оштетените граѓани, дали стојат и други лица или институции во заднината? Кои се обврските на надлежните финансиски институции во земјата во вакви случаи? Зошто за овој случај неколку дена нема информации во медиумите и зошто за тоа не се информира во полициските билтени? И, на крајот, за најважното прашање, дали штедачите ќе ги заштитат своите законски права и дали надлежните институции ефикасно ќе го завршат својот дел од работата? Сепак, станува збор за стари лица, кои се доведени на работ егзистенцијата и ги чекаат овие пари за да извршат неизбежните операции и да го продолжат старечкиот живот.

Екипа на „Нова Македонија“