Еден од најчесто користените лекови во фенг шуи е огледалото, предмет што може да го пронајдеме во секој дом. Во фенг шуи огледалото се употребува за корекција на некои неправилности во просторот, но и за активирање на протокот на позитивната енергија.

При изборот на местото каде ќе се постави огледалото треба да се земе предвид дека огледалото го удвојува сето она што се огледува во него. Затоа огледалото што се наоѓа спроти неред и ѓубре ќе ја дуплира негативната енергија, додека огледалото во кое се огледува нешто убаво и вредно (како на пример, украс, слики или убаво уредена маса) ќе ја удвои позитивната енергија. Токму затоа внимавајте каков е одразот на огледалото во вашиот дом, бидејќи огледалото е одраз на сѐ она што се огледува во него.

Ова парче стакло изобилува со симболичко значење уште многу одамна. Состав е на разни митови, легенди и приказни.

Освен положбата, важен е и изгледот на огледалото. Тоа, секако, треба да биде едноделно, па така мозаик-огледалата и оние изработени од повеќе делови никако не се препорачуваат. Во фенг шуи не е поволно кога сликата се прекршува на повеќе делови. Затоа секогаш треба да се избира големо огледало од еден дел, фино обработено или со украсна рамка.

Огледалото рефлектира енергија и ја привлекува и ја зголемува светлината во просторот. Како дел од ентериерот може да ги отвори темните делови и да направи просторот да изгледа поголем и пораскошен.

Огледалата според фенг шуи се користат за зголемување на просторот и за позитивна енергија. Огледалото е средство за забрзување и за пренасочување на енергијата чи, која се користи за исправање на неправилностите во просторот како и за активирање на текот на позитивна енергија во домот. Доколку го поставите погрешно тоа ќе ја оттргне позитивната енергија од вашиот дом.

Доколку го поставите огледалото во внатрешната страна на вратата на ормарот, треба да се внимава во него сè да е уредно наместено. За поттикнување на благосостојбата се препорачува спроти огледалата да се поставува вазна со цвеќе или здраво растение, кутија со накит или некој уметнички предмет.

Никако не се препорачува да се постави огледало спроти влезот во домот бидејќи во тој случај целата енергија би се одбивала од него и веднаш би излегувала надвор. Освен тоа, пожелно е да се избегнуваат огледалата во кујната за да не се удвојува „огнот“ од шпоретот (премногу огнени елементи може да им влијаат негативно на домашните). Исто така, огледалото не треба да се поставува во спалната соба наспроти креветот. Огледалото може да го попречува сонот, а во традиционалното фенг шуи тоа се смета за трета личност во бракот. Без разлика на тоа дали е на покривот, ѕидот или орманот, доколку се спроти некоја личност додека спие може да предизвика болест кај личноста што се огледува. Ако не сте во состојба да го тргнете огледалото од спалната соба, тогаш прекривајте го со чаршаф додека спиете.

Во огледалата не треба да се одразуваат тоалет, канти за ѓубре, насобран неред или нечистотија од каков било вид.

Пронајдете добра позиција на своето огледало, одржувајте го чисто и уживајте во благотворното струење на удвоената позитивна енергија во вашиот дом.