Фото: Дарко Андоновски

Речиси по три децении управување „одозгора“ или примена на различни концепти и стратегии на „Западот“, нивно повторување на мантрите за нашите европерспективи, се поставува легитимно прашањето – до каде стигна нашиот регион, а имено по нивно именуван како „Западен Балкан“. Имено, што всушност има или доби регионот именуван како Западен Балкан од ветениот просперитет и стабилност?

Речиси по три децении управување „одозгора“ или примена на различни концепти и стратегии на „Западот“, нивно повторување на мантрите за нашите европерспективи, се поставува легитимно прашањето – до каде стигна нашиот регион, а имено по нивно именуван како „Западен Балкан“. Оние аналитичари од регионов, кои се најреални, строги но најпринципиелни во своите оцени, го наоѓаат одговорот во два збора – до никаде! Имено, што всушност имаме како Западен Балкан од ветениот просперитет и стабилност? Тешко дека од тие западни применети политики резултатот е повеќе од сеприсутна голема невработеност, сиромаштија и иселување, пропаст на јавните политики и континуирано урнисување на стопанството. Па каде се нивната формула и поттик за одржливиот развој и регионална интеграција на нашиот регион, како составен дел од развиениот „запад“?
Во последно време, пак, се бележи еден друг тренд. Повторно негативен, се разбира.

Имено, до неодамна замрзнатите жаришта на Западен Балкан забрзано се „одмрзнуваат“, поради што регионот станува упориште на сѐ поизразеното ривалство на Западот и на Русија. Нивните односи во последниве години, најлоши од времето на Студената војна, ги обележува директно соочување, кое предизвика цела низа ескалирачки кризи – од кои онаа украинската и војната во Сирија, секако значително влијаеја и на геополитичкото рекомпонирање во просторот на регионов. Имено, новата „студена војна“ (или постојано тлеечката), која се одвива на просторот на Блискиот Исток, Црвено Море и Персискиот Залив, има тенденција на ширење на целиот басен на Средоземјето, а со тоа и на Балканот. Секоја од наведените спротивставени страни (покрај Турција, Кина, Иран и Саудиска Арабија) настојува да ја трансформира геополитичката улога и важноста на регионот, па во целости (или барем делумно) да го вовлече во доменот на своите цели на интерес. Бидејќи слабите држави од регионот (било да станува збор за слабите членки на ЕУ – Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија и Грција, или слабите држави на Западен Балкан) немаат заеднички институционални механизми за дипломатска, политичка, безбедносна, па дури ниту стопанска соработка со чија помош Балканот би можел да стане геополитички субјект, регионот веќе со децении е само несреќен геополитички објект или експериментален лонец во кој големите сили отват познати рецептури.

Ќе ги земе ли конечно некој работите во свои раце во регионов?

Во периодот по Студената војна, САД и НАТО го ставија регионот под своја капа. Меѓутоа, преокупирани со други нешта (или војни), Балканот го предадоа во рацете на „големиот волшебник“ – Европската Унија (ЕУ), која требаше стопански и вредносно да го ревитализира регионот. Бидејќи оваа (не)принципиелна екипа само максимално го опустоши Западен Балкан (од стопанските ресурси до човечкиот капитал) и притоа дозволи и некои други да имаат корист (Русија и Турција), Американците, Британците и НАТО одлучија повторно да ги земат работите во свои раце. Така, земјите од девастираниот бившојугословенски простор, во најбрзо можно време, со убаво или на сила, треба да станат членки на НАТО, зашто веќе нема време за чекање.
Уште пред две години почнаа сериозни активности за „промоција на демократијата“ во регионот – дипломатско убедување или притисоци, а понекогаш и отворени закани.

Ситуацијата ја компликува и руското влијание во регионот, бидејќи оваа евроазиска сила во последните децении, воено, економски и политички е многу присутна на Балканот, ,,кој НАТО го смета за свој двор“. Несомнено, Балканот е многу важен и за Русија (како излез на Јадранско Море), но сепак не ѝ е толку важен како Украина (Крим е клучен за контрола на Црно Море), или Сирија (руските воени бази на Медитеранот). Иако Русија веќе не го смета Балканот за регион што влегува во нејзината сфера на интерес, сепак не ѝ е ни накрај памет да се повлече од Балканот, првенствено поради лимитирани, но многу важни цели. Имено, за Русија, која е силно фокусирана на енергетскиот сектор, Балканот е важно транзитно средиште за транспорт на руската нафта и гас спрема земјите на Западна Европа. Токму со трасата преку Балканот, Русија ја заобиколува Украина, што ѝ е необично важно. Од друга страна, Балканот, со кој Русија ја поврзуваат традиционални православни и пансловенски врски, претставува регион во кој таа може дополнително да го засили своето меѓународно влијание и постепено да се врати на тронот на меѓународната политика.
Русија беше против членството на Црна Гора во НАТО, против членството на Македонија и посакува Србија да го задржи неутралниот статус. Меѓутоа, бидејќи овие земји имаат всушност многу ограничени воени, но и секакви други потенцијали, Русија не смета дека нивниот влез во НАТО претставува директна воена закана за нејзините национални интереси. Затоа не ни презема нешто којзнае што. Сепак, Русија настојува да го спречи понатамошното ширење на НАТО спрема Украина и Грузија, кои за неа претставуваат извори на вистинска безбедносна закана. Затоа, во овој момент настојува да го забави, а ако и се даде можност, можеби и целосно да го спречи понатамошното ширење на НАТО во регионот. На Русија ѝ одговара ситуацијата статус кво, односно одржување на турлитава-ситуацијата што на балканскиот простор го создадоа западните, „атлантските сили“.

Трите „енигми“ во регионот на Западен Балкан

Трите сѐ уште нерешени кризи на просторот на регионот – Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, ескалираат значително повеќе поради повеќедимензионалните (најнапред трговски) конфликтни интереси на големите сили и нивните настојувања за целосно (САД, НАТО, ЕУ) или делумно (Русија, Турција) отворање на чадорот над регионот.

За Македонија, помалку или повеќе, во последно време се крева маглата за работите што се случуваат. Иако станува збор за долгогодишен билатерален спор меѓу Грција и Македонија, можеби еден латентен момент повторно излегува на виделина. Имено, еден од главните интересенти и генератори за промена на името на државата во македонската политика, се всушност Албанците, кои стануваат сѐ посилни, особено во законодавниот дом. Познато е дека Албанците бараат ревизија на историјата. Идејата за албанското национално обединување е многу жива, а нејзината реализација зависи од „смртта“, федерализацијата или распадот на Македонија. Но и тие можеби уште малку ќе почекаат додека не се истуркаат приоритетните промени во Уставот на Република Македонија. Но сепак, наскоро ќе дојде времето да бидат ставени и тие на агендата за имплементација.

Кога станува збор за Косово, иницијативите на Александар Вучиќ и на Хашим Тачи (корекција на границите или поделба на Косово) се креирани од страна на големите сили, а под нивните притисоци на двајцата претседатели им се падна несреќната судбина да ги претстават пред сопствената јавност. Според нив двајцата, Вучиќ – Тачи, но и нивните надворешни спонзори, ваквиот договор ќе реши една од најексплозивните кризи во регионот. Меѓутоа, двата иницијални предлога, без оглед на нивните разлики, водат кон редефинирање на границите меѓу Србите и Албанците, што всушност подразбира размена на териториите и население меѓу двете држави. Тоа значи дека спогодбата Вучиќ – Тачи може да предизвика тектонски процеси во регионот (отворање на прашањето за границите на БиХ и на Македонија), што несомнено би водело кон нови судири, а според некои процени би можело да придвижи и миграциски бран од два милиона бегалци, кои би побарале прибежиште, каде на друго место ако не во земјите-членки на ЕУ.

Што се однесува до Босна и Херцеговина, по повеќе од петнаесет години од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, забележливо е дека меѓународната заедница не успеа да ја стабилизира Босна и Херцеговина, а не пак да создаде функционална држава со ефикасни заеднички институции. Дејтонската спогодба, направена како резултат на компромисот на завојуваните страни и меѓународните актери, ја уважи етничката поделба на Босна и Херцеговина, постигната со воени судири и етничко чистење, и воспостави меѓународен суверенитет на земјата во постојните граници. Оваа контрадикторност, произлезена од Дејтонскиот договор, со текот на времето доведе до целосен застој во функционирањето на државата (протекторат). На општите избори во БиХ учествуваа 58 партии, 36 коалиции и 34 независни кандидати, а граѓаните избираа помеѓу повеќе од 7.000 кандидати. Во текот на кампањата беа отворени некои од потенцијално експлозивните прашања – разграничување со Србија (со оглед на разграничувањето меѓу Србија и Косово), прашањето на внатрешната структура (укинување на конститутивноста како основа на рамноправноста на трите народи и афирмацијата на принципот „еден човек, еден глас“), како и воспоставување трет ентитет (по што секој од народите би имал своја „држава во држава“). Сомнителните избирачки списоци, големиот пораст на бројот на гласовите од странство, 200.000 гласачи повеќе отколку што има издадено лични карти… беа некои од обележјата на неодамнешните избори во БиХ, за кои многумина сметаат дека се најважните од потпишувањето на Дејтонскиот договор во 1995 година.

Во написот се користени делови од анализата на д-р Јадранка Половиќ, која пишува за „Геополитика“

За Русија, која е силно фокусирана на енергетскиот сктор, Балканот е важно транзитно средиште за транспорт на руската нафта и гас спрема земјите на Западна Европа