Фото: Маја Јаневска Илиева

Презадоволен сум од прикажаната игра на турнирот. Победа против осмата селекција од последното ЕП, Србија, тесен пораз од Унгарија, која беше 10-та на ЕП, и победите против Полска и Црна Гора се одличен и евидентен показател дека нашата игра оди во нагорна линија – изјави селекторот Данило Брестовац

Македонската машка кадетска репрезентација составена од ракометари родени во 2000 г. и помали, го освои второто место на меѓународниот турнир, кој изминативе три дена се одигруваше во салата „Автокоманда“ во Скопје, откако во последниот решавачки меч од турнирот беше минимално поразена од селекцијата на Унгарија (19-20), која заврши како победник на турнирот. Селекцијата на Полска заврши на третото место.
Во сите пет одиграни натпревари на турнирот, кадетите од А-селекцијата на Македонија покажаа одлична и квалитетна игра, која навестува добар резултат и добар пласман на Светското кадетско првенство (СП), кое во август идната година ќе се игра во Македонија.

Како потврда на тоа доаѓа и фактот што селекциите на Унгарија, Полска и на Србија беа дел од ЕП од А-дивизијата, додека, пак, Македонија и Црна Гора играа на ЕХФ-шампионатите од Б-дивизијата. Македонските кадети покажаа супериорна игра над селекциите на Србија (24-18), Полска (25-22), Црна Гора (29-25) и Б-селекцијата на Македонија (25-21), додека, пак, минимално беа поразени од Унгарија (19-20).

– Презадоволен сум од прикажаната игра на турнирот. Победа против осмата селекција од последното ЕП, Србија, тесен пораз од Унгарија, која беше 10-та на ЕП, и победите против Полска и Црна Гора се одличен и евидентен показател дека нашата игра оди во нагорна линија што е за поздравување. Пред нас се уште осум месеци за дополнителна работа, напредок и корекција на играта за уште поподготвени да го дочекаме почетокот на СП – изјави селекторот Данило Брестовац.

Оваа добра игра и низата победи, доаѓа во вистински момент за оваа генерација млади ракометари, кои во пресрет на СП треба да градат победнички дух и менталитет и да го подигнат нивото на самодовербата.