Берачите на смрчки во Кавадарци добиваат само по 300 денари за килограм, но ако ги однесат во Битола може да заработат уште 500 денари бидејќи таму нивната откупна цена е 800 денари за килограм

Ѕвончестата смрчка, смрчковката, е првата ластовичка меѓу габите. Излегува веќе кон крајот на март и расте до крајот на април. На огромно задоволство на љубителите на овој вид печурки, во Тиквешијата оваа година ги има во изобилство. Најпрвин се појавија во лозјата, крај патиштата, по насипите и тревниците, во близината на потоци и реки каде што има доволно влага. Во почетокот на април вистинските сладокусци веќе почнаа да ја берат смрчката во планинскиот дел под Кожуф и на Козјак. Овие информации ни ги потврди и Љупчо Тодорчев од Кавадарци, агроном по професија, страстен љубител на печурките и долгогодишен ловџија.

– Во викендот за велигденските празници жителите од селото Рожден само за еден ден во околината на Дупкарево береле по 20 килограми смрчки. За жал, берачите на смрчки во Кавадарци добиваат само по 300 денари за килограм, но ако ги однесат во Битола може да заработат уште 500 денари бидејќи таму нивната откупна цена е 800 денари за килограм. Најверојатно станува збор за откупни пунктови на фирми што имаат дозвола за собирање и откуп на диворастечки плодови меѓу кои е и смрчката – вели Тодорчев.

Дознаваме дека откупените количества смрчка се исклучиво за извоз бидејќи не се продаваат на македонскиот пазар. Добрите познавачи на овој вид печурка прогнозираат дека доколку временските услови бидат поволни, смрчката ќе ја има до крајот на април на повисоките делови, како на Трибор.

Љупчо Тодорчев минатата година имал можност да престојува со некој Французин на Козјак, кој ги пробал смрчките од овој крај и бил воодушевен од нивниот квалитет. Тој потврдил дека во ресторан во Франција една чинија со само 5 смрчки чини и до 300 евра. Но не само во Франција, смрчката е барана и во Македонија бидејќи минатата година на Љупчо Тодорчев угостител од Струга му понудил 2.500 денари за килограм.

– Јас сум човек што ја сака планината и секое слободно време го поминува таму.
Мислам дека нема поголемо богатство од планината, а смрчките не би ги продал ни за злато. Целиот мој живот берам боровинки, малини и капини за свои потреби, ги конзервирам и ги користам во текот на целата година. Од печурките берам смрчки, срдач и лисичарка и нема јадење во кое не ставам печурки, за мене тие се бесценети – објаснува Љупчо.

Она што е важно за сите собирачи на смрчката е дека тие се наоѓаат меѓу безопасните и вкусни дарови на природата. Сите смрчки се јадат, а најголем број од нив се со врвен квалитет. Општо земено, сите смрчки можат да се поделат на две големи групи вистински смрчки (morchella) и нетипчни или смрчковки (mitrorhora). „Вистинските смрчки се за барем две категории поквалитетни од смрчковките иако и вторите претставуваат вистинска свеченост за среќникот што го открил нивното скривалиште“, ќе напише Санде Стојчевски во книгата „Ни ден без габи“. Ако ги сакате смрчките тогаш побрзајте затоа што дивите свињи ги обожаваат, а планината е нивен дом.