И јас сум пеел за НАТО

Кој пее, зло не мисли, така беседел нашиот народ. И во право е. Ама, пак, никаде не е кажано дека кој пее, не значи дека зло не поддржува. А НАТО е зло, сакале вие тоа да си го признаете или не. Ќе се запее ли нешто весело за масакрираните деца низ Блискиот Исток во чии соништа влетаа НАТО-проектили, ќе се поѕенѕа ли за сите силувани жени, за умрените од рак од прекрасниот НАТО-осиромашен ураниум? Знам, одвратен сум

2008 година: „Ќе ве примиме во НАТО кога ќе го решите спорот за името со Грците“
2018 година: „Ќе ве примиме во НАТО кога ќе го решите спорот за името со Македонците“
Вака е како што прочитавте. Никако поинаку. Зоки и Рада можат до утре да ве убедуваат во спротивното, ако ви се живее при очи слепи, верувајте им. Досега Грците имаа спор за нашето име, отсега окторираните, квислинзите, платените, хистеричните, обезумените ќе имаат проблем за нашето име. До вчера ние Македонците им пречевме на Грците, од денес им пречиме и на Северноцрпнатите. И тие ќе пробаат да нè уништат, ако затреба и физички.

Ристо Вртев на времето пееше: „Таа е темница, која голта сè што е живо, во мене и во тебе“, пееше против војната, а вечерва ќе пее во чест на НАТО. Ќе ги воспева господарите на војната. И „Љубојна“ и „Баклава“ и „Фолтин“ и САФ и Дуке ќе пеат за НАТО. Срцето ме заболе. Над 500.000 цивили се убиени во авантурите на „мирољубивата“ алијанса. Нивните термини, колатерална штета и убиени во пријателски оган, зар не е тоа толку прекрасно што на човек веднаш му доаѓа да запее. Стотици илјади мажи, жени, деца и старци исчезнаа од лицето на Земјата онаму каде што маршираа НАТО-војските. Ќе се пее во чест на воена алијанса што ти порачува дека без промена на името и идентитетот, нема членство кај нив. Ем се најголемите планетарни убијци, ем бараат од тебе да се ликвидираш како постоење. И ти им пееш. Фали само уште чочек пред тунелот на македонскиот безизлез.
Кој пее, зло не мисли, така беседел нашиот народ. И во право е. Ама, пак, никаде не е кажано дека кој пее, не значи дека зло не поддржува. А НАТО е зло, сакале вие тоа да си го признаете или не. Ќе се запее ли нешто весело за масакрираните деца низ Блискиот Исток во чии соништа влетаа НАТО-проектили, ќе се поѕенѕа ли за сите силувани жени, за умрените од рак од прекрасниот НАТО-осиромашен ураниум? Знам, одвратен сум. И јас сум пеел. За НАТО. Еве, ќе ви споделам. Ова е песна, за НАТО песна, ама бидејќи се стихови, ќе одземат голем простор од колумнава, па затоа ќе ви ги наредам и одвојам со три точки. А еве што сум пеел, во чест на НАТО.
Светот е детско игралиште… Минско поле за да си играат невините… Детска игра, куц-камен… Креда исцртана врз асфалтот на смртта… Скокај, дете, на една нога до пеколот

Светот е роденденска забава… И проектилите за масовно уништување… И ракетите со дострел до твоите соништа… Се шарени свеќички врз тортата на смртта… Огномет за крајот на животот… А кловновите на ужасот… Под маските со хистерична смеа… Ги затвораат за тебе подароците на постоењето
Светот е свадба… Ѓаволот се жени со воените профитери… Бескрајно оро за лажни миротворци… Сценаристи на постојаната апокалипса… И ороводците ја силуваат невестата… И бајонетот ја кине невиноста… А крвта на чаршафот и последната воздишка… Се воени трофеи од крвавата веселба
Светот е шоу… Маркетинг-кампања за дум-дум и напалм… Пријателскиот оган е одобрен од експертите… Колатералната штета е препорачана од докторите… Дебатна емисија… Во која секогаш се согласуваат… Религиските фанатици, силувачите на верата… И модерните научници, џелатите на уката… Убиј го различниот од себе… Вирус за послабиот од тебе… А шоуто мора да продолжи… Додека има осиромашен ураниум во камерите
Светот е рајска градина… Во која цвеќињата на животот… Ги полеваат господарите на смртта
Ете, така сум му пеел на НАТО. И уште вака:
Свежо исечкано детство… По воена кампања… Што ќе ти донесе напалм-демократија од небото… Зачинето мелено месо… Семеен оброк од сервирано семејство… Кое се нашло на погрешно место… Во погрешно време… Во својот дом… Кога готвачите на човечките судбини… Одлучиле да им донесат слобода… На оние глупаци што токму тогаш… Одлучиле да спијат… Семеен оброк од испечено семејство… За да уживаат сладокусците, гурманите… Во своите удобни фотелји… Пред своите моќни телевизори… Вести за двајца… Гарнир од човечки животи… Во експрес-лонецот… На нашата цивилизација.

Сепак, не е мое да судам. Ова сè уште е слободна земја. Кога ќе стане и официјално Република Северна Македонија, за нас Македонците нема да биде слободна земја. Искрено, не се лутам, можеби малку, но вистински сум бескрајно и неизлечиво тажен. За мене вашата креативност, мислам на овие што сум ги споменал, секогаш ќе остане генијална креативност. На вашата музика сум растел, сум се вљубувал, сум паѓал, сум се подигал. Тоа нема да се промени. Јас и онака сум илјадапати полош од вас, погрешен од сите вас заедно, помизерен, победен, понедостоен од секоја ваша пауза меѓу две ноти, и тоа искрено го мислам. Ама едно знам, и тоа е вистина.
Јас сум Македонец. Од Република Македонија. И никој нема право да ми го одземе тоа. Да ме преименува мене или мојата татковина. Затоа што правото на самоидентификација ми е загарантирано. Секој обид да ми го сменат името од кое ми произлегува идентитетот ќе го сметам за насилство, а тој што ми го прави тоа, за насилник. И ќе се бранам од насилството колку и да е тоа моќно. Затоа што сум човек, не роб, човек со слободна волја, со слободен дух. И не прифаќам никакви нацистички договори за мое преименување. Јас не прифаќам Северна Македонија. Никогаш нема да бидам граѓанин на Република Северна Македонија по националност. А НАТО е злосторничка организација. Убијци на жени и на деца. Окупатори. Воени профитери. Трговци со живот, нафта и опиум. И тие ме уценуваат. Или ќе прифатам нацистички договор за укинување на мојот идентитет преку промена на уставното име или не ме примале. Е па, фала ти НАТО, збогум, никогаш не си ми ни требал.
Се надевам дека ве прелажале, дека ви подметнале, дека никогаш не би поддржале промена на името, укинување на македонскиот идентитет заради влез во НАТО. Се надевам и се молам на бога дека вечерва нема да излезете на сцената и, ветувам, јавно ќе ви се извинам што сум ве прозвал.