Очекува нова победа против Загреб: Стојанче Стоилов

Откако се игра ракометниот фајналфор во ЛШ, ниту еден клуб не ја прокоцкал стекнатата предност од девет гола на гости во осминафиналниот реванш

Ракометарите на Вардар се на чекор до пласман во четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ). Убедливата победа на гости против Загреб од 27-18, односно предноста од дури девет гола во првиот осминафинален натпревар, доволно говори дека денеска (19.30 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ реваншот треба да биде само обична формалност за скопјани.

– Имаме одличен резултат од првиот меч, но нема опуштање оти Загреб е одлична екипа. Мораме да продолжиме во наш стил и сериозно да го одиграме реваншот. Ќе настојувам да играат што повеќе ракометари и на тој начин играчите да добијат поголема самодоверба за следниот меч што нѐ очекува – вели Роберто Парондо, вардаровиот тренер пред возвратниот меч со Загреб, двократниот европски шампион (1992 и 1993) и 27-кратен на Хрватска, Загреб.

И статистиката е на страната на Вардар. Откако се игра завршниот фајналфор (сезона 2009-2010), ниту еден клуб стекнатата предноста од девет гола на гости, не ја прокоцкал во реваншот на свој терен, во осминафиналето во ЛШ.

Така, досега на гости (2013 година), со девет гола предност успеале да слават германски Хамбург против Целје (38-29), а во реваншот пак, Словенците да минусираат три гола (31-28), шпански Атлетико (2012), триумфирал кај швајцарски Кадетен со 36-27, а во реваншот загубил со четири гола (26-30). И третпат истото тоа се случило (2012), кога дански Копенхаген славел со девет гола на гости кај шведски Савехоф (34-25), а и во реваншот го потврдил четвртфиналниот пласман со нова победа (26-24).

Најголема предност воопшто во оваа фаза во ЛШ откако се игра фајналфрот, постигнале полски Киелце на свој терен против бундеслигашот Левен 41-17 (плус 24 гола) во 2018 година и шпанска Барселона, која во 2016 година на гости кај дански Алборг славела со 20 гола разлика (31-11).

Вардар и Загреб досега во ЛШ се сретнале девет пати, а резултатот е нерешен, двете екипи имаат по четири победи, а еден дуел завршил без победник, но во последните две сезони, четири пати ги одмериле силите, а скопјани славеле трипати. Поуспешниот од овој двомеч во четврт-финалето ќе ги одмери силите со подобриот од унгарски Сегед и полски Висла.